Монах Григориј Круг

✤✣✤

 За иконата на Сретение Господово

✤✣✤

Сретение е средба на старецот Симеон со Бога. Целиот Стар Завет го дочека исполнувањето на желбата на „своите молитви“. Симеон, старец со воздржание во животот, откако дочека длабока старост го доживеа на крај денот кога беше просветен; тој Го прими во своите раце Бога поради што  и беше наречен Богопримец. Така тој го дочека исполнувањето на своите надежи и ја понесе на своите раце утехата на Израилот во Христос Емануил. 

Старецот Симеон, според Преданието свештеник на Ерусалимскиот храм, поради своето неверие беше осуден на длабока старост за да би можел да се увери во доаѓањето Христово; тој доживеа и да Го види, и на раце да Го понеси Христа. И празникот Сретение, како и иконата на празникот, се израз на радост поради исполнувањето на Старозаветните ветувања за Христовото доаѓање. Во Симеон како да се собрала сето старозаветна благочестие и сета неугасена жед на јудејскиот свет да се сретне со Спасителот. Но само нему му беше дадено да Го доживее ова и со свои очи да Го види Христа. Тој го дочека тоа и се сретна со четириесетдневниот Господ, Кого што Богомајката и Јосиф Обручник Го донесоа во храмот за да го исполнат законот.

На иконата старец Симеон е изобразен како во своите раце Го држи Спасителот. Секоја црта на старчевото лице како да ја изразува со тоа држење на Господ во своите раце, суштината на сите старозаветни надежи. Старецот е наведнат над Богомладенецот, секоја линија на неговото тело како да е насочена кон Спасителот, и со тој наведнат став тој како да станува сад во којшто се влева благодат, додека неговите раце, мирни и прекриени со краевите од одеждата, прават престол за Спасителот. 

Спасителот е претставен како седи на рацете Симеонови, но не како обично новороденче, туку како четириесетдневен цар на престолот. Христос со Својата десна рака го благословува Симеон, кој е наведнат над Него, а во левата има свиток со којшто го разрешува од гревовите. На иконата на Сретение Спасителот со лицето не е свртен кон Мајката, туку кон Симеон, и таквата положба на Христовата глава укажува на особеноста на Неговото служење, која се препознава и тогаш, кога на Преполовение на Пасха, дванаесетгодишниот Христос како да ја игнорира Мајката додека беседи со свештениците на Ерусалимскиот храм. Тоа занемарување на семејството е нагласено со целата композиција на иконата, со распоредот на нејзините ликови.

На средината на иконата не е изобразен некаков човечки лик, туку престол со архиволт на столбовите. И престолот и столбовите на коишто се држи архиволтот како да ја делат иконата на два дела. Од една страна се изобразени ликовите на Мајката Божја и Јосиф Обручник, а од другата на Симеон и пророчицата Ана кои се дојдени на Сретение со Христа. Јосиф Обручник во рацете носи два гулаби, жртви кои се принесуваат при обредот. Тие два гулаби Црквата ги толкува како праобрази на јудејскиот и паганскиот свет. Мајката Божја е наведната, со положба на рацете како да Го носи Спасителот: Мајката Божја како да Го носи Спасителот, но Спасителот не е повеќе во Нејзините раце: Него Го држи Симеон Богопримец, и престолот на самата средина од иконата, којшто се наоѓа помеѓу Мајката Божја и Христос на рацете Симеонови, прави како некаква ненадминлива препрека. Мајката Божја е претставена како да е лишена од Спасителот; целиот Нејзин лик со рацете наведнати како Спасителот да е сѐ уште во нив, изразува неискажлива тага. Тоа е предзнак на идното мајчинско страдање на Мајката Божја, проречено од Симеон: „А и тебе самата, меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца“ (Лк, 2, 35).

И положбата на рацете на Мајката Божја, и целото Нејзино држење изразува претчувство дека таа ќе Го изгуби Синот; а тоа Мајката Божја и го поднела стоејќи крај крстот.

Сретението припаѓа на Големите празници со коишто се слави Христос, но според богослужбената содржина е близок до празниците посветени на Богородица, и првично, кога настанал, е сметан за празник со којшто се слави Мајката Божја. На иконата, ликовите на Христа и Мајката Божја имаат исто значење: Младенецот Спасител седи на рацете од Богопримецот Симеон, кој, пак, на свои раце Го примил Спасителот, символизирајќи го така старозаветниот свет кој се исполнува со Божественото; и Мајката Божја, која тргна на крстниот пат, и која Го дава својот Син поради спасението на светот. И целата композиција на иконата е одраз на двојната природа на празникот: радоста на Црквата за Сретението и страдалната тага на Великата Седмица, односно она за што зборуваше Симеон Богопримец и што им даде пророчка смисла на неговите зборови: „Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, и е знак против Кого ќе се говори“ (Лк. 2, 34). Овие зборови се полни со есхатолошка смисла која се однесува на Спасителовото служење во целина, за да се исполни кажаното (за крајот на времето и надежта во доаѓањето на Судот и Идниот век). По својата смисла есхатолошки се и зборовите упатени кон Мајката Божја: „Ќе ги понесеш сите таги на светот поради спасението на паднатиот човечки род“.

Извор: Бигорски манастир