SV.IGnatij.BOgoprimec3

SV.IGnatij.BOgoprimec2

ЗА СВ. ИГНАТИЈ БОГОНОСЕЦ И ДЕЦАТА

SV.IGnatij.BOgoprimec1

                 Остануваат само уште неколку дена до Божиќ - до денот кога го славиме Христовото раѓање, кога Бог, втората Личност на Света Троица, стана дете, стана човек.
              Нашата Црква денеска го празнува споменот на Свети Игнатиј Богоносец. Според преданието, тој е детето кое Христос го прегрнал кога рекол: „Ако не станете како деца, нема да влезете во Царството Небесно“.
              И не можеме а да не се запрашаме зошто Евангелието нè повикува да станеме како деца. Што поседуваат децата што ние не го поседуваме и зошто тие лесно можат да влезат во царството Божјо, а ние не можеме? Не најдов многу одговори на ова прашање, но еден од нив ми се појави во мислите - децата целосно им веруваат на своите родители, на нивната мајка и нивниот татко. Не се грижат за утрешната храна, не се грижат за изминатиот ден, им веруваат на мајка си и на својот татко. И се запрашав дали ние самите на тој начин се доверуваме на Бога. Дали разбираме дека сè мораме да оставиме во Божји раце? Дали го исполнуваме ова? Во спротивно, нема да ни биде лесно да наследиме вечен живот.
               Што друго имаат децата што веројатно ни недостасува? Кога ќе ги видат родителите, скокаат од радост, се радуваат, а оваа нивна среќа се должи на љубовта што ја чувствуваат кон своите родители. И ова ме тера повторно да се запрашам дали го сакаме Бога. Дали ние се радуваме кога Го гледаме Бога, кога стапуваме во заедница со Него? Дали се радуваме кога одиме во црква? Дали се радуваме кога се молиме? Дали имаме таков однос со Бог? Ако не го правиме тоа, тоа значи дека не го чувствуваме Бог како наш татко. И ова е веќе проблем.
              Некој еднаш му рекол на едно мало момче да се довери на Бог и да гледа на Него како на свој татко. А детето одговорило: „Како да гледам на Бога како на свој татко, кога никогаш во животот не сум имал татко?“. И тоа ме тера да размислувам за нашата одговорност за иднината на нашите деца. Ако нашите деца не добијат љубов во семејството, ќе им биде многу тешко да почувствуваат доверба, ќе им биде многу тешко да им веруваат на ближните и на Бога. И на крајот ќе им биде тешко да веруваат во Бог. А ние, наместо да ги прашуваме зошто не доаѓаат во црква, зошто не веруваат, треба да се запрашаме дали сме ги воспитале со љубов. Затоа што ако не сме го направиле тоа, вината е наша а не нивна. Но, ние ги обвинуваме нив. Ако децата имаат едноставност, тие ќе наследат вечен живот. А ние самите, ако не сме ги воспитале на вистински начин со љубов, ќе одговараме за тоа.
Нека свети Игнатиј ни помогне да станеме како деца за сите заедно да го наследиме вечниот живот.


Автор: Мелојски епископ Емилијан (Кутузис)/ богоносци.бг
Подготвил С:Стефковски

02.01.2024