Во манастирот посветен на св. Јован Крстител, устроен во IV век крај реката Јордан, во непосредна близина на местото каде што се крстил нашиот Спасител, за првпат после 52 години е отслужена Божествена Литургија, возглавена од Ерусалимскиот Патријарх Теофил, после што следеше и осветување на Јорданските води. Ова торжество привлече голем број на верници од сите страни на земјата, кои посакаа да имаат удел во овој благослов што се симна од небото над Јордан.
„Како и многу други настани од животот на нашиот Господ Исус Христос, кои евангелистите не пропуштиле да ги забележат во Новиот Завет, така и Неговото Свето Крштение на реката Јордан е настан што треба да се одбележува и пример кој треба да се следи. Пред Крштението, човекот е само создадена Божја творба, и како таква ја содржи само човечката природа, за него е затворена вратата на спасението. Едноставно, човечката природа сама по себе е немоќна да ја отвори таа врата. Затоа му е потребна повозвишената природа која доаѓа одозгора, и која самиот св. Јован Крстител ја најавил со зборовите: ‘Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган’ (Матеј, 3,11). И Претечата бил длабоко свесен за немоќта на човечката природа, велејќи: ‘Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките’ (Матеј 3,11). Крштевајќи се, човекот најпосле стапува во допир со втората природа на Возљубениот – божествената. Светата православна Црква запишаа многу живи сведоштва за силата и моќта на Крштението. Имено, има случаи кога самиот чин помогнал крштеваниот младенец којшто се бори за својот живот, после крштението, на чудо на докторите да ја избегне смртта и да добие моќност да тргне по патот на спасението. Сето ова ја сведочи важноста на Крштението во животот на еден Христијанин“, изјави сестра Латина.
За Бигорски од Јордан, сестра Латина Стаменкова
19ти јануари 2019 лето Господово
Извор: Бигорски манастир