Вера во Бог или само традиција?

Сведоци сме дека овие денови во оваа Страдална седмица од Великиот пост, толпа народ ги посетува Црквите. Се има впечаток дека имаме преголем број верници, но дали тоа навистина е така? Во нашата држава има многу Цркви, но за жал има многу малку верници. Ова е жално но вистинито. Овие денови ние забележуваме премногу народ но НЕ во Црквите, туку во ДВОРОВИТЕ од Црквите.

Луѓето седат во дворовите, се смеат, си разговараат, дури слушаме и недолични разговори, пцовки, потсмев кон свештениците, оговарање кон нашите ближни и слично. А најмногу жалам за најмалите дечиња, пуштени во дворовите од Црквите да си палат кибритчиња, како да е тоа некоја традиција со векови и некое значење во Црквата, а тоа што поучуваат свештениците на правилно славење на Бог, тоа воопшто не е важно. Колку пати поучувале дека не е добро да се палат кибритчиња во Црквите, бидејќи на таков празник и на такво свето место се прави една паганизација (познато како паликоси).

Наместо да одиме да го славиме Бог, да оддадеме почит ние одиме таму само за тие кибритчиња. Па зарем толку ни е тешко нам луѓето да влеземе внатре во Црквата? Зарем внатре некој ќе не изеде? Бог е прва и највисока реалност, Бог е Извор на Живот, ние сме деца на грешниот Адам и оваа вистина не ни е очигледна, разумот, волјата, чувствата ни се помрачени со грев. Човекот страда, бидејќи живее далеку од Бог Кој е Извор на живот.

Бог е нашиот Создател, а ние сме созданието. Зарем толку немаме почит кон нашиот Создател, барем во овие денови по еден час во денот за време на богослужбите во Црква, да влеземе внатре и да Му посветиме барем еден единствен час на Бога, поминат во молитва и покајание? Луѓе доаѓаат, најважно им е да запалат свеќи како тоа да е задолжителна работа за нив, влегуваат во Црквата на максимум 5 минути и заминуваат. Толку ли заслужи Бог од нас грешните? Зарем само 5 минути за Него успеавме да одвоиме во денот?

Слушнав како една млада мајка им вели на нејзини познати дека отишла во Црква за да си го направи редот. Кој ред, каков ред? Зарем во Црквата треба да одиме за да го направиме редот, како тоа да е нешто што мора да се направи и потоа да сме раат да не ни тежи.

НЕ, во Црквата се оди од љубов кон Бог, од љубов кон Воскреснатиот Христос, одиме во Црква од љубов, веруваме, сакаме да одиме, сакаме да го славиме Бог, а не да го направиме редот. Нашата вера не се темели на задолжителност, туку на љубов. Ние воопшто не сме принудени да одиме во Црква, Бог ни дал на сите слободна волја и ние можеме да избереме, од нас зависи што ќе избереме. А ќе ни биде така како што сме заслужиле и како што сме избрале.

Жал ми е што на Велигден, на Воскресението Христово околу полноќ дворовите од Црквите се преполни, се чека само да се испее тропарот да се каже Христос воскресе, и толку заврши се, дојде празникот, веднаш заминуваат да слават. НО, не во Црква, туку по ресторани, кафичи, дискотеки. Жалам што не научиле дека токму на полноќ службата почнува, а не завршува. Жалам што на таков празник, така наречените христијани, не одвојуваат 2 часа да присуствуваат на Воскресенската служба. Ние изгледа толку многу паднавме, што за се имаме време во животот освен за нашиот Создател. Имаме време да одиме на кафиња, на прошетки, на концерти, на митинзи, што е најтрагично таму стоиме по 3-4 часа и не се жалиме. А за Црквата Божја наоѓаме само изговори, тешко ни е да станеме секоја недела за на Литургија, тешко ни е да стоиме на служба еден час, тешко ни е да постиме и се вака до бескрај....

 Единствено што знаеме е да си го тераме нашиот живот без Бог, да мислиме на материјалното, а нашата душа ја пуштаме да тоне во бездна, знаеме да ги оговараме нашите блиски, знаеме да им наштетиме, да ги исмеваме свештениците иако тие 10 години и повеќе од нивниот живот го посветиле на Божјата наука и избрале да не водат нас слепите, да ни ја спасат душата,  и тоа е најлесно, најлесно е да бидеме како Јуда. Најтешко е да бидеме како Христос. Сите ние сме грешни, но сите сме повикани на спасение, ако е свештеникот грешен, молитвата не е грешна, Црквата не е грешна, Црквата е тело Христово, Христос е глава на Црквата.
Ако ние не сме членови на Црквата, значи ние не сме во телото Христово, Го немаме Христос како наша Глава, ние сме отпадници. Во Црквата има одговори на сите прашања, Христос има одговор на сите прашања, но за жал нема кој да праша, нема кој да се поучи, кој да се информира. Полесно ни е да тропнеме кај гатачи отколку во Црквата кај свештениците. Но да не заборавиме дека Христос е најдобриот учител. Простете ми...Се надевам дека ова мое искажување ќе вроди плод, и ќе ги поправиме нашите грешки.....ПРОСТИ НИ  ОЧЕ, НЕЗНАЕМЕ ШТО ПРАВИМЕ!

 

Студент на Богословски факултет - Скопје

ВЕЛИКА САБОТА 2019 лето Господово

ПП