Претседателот на Синодалниот Оддел за односи меѓу Црквата и државата на Руската Црква, отец Всеволод Чаплин, изјавил дека Русија им пркоси на силите на злото, и поради тоа ја очекуваат тешки времиња: „Се наоѓаме во посебно време од животот на Русија и целиот свет. Многу нешта укажуваат дека следната година, дури и следните месеци, ќе бидат мошне сложени – како за животот на нашата земја, така и во животот на нејзината околина и целиот свет. Многу контрадикторности се дојдени до точката кога нивното решавање не може да биде одложено за подоцна. И тие може да бидат решени на најразлични начини“, изјавил протојереј Всеволод за време на неговата средба со поклониците и монасите од Спасо-Преображенскиот Соловецки манастир.

Според неговите зборови, Руската Црква и Патријархот Кирил „не се плашат злото да го наречат зло, да ја разоткријат лагата, да зборуваат за тоа дека во светот во кој христијанството го сметаат за одамна мртво, сепак може да се живее во Христа, и тоа не само како единка, туку како заедница и народ.“

- Тоа претставува голем предизвик за силите на злото во последните педесетина години, предизвик за лажниот разум што се обидува да изгради овоземно блаженство без Бога. Ние знаеме дека таквите обиди во 20-от век секогаш доведувале до нешто спротивно – до страдања, масовни убиства, еколошки катастрофи и атомизација на општеството – изјавил тој.

- Денес нашата земја, нашата Црква и лично Светиот Патријарх се пречка на тоа зло. И сите зли сили, и видливи, и невидливи, се креваат против нас. Ние знаеме дека Русија денес ја сметаат за најголем непријател, како да е чедо на пеколот. И денес гледаме како Руската Црква се обидуваат да ја претстават како нешто страшно, нешто што ја задушува човечката слобода, како нешто грозно и одбивно. А многу од овие стрели се упатени токму во личноста на Неговата Светост, Рускиот Патријарх – заклучил Чаплин.

Извор: Интерфакс

Извор: Кумановско- осоговска епархија