Karpa.naselba.jpg

+++

Оттука познанието за Света Троица  бива со самата   Света  Троица.
 Човекот сам по себе без помошта на Троичното Божество или  човештвото како колективна единица , не може никогаш да дојде  до вистинското познание   на Троичното Божество. Невозможно е да се љуби Бога  нељубејќи го Синот Божји. 
Ако Бог беше ваш татко, тогаш ќе ме сакавте Мене, бидејќи јас сум излегол и доаѓам од Бога. “ (Јн. 8,42).
Кој не го љуби Христос, докажува дека не е роден од Бога , дека Бог не му е татко.

Кој себе се чувствува како син  на Бог Отецот, мора да го љуби Синот Божји, т.е. братот свој зашто Христос по бескрајното смирение Свое, постана брат наш. 
Совршеното жртвување на самиот себе, слободно и неизнудено жртвување, е јазикот со кој говори Новозаветната љубов .
Да се жртвува својата душа во христијанството не е само совет, туку и заповед. Преку самопжртвуваноста најдобро и најполно се  пројавува слободата на човековата личност. Тоа е надлогично, но е вистинито.
Таа неизнудена жртва Бог ја љуби, а љубовта за Бога  значи награда со вечните блаженства. Да се пронајде душата, преку жртвувањето на душата,  е страшна новозаветна антиномија!
 
Таа постанива јасна единствено низ животниот подвиг на Спасителот. Тој се жртвуваше Себе на крстот и се најде себе си прославен во воскресението.

Тајната на Троичното Божество и тајната  на вселената  Спасителот ни ја откри на Тајната Вечера. Блаженствиото на Троичното Божество е во едносуштноста со љубовта(Јн. 17, 21).  На Тајната Вечера Спасителот  го откри она што Новиот Завет  го прави  -  Нов.
Тоа што Новиот Завет го прави Нов  е љубовта - нова.
 Затоа што Новиот Завет е невозможен без таа   - нова љубов, Христос и ја нарекува таа нова љубов Нова Заповед.
 „ Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг...“ (Јн. 13, 34).
 Без таа нова љубов Новиот  Завет го губи своето обележје, престанува да биде  - нов.
 Љубовта е секогаш нова , зашто во суштина  е Божја , а суштината Божја не старее.
 Оваа новозаветна љубов не може да се меша со ниеден друг вид  на љубов.  Тој  нејзин исклучив карактер  Спасителот Го изразил во зборовите:
„ Како јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“
 (Јн 13, 34). 
Од овие зборови на Спасителот  очигледно е дека ниту  таканаречениот алтруизам, ниту хуманизмот, не можат да се наречат  љубов во Новозаветна смисла.
Само љубејќи  од Христа , љубејќи како што Тој љуби, човекот ја поседува - љубовта која што никогаш не страее, која е секогаш нова, која што Новиот Завет, секогаш го прави свеж , нов и жив!
Таа Христолика љубов е знакот на вистинските следбеници Христови.
 “ По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“
(Јн.13,35).
Речено е  “сите“ за да се покаже со тоа дека  дека Христоликата љубов е јазик на христијанската  личност, јазик, кој што го познава секој човек и секоја твар.

Со што  човекот докажува дека Го љуби Христа?
 На ова прашање Спасителот одговара:
со држењето на заповедите. „ Ако Ме љубите , држете ги Моите заповеди“
 (Јн.14,15).

Љубовта е секогаш деликатна, активна; секогаш во дела.
Таа е секогаш сила и моќ со која  секој Христов збор се воплотува во дело. 
Љубовта не само што Го соединува  човекот со Христа, туку го соединува со Бог Отецот и со луѓето. 
Љубовта ја предизвикува љубовта;
кој што љуби, љубен е.
 Љубовта е најчистото око со кое се открива  сета магија на Личноста Христова.
Единствено на Христољубивата личност и се дава  неискажливо Христоспознание.
 На човекот  кој што љуби  со Христолика  љубов Му се открива Бог и Му се јавува Христос.

Завршниот стадиум на совршенството на човековата личност се постигнува со полнотата на  Богочовечката љубов. Низ полнотата на таа љубов се постигнува реално единство на човечката личност со Светата Троица. Таа полнота на блаженствата ја постигнуваат само  најполните христијански личности, а не светот , као целина, воопшто. Апостолот Јуда Го прашува Христа на Тајната Вечера:
Му рече Јуда, не Искариот:
 „Господи, што е тоа: дека ќе ни се јавиш нам, а не на светот?”
Исус во одговор му рече:
„Ако некој Ме љуби, ќе го држи Моето Слово, и Мојот татко ќе го љуби: при него ќе дојдеме и при него ќе се настаниме. 
(Јн. 14,22-24).

Совршената љубов Божја  спрема човештвото  се открила единствено во Христа, зашто Он ги љуби луѓето како што Него Го љуби Отецот. Нема никаква разлика  меѓу љубовта Татковска спрема Него и Неговата спрема нас.
 „Како што Отецот Ме љуби Мене и јас ве љубам вас: пребивајте во Мојата љубов“.

Со пребивање во љубовта Христова , следбениците Христови живеат  со Божествен , вечен живот, овде,  на земјата.
 Дека човекот навистина пребива во љубовта Христова, се препознава по тоа,  што тој ги исполнува заповедите Христови. 
„ Ќе останете во Мојата љубов, ако ги запазите Моите заповеди, како што и Јас ги запазив заповедите на Мојот Татко и останувам во Неговата љубов.“
 (Јн. 15, 10).
Значи, животот на следбениците Христови го има за единствен  образец  животот во Света Троица.  Како што Троичното Божество живее, така се должни  и следбениците Христови да живеат.
За посилно  да им го истакне тоа на своите ученици , Спасителот непрестајно нагласува дека е тоа Неговата заповед до Неговите следбеници.

 „Ова е мојата заповед, да се љубите еден со друг како што ве возљубив Јас.“  (Јн. 15, 12)
 Сета љубов ваша нека биде од Мене, низ Мене и со Мене. Преживувајќи ја љубовта Христова  како цел и содржина  на својот живот, човекот се подобро и подобро ги запознава неискажливите својства  на Личноста Христова. Пребивајќи во љубовта Христова , човекот се зближува , се сродува со Христос, се спријателува со Него.
 „ Никој нема поголема љубов од оваа, да ја положи душата своја за своите пријатели.  Вие сте ми пријатели, ако го вршите она што ви Го заповедам“
(Јн. 15, 13-14).

Секому му е отворена можноста и дадени му се средства, со чија помош може  да постане  пријател  Христов. Средството се содржи во исполнувањето на се она што Христос Го заповедал.
Љубовта  е суштината на Троичното Божество; во љубовта е едносуштноста на Троичното Божество.
целта на следбениците Христови е - меѓу себе  да го постигнат едносуштното единство.
 
+++

Овоплотувањето на Синот Божји е најголемиот и најсилен доказ за љубовта Божја спрема светот.
Љубовта спрема непријателите, пак,  го изразува не само завршувањето, туку и почетокот на односот Божји спрема човекот.
Да се греши, значи да се биде непријател Божји (Рм.8,7).
 „Но Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“.
(Рм. 5,8).
Овоплотувајќи се во човекот грешен
и умирајќи како безгрешен за грешниот човек, Спасителот докажа дека Бог е љубов и дека ништо не може да го раздели од човекот.

 Богочовечката љубов го соединува христијанинот со Христа, за никој, ништо, никогаш, никаде да не може да го раздели  од љубовта Христова.
Со Христоликата љубов, човекот постанува непобедлив,
непобедлив за смртта,
за маките, за страдањата , за ангелите, за ѓаволите.

Имајќи ја таа љубов, христијанинот во себе го има Богот  на љубовта - Христос и со Него го победува секој грев, секој порок и секоја напаст.
„Кој ќе не одвои од љубовта Божја,
 тага ли, неволја ли, или гонење,
 глад ли, или голотија,
опасност ли, или меч; како што е напишано:
за Заради Тебе секогаш не убиваат, не сметаат како овци за клање. Но, во сето ова победуваме  преку Оној Кој  не возљуби.
Оти, сигурен сум дека ни смртта , ни животот,
ни ангелите, ни властите, ни силите,
ни сегашнината, ни иднината,
ни височината, ни длабочината,
ниту, пак,  некоја друга твар ќе може да не одели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ.“
(Рим. 8, 35-39).

Богочовечката љубов го исцелува човекот  од најужасното  - лицемерие. Таа ја обзема целата личност човечка, не допуштајќи  дволичност. 
 Ќе стане ли лицемерна, престанува да биде христијанска :
„Љубовта нека не биде лицемерна“ (Рим.12,9).

Сите христијански должности се собираат во една  , централна должност, во една, вечна должност;
должност е - да се љуби, со Богочовечка љубов.
 Исполнувајќи ја таа должност, човекот го исполнува законот.

+++

Умот на Духоносниот човек збогатувајќи се,  добива својства  на Умот Христов, затоа и способен  е  да ги знае и разбира тајните Христови
 „Ние Ум Христов имаме“ (1. Кор.2,16).

Знаењето на духовниот човек е суштествено, субстанциално. Знаењето кое што не е  стекнато  со љубов, се одликува со гордост и се распознава по гордоста.
Знаењето, пак, кое е  стекнато преку љубовта на Духот Свет, се препознава по смиреноста.
Духовниот човек е секогаш гладен за знаење  на Божественото, затоа е и секогаш мирен, тој секогаш чувствува  дека неговото знаење, иако Богодатно, сепак е бескрајно мало  и сиромашно спрема Мудроста Божја.

Човекот неодухотворен, самиот по себе , не може ништо да знае, како што треба да знае“( 1 Кор. 8,2). 

Во мистријата на љубовта  му се дава до знаење на љубениот од оној што љуби. Љубениот  му се открива себе си , на оној што љуби,
 му се дарува себе си на оној што љуби.
Љубовта е дар Божји, дар на Светиот Дух.
Љубовта е суштината на сите дарови кои што Светиот Дух му ги дарува на христијаните.
Љубовта е суштина на верата, суштина на надежта,
 суштина на кротоста, суштина на смиреноста,
суштина на знаењата, суштина на доброто,
суштина на милостивоста, суштина на молитвата,
суштина на вечноста, суштина на совршенството.
Љубовта е таа, која на сите христијански добродетели им дава - суштина и вечна вредност.
Која и да е христијанска дободетел ако љубов нема, како своја суштина,
нема вредност, неспасоносна е, ништо не е.

 „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам ќе бидам бакар што ѕвони или кимвал што ѕвечи.  (1 Кор. 13,1).
  „ Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи , а и така силна вера што и планини да преместувам , - ако љубов немам, ништо не сум.“
(Кор. 13,2) ...

 Превод М. Даниловска - Мина

Преподобен Јустин Ќелиски (I дел)

 

 

Извор: http://www.svetosavlje.org/biblioteka/Knjige/AvvaJustin/NovozavetnoUcenjeLjubav.htm