Ова е предизвикувачко време за нови искуства, би се рекло една можност за рестартирање на нашиот навидум „застарен“ софтвер преземен од лукав и силен „соперник“ (читај: систем), којшто често со себе носи голема моќ и контрола; којшто, впрочем, откако го беше оддалечил човештвото од правилниот курс на пловење, ни го одзел милиот човек од себеси. Го одделил детето од мајка си. Денес сме сведоци на тоа дека човештвото „појде во барата“, а човекот длабоко завлегол во еден навидум безопасен ритуал, кој во суштина нѐ регрутира нас (децата на светот) за една конкретна идеологија во еден кластер, би рекол, амерички сон: измислена потреба и среќа заснована исклучиво врз материјална основа со плитки темели, материјална благосостојба, консумеризам, хедонизам, безмилосна трка по нешто врз грбот на некого и сл. Човекот одамна станал активен учесник во систем кој го беше потчинил и буквално го присилил да се заложи за значења, коишто во многу случаи се спротивни на неговата природа и насушност.

Меѓутоа, овој злобен глобален smart уред ќе се смета за ефикасен и победник само доколку успее докрај да ги конституира личностите/луѓето како поданици – дефинирани како подобни или неподобни, во однос на нормите и вредностите кои истиот ги генерира. Но, човекот е храбар, а ваквите ситуации и времиња (како ова со коронавирусот) му носат моќни лекции, предизвици и нови почетоци, соочување со себеси, вдахновенија кои отвораат егзистенцијални прашања што чекаат одговори. Згора на тоа, човекот не е кукавица, создаден да живее летаргично во униние, депресивно, поразен во очај. Напротив, тој е победничка твар. Ние, како човештво, мора да го покажеме тоа и во универзумот да пратиме јуначка порака, оти покорните на системот нема да ја наследат земјата, туку храбрите. Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори (Матеј, 7,7).

3.angeli.so.truba

До душа, мора да се одважиме и да признаеме, ама и да бидеме свесни, дека сево ова што му се случува на човека е пораз или опомена; иако докрај војната не е изгубена, ова е изгубена битка – жолт картон, оти, сепак, еден „мал“ вирус го извади од коловоз возот – планетата Земја, ни создаде паника, ни го уништи цел систем, ни ја падна „склопката“, ни ја промени навигацијата ни го турна бродот во провалија и го поремети целокупното наше функционирање, а особено го собори гардот на здравствениот систем. Ами, можеме ли да помислиме што би се случило кога спроти нас би стоел посилен и посериозан непријател? Замислете само, сидата, за која сѐ уште немаме утврдено лек, да се пренесуваше преку воздух! Последиците би биле катастрофални, а ние би биле во нокдаун, од којшто не знам дали би застанале на нозе. Мислам дека, во немоќ да се подигнеме, би го слушале само часовникот како отчукува: тик-так, тик-так, тик-так… Ужас!

Човекот треба сериозно да си ја сфати оваа битка, пред сѐ, како криза на сопствениот идентитет и да се опита: кој е, каде оди и кон Кого, особено каков сака да биде и кому припаѓа или поточно, за што беше создаден. Несомнено е време кога треба да се соочиме со себеси како род и внимателно да размислиме кон што ја насочуваме нашата цивилизација, нашиот труд, каде извисила интелигенцијата на нашиот род. Дали кон создавање на залудни нешта или вистински вредности? Во што се вложило човештвото? Во воена, автомобилска, нуклеарна и др. индустрија и луксузи, или во наука, образование, медицина, уметност и култура? Идејата за развиена цивилизација со високо напредна технологија, чија слава ја целиваме и величаме, без сомнеж во беспрекорен напредок, се покажа дека е само занес, украсно надуван балон, кого што една не толку тврда „игличка“ како корона вирусот, лесно го издувала.

  „  Накрај, за да не бидам непрозрачен и помрачен, сакам да кажам:

    во тешки времиња да имаме бодар дух, да бидеме жизнорадосни и да не се задржуваме на лошите работи. Затоа, мора да ги пуштиме работите да одат! Сѐ што ни се случува е со причина и претставува нов предизвик кој решително треба да го прифатиме. Патем, доколку сте во печал и патила, разбудете се од сонот, очајот во кого западнавте и ослободете се од мракот во кого пребивате, па проветрете го домот со намера светлината на новиот човек да ја сместите во чисти простории. Може нема да ми верувате кога ќе го кажам ова, но вие сте значаен како што е видна и вашата среќа. Затоа, сакам да се разбудиме утре во 5 часот наутро и заеднички да се насмевнеме. Потоа, да се обидеме сами во молитва да го поминеме целиот ден без да се жалиме и роптаме! Во текот на денот, дајте му на некој непознат човек похвала, а кога некој ќе ве запраша како сте, кажете му дека станувате подобри и дека денес станавте во 5 часот само заради насмевка.

Само уште ова, за време на самоизолација, сакам заеднички да созерцаваме, да се преиспитуваме, да не му робуваме на навиките и на системот, да се променуваме за да го пронајдеме новиот човек во новото време, оти Христос навистина бил, но и секогаш е и ќе биде, и сега и тука. Да погледнеме длабоко во нашите срца, во кои е изворот и круната на љубовта (Зашто царството Божјо е во вас внатре (Лк. 17,21)), оти заедно заслужуваме да живееме љубовен и исполнет живот.

Господи, стори светлината на Твојата добрина, убавина и љубов, да заблеска во нашите срца! Амин!



Авторот м-р Влатко Деловски е етнолог и културолог

 

26ти март 2020 лето Господово

 

Извор:https://bigorski.org.mk/kolumni/tik-tak-tik-tak/