Од 9 до 12 февруари годинава во главниот град на Словенија се одржала Меѓународна конференција под покровителство на Меѓународниот општествен фонд за единство на православните народи (МОФЕПН). Мотото на овогодинешната конференција било: „Човечко достоинство, слободи и права: христијанско гледиште“ и на него учество зеле претставници од над 20 држави и државни парламенти, како и поголемиот број Помесни православни цркви. На отворањето пред присутните се обратиле политичари од Словенија и Русија, како и неколку црковни великодостоинственици од Православната, римо-католичката и лутеранската црква. Било прочитано и поздравно писмо испратено до конференцијата од страна на Волоколамскиот Митрополит Иларион, претседател на Одделот за надворешни црковни работи на Московската Патријаршија.


Дел од учесниците на оваа конференција излегле со невообичаено барање за „радикализација на христијанството“. Имено, како што појаснила поранешната амбасадорка на Австрија, г-ѓа Андреа-Анастасија Сандхакер, терминот „радикализација“ во ова барање треба да се сфати во неговиот првичен контекст. „Тој збор произлегува од латинскиот збор radix, што значи корен. Јас многу би сакала токму во тој смисол христијанството да се радикализира, т.е. да се врати кон своите почетни корени и извори“. Според неа, на светот му е потребно обожение, наспроти современите барања за погрешно сфатените ‘слободи’ и ‘достоинства’.

- Единствено кога Бог ќе се врати во центарот на личносното битие, прашањето за човекови права нема да биде актуелно, затоа што при соединувањето со Бога ние сето тоа го добиваме автоматски – заклучила Австријката.

Претставникот на Европското христијанско-политичко движење, Белгиецот г. Лео ван Доесбург, се надоврзал на овој став додавајќи дека една од грешките на современиот свет бил обидот на политиките на ЕУ и САД за создавање на „алтернатива за христијанството“, а тоа, според него, биле „толеранцијата и секуларизмот’.







- Оние, кои се застапуваат за толеранција и секуларизам, не го гледаат главното нешто, односно во самото човеково достоинство тие (намерно или не) не го согледуваат залогот на човековите права. Затоа и се обидуваат да создадат свои псевдоправа, а со самото и да го изопачат сфаќањето на човечката личност – изјавил тој. – Секуларистите сакаат да си играат со поими како „еднаквост“ и „слобода“. Но, на тој начин тие се обидуваат да создадат некакви посебни услови за малцинствата кои навидум ги застапуваат. Сите потребни концепти се изложени во Универзалната декларација за човекови права. Залагајќи се за толеранција кон едните, тие се однесуваат нетолерантно кон другите, унижувајќи ги нивните права и достоинства. Вистинската слобода е единствено во Христа и со Христа, а сè друго се покажува како псевдослобода – потврдил белгискиот политичар.

Како дел од работата на конференцијата бил посетен концентрациониот логор изграден во 1941г. во Љубљана. Според претседателот на МОФЕПН, проф. Валериј Алексеев, потребата за посетување на овие историски споменици е особено важна денес, за современиот човек да биде потсетен на ужасите од Втората светска војна, но и како доказ за спротивставување на нараснувачката нацистичка идеологија со која се соочуваат неколку европски држави.

По завршувањето на конференцијата, ќе биде изготвено комунике кое ќе биде испратено до сите позначајни комисии на Европската Унија и релевантни меѓународни форуми и институции. Изложените говори и дискусии ќе бидат објавени во повеќејазичен зборник.

На маргините од средбата, имигрантите од поранешниот Советски Сојуз упатиле апел до Московската Патријаршија за изградба на руско-српска црква во Марибор.

Инаку, МОФЕПН е основан во април 1995 година. Основна цел на оваа организација е зајакнување на духовните врски меѓу православните народи.

Извор: РИА Новости

Преземено од: Кумановско- осоговска епархија