Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите?
Мај 23, 2016Кирил Барбареев   

Духовни амблеми на културниот универзум. Изумители на глаголицата. Светци со титулата Еднакви со Апостолите. Прогласени за спиритуални патрони на целата Европа. Задачата  им беше најтешка: слепите да прогледаат, глувите да го чујат зборот на книгата и сите да проговорат на различни јазици.

„Имајќи ги пред нас ликот и делата на Светите Браќа Кирил и Методиј, што треба да сториме и ние за да ги разбереме пораките што светителите веќе 12 столетија ни ги испраќаат? Не ни треба ништо повеќе од тоа, освен да разбереме дека – без Бога и без вистина, дека без добрина и љубов, нема ни минато ни иднина, а уште потешко сегашност. Секој што се потпрел на краткотрајни вредности не отишол никаде и не стигнал далеку, ни во просторот, ни во времето. Ние, за среќа, по милоста божја, и како Македонска земја и народ, имаме личности и потврдени вредности на кои треба и мора да ги потпираме сите свои заложби, и духовни и национални, зашто одамна е речено, а од светителите и потврдено – дека без Бога не можеме ништо да правиме (Јн 15, 5)“.

Македонците  од Солун, Блажениот Кирил и Архиепископот Панонски Методија



Фреска на свс.Кирил и Методиј од св.Петка, Белчишта

Браќата Кирил и Методиј, со епопејата на која ретко да и има рамна и меѓу најстраствените заложници на слободата на човечкиот дух, својот придонес го дадоа во борбата за слобода од заборавот и незнаењето. Оти, што друго толку сигурно го чува паметењето, како пишаниот збор, и го пренесува знаењето, како запишаната мудрост!?

Патријархот го запрашал: „Зошто да се поклонуваме на иконите, кога Бог му рекол на Мојсеј: Не прави …какви било ликови според себе“. На тоа Кирил одговорил: „Да рекол Бог не прави никакви ликови, тогаш ти би бил во право: ама Господ рекол: не прави какви било, т.е. освен достојни. На ова патријархот не можел да одговори и засрамено замолчил.

„Човече, кажи ни како си им ги создал на Словените книгите и ги учиш од нив, што досега никој не измислил, ниту апостолите, ниту римскиот папа“? А ние знаеме само три јазика на кои е достојно во книгите да се слави Бог – еврејски, елински и латински“. Кирил на тоа им одговорил: „ Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви? …

Св. Кирил беше и останува наша најголема света гордост пред другите и наша најсилна духовна тврдина пред оние кои го негираат нашето име, идентитет, јазик, култура, историја и се што е наше македонско. Иако гробот му е далеку од родната Македонија, тој е близу до се што е наше.



Извор: ЕУРИТМИЈА

Кирил Барбареев