Живеејќи денес, во дваесет и првиот век, во пост-христијанската ера, носени од стихиите на „секуларизациската“ вера, постојано се губиме и наоѓаме низ „лавиринтот“ на современиот конформитет и постојано уморни од бранувањето на „универзалната“ култура забораваме на Благиот Глас Кој вика:„Дојдете при Мене сите уморни и обременети и Јас ќе ве успокојам“ . Заборавеноста што не е исклучена не ѐ, туку вклучен е и фактот дека Тој Глас Кој ја објавува Благата Вест е затворен таму во некоја дамнешна епоха и денес веќе не е валиден. Тоа е гласот на Христос, тоа е гласот на Светиот Дух, Кој сведочи за Отецот низ страниците на Евангелието-столбот на Црквата.


Апсурдно е да го прифатиме фактот дека Евангелието во Црквата дејствувало само тогаш и само тогаш било во вaжност, а уште по апсурдно е свето-таинствената Литургија да ја сведеме на театарска претстава во која главни протагонисти се свештенослужителите. И ако благодатната енергија на Утешителот ја затвориме во една капсула наречена „патристичка епоха“, тогаш се одповикуваме на тезата на Владимир Лоски за „раното евангелско детство“ на Црквата, нејзина „патристичка младост“, „схоластичка зрелост“ и се доведуваме до кулминацијата на сплетот од периоди, каде би преостанало да речеме дека таа денеска ја живее својата сенилна старост во оваа т.н. „пост-христијанска епох“ . Не! и повторно не!-радикално „не!“ за ваквиот став.


Црквата, основана на Педесетница, во било кој момент од векторот за нејзиното постоење  кој е во континуитет на движење до есхатонот, ја има истата благодат на Светиот Дух, нема ништо помалку од тоа што ималa тогаш, па дури и нејзината цел е иста да го доближи народот до Христа и Христа до народот. Овие две нешта, дијаметрално спротивни, човекот и Бог, создаденото и несоздаденото, би ги доближила само, и само воплотувајќи го Евангелието во секој сегмент од животот на човекот, исто како што и првите христијански мислители имаа за цел секоја теза од нивните славни трагачи на Бога-античките философи, да ја просветлат со светлината на Евангелието и на секое нивно учење да му дадат литургиско-есхатолошки карактер.       

Евангелието не е просто збирка афоризми, туку е мерата за сѐ и секогаш останува така. Секогаш! се мсли од раѓањето на Црквата па до денес.Христос е вечно млад и непропадлив, па и Црквата како тело Негово е исто така непроменлива и непропадлива. Ака пак Христос е ист вчера и денес и во веки, ако пак и Црквата е иста и вечна, зошто тогаш имаме потреба од цепкање на периоди „рано-христијански“, „патристички“ „пост-патристички“ ... „пост-христијански“?       

Во различни временски епохи, Црквата разгледувала различни прашања кои го засегале тогашниот човек. И ако се загледаме во хабитусот на било кој христијански мислител ќе видиме дека тој се занимавал со она што било во центар на внимание на неговото современие. Но и тој мислител од доцната антика и тој од „патристичката епоха“ и овој денеска гледаат низ истата призма- Евангелието.

Мт 11,28.
V.Lossky, ,,Tradition and Traditions”, in In the Image and Likeness of God, Crestwood N.Y. 1985, 163.

Да! и тој денеска, можебе зачудувачки, но навистина. Заслепени од мракот на прелеста и ниската човекова проценка за аксиоматските норми ни е чудно да слушнеме дека и денеска имаме свети отци - „патристи“ и мислители кои творат во истото темпо како и нивните славни претходници, само ги разгледуваат темите кои го нагризуваат современиот човек во светот. Бидејќи живееме во светот, но сепак не сме од светот. И тука е корелацијата, справувањето со световните работи кои се минливи и менливи, за здобивање на Царството Небесно кое не е од овој свет, но секогаш е исто и секогаш се истите норми кои се бара да се исполнат за да се влезе во него.


Отец Конгар вели дека светот е тој што ја пишува агендата на Црквата и притоа Црквата бара заеднички јазик на кој може да водат дијалог. Ова е потврдено и низ современото богословие, каде политичките принципи ги гледа и истражува со „умот“ на светите апостоли. Тоа е потврдено низ делото „Марксистичко читање на свети Лука“, каде е повеќе од јасно дека Црквата не дава едногласно и радикално негирање на историските (не)прилики туку бара начин да им даде есхатолошка смисла.

Suma sumarum, цел на оваа кратко излагање претставува давање на силен (тврд) акцент на теоријата дека нема посебен период во кој е повикан човекот да заедничари со Бога, нема период кога владеела христијанската мисла, па сега ние само да ги живееме последиците од таа ера, како што неретко схоластички се среќава „пост-христијанска ера“. Одсекогаш сме биле повикани да заедничариме околу Небесниот Леб и денеска сме повикани. Христос одсекогаш нѐ повикувал на заедница со Него и денеска нѐ повикува, колку и да ни изгледа непоимливо, но сепак коректно е да се каже дека христијанската ера е христијанска ера и ние сме христијани кои сме еднакви по дарови на Светиот Дух со оние од првите векови и било кога и затоа сме должни да ја живееме христијанската ера, а не „пост-христијанската“, да го отстраниме метежот на заблудата низ призмата на Евангелието.

 

 

26- ти ноември, лето Господово 2016

 

Авторот е студен на Богословски факултет  во Скопје