логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 Akatist.Sveshtenici
Свети Марко Подвижник

Поуки за духовниот живот од свети Марко Подвижник

1.Послание до монахот Николај

Возљубен синко Николае,  

1.Ти и понапред си се грижел за своето спасение, и ни раскажуваше со голема љубов за животот според Божјата волја, дека имаш намера и силен стремеж со строг живот да се прилепиш до Господа, преку воздржување и со сите други самоограничувања, подвизувајќи се во бдеење и со ревносна молитва, Ти ни раскажуваше какви духовни борби и колку големо мноштво телесни страсти се распалуваат во тебе и ja напаѓаат твојата душа, според законите на гревот, кои се борат против законот на нашиот ум. Особено ни се оплакуваше дека страшно те измачуваат страстите на гневот и на похотта и бараше од нас поука за тоа - какви трудови и подвизи да преземеш, за да ги победиш спомнатите погубни страсти.

2. Тогаш, колку што беше тоа можно, од љубов спрема тебе, јас ти кажав некои корисни мисли за твојата душа и благоразумни совети, укажувајќи ти со какви трудови и со какви душевни усилби, со какво размислување и просветено знаење, живеејќи разумно според Евангелието, потпомагани од благодатта поради верата - ќе можеш да ги победиш лошите помисли и чувства, кои беснеат во твоето срце, особено спомнатите страсти. Зашто според духот на страстите, поради предрасположбата кон нив и свикнатоста на нив, и душата добила особени својства, бидејќи била особено возбудувана од нив, затоа токму против тоа треба да преземе сопствен, постојанен и внимателен подвиг сѐ додека не ги потчини плотските и неразумни склоности на гревот, од кои пред тоа бивала победувана, повлекувана и водена во ропство преку внатрешно согласување со нив во мислите, принудувано преку честите лоши помисли и страсниот разговор со нив.

3. A сега, кога се оддалечив телесно од тебе, со лице, но не и со срце, откако појдов кај вистинските Христови работници и борци, за и јас да се подвизувам и да се борам заедно со браќата, кои се борат против непријателските влијанија, кои храбро им се противставуваат на страстите, да ја отфрлам мрзливоста, да се ослободам од раслабеноста, да ја оставам негрижата и да се исполнам со ревност и секаква загриженост, стремејќи се кон она што Му е угодно на Бога. Затоа се потрудив во писмото да ти напишам кратка поука и спасоносни совети за твојата душа, така што и она што ти го говорев тогаш, и ова што ти го пишувам накратко сега во овој мој поучен спис, прочитувајќи го со внимание, да добиеш од него лична духовна корист, како да сме заедно еден со друг.

4. Еве со што, синко мој, да го започнеш устројувањето на својот спасоносен живот според волјата Божја. Треба секогаш да ги паметиш и да ги држиш во твојот ум, со непрестајно размислување, сите минати и сегашни промислителни дела на човекољубивиот Бог и добрините Негови за спасението на твојата душа. Никако да не си дозволуваш, било по причина на заборавање, што доаѓа од помрачувањето од непријателите или поради мрзливост, за да не си спомнуваш за Неговите многубројни и големи добрини, па заради тоа да го живееш останатото време на твојот живот попусто и неблагодарно. Зашто ваквите спомнувања, како остен, го подбоцнуваат срцето, го поттикнуваат, секогаш да ја признаваш Божјата милост, за смирение, да благодариш со скрушена душа, за ревност кои сѐ што е добро, да му благодариш на Бога за сите добри дарови со смирена душа за сите добродетели, како последица на вдлабочувањето во длабоката мисла на следниве пророчки зборови: “Што да му дадам на Г оспода за сите Негови добрини што ми ги направи мене?” (Псал. 115, 3). Кога душата си спомне за сите добрини што ѝ ги направил човекољубивиот Бог уште од раѓање, како и колкупати ја избавувал од многу несреќи или во колку беззаконија паднала и во колку многу прегрешенија доброволно навлегла, и пак не им била предадена по Божјиот праведен суд на лошите духови, кои ја измамувале на пропаст и смрт, туку човекољубивиот Бог и Господ, презирајки ги долготрпеливо нејзините прегрешенија, ја запазувал, очекувајќи го нејзиното обраќање, и тогаш кога таа самоволно преку своите страсти им служела на своите непријатели, на лошите духови, и тогаш Он ја хранел и поел, ја заштитувал и промислувал за неа, и, најпосле, со благост и добрина ја повел по патот на спасението, во срцето вложил љубов кон подвижничкиот живот, ја воодушевил со радост да го остави светот и сега привлечност на телесните задоволства, ја украсил со ангелскиот образ на подвижничкиот чин, направил да биде примена од светите оци во монашко братство. Па кога ќе си спомне за сето ова душата, тогаш кој е тој, ако има мисла, која е раководена од добра совест, и ако размислува длабоко за сето ова, да не остане засекогаш во искрена скрушеност? Имајќи ваква потврда за веќе добиените добрини, тогаш кога тој самиот не правел ништо добро, нема ли засекогаш да се исполни со силна надеж и да си рече; “Ако тогаш, кога не правев никакво добро, туку, напротив, извонредно многу грешев пред Него, се валкав во телесни нечистотии и во многу други гревови, кога тогаш не ме казни според моите гревови и беззаконија, туку ме надари со толку многу благодатни дарови, тогаш, кога, најпосле ќе Му се предадам сецело да Му служам со чист живот и со секакви добродетели, со какви ли големи добрина и духовни дарови ќе ме удостои и за какви добри дела ќе ме закрепне, ќе ме води и ќе ми помага? Па затоа, оној што не ги заборава Божјите добрини и кој има вакви мисли, тој одлучува да ги започне добрите добродетелни подвизи и да се труди да прави секое добро и да биде ревносен во извршувањето на Божјата волја.

5. Па така, возљубен сине, ти што имаш по Христовата благодат, природен разум, пази го секогаш во себе овој подвиг и ваквото добро размислување, не дозволувај да бидеш покриен со заборавање, како со темен облак, ниту дозволувај мрзливоста да ти го спречува чекорењето по овој пат, да го помрачува твојот ум и да го отклонува од правиот пат во животот, да не потемнува од незнаење, со оваа причина на сите зла, ни да биде воден од негрижа, ни измамуван од телесната сласт, ни со прејадување, ни да биде заробуван со грешни желби, ни осквернуван преку согласувањето со блудни помисли, ни од гнев да биде победуван, од кој раѓа омраза спрема братот, и ако поради некоја демонска причина се ожалостиш или ако ожалостиш некого, па почнеш да си спомнуваш за некои лоши помисли против твојот ближен, никако да не се отклониш од чистата молитва кон Бога, ниту позволувај умот твој да биде одведен во ропство и да се исполнуваш со зверска помисла против твојот брат.

Зашто, ако дозволиш да стане сето тоа, тогаш, исполнет со телесно мудрување, со раслабена совест, ќе им бидеш предаден на лошите духови, на кои си им се потчинил, за привремена казна, за да се поучиш, се додека твојот ум, исполнет со жалост и очајание, поради тоа што си го загубил напредувањето во богоугодниот живот како последица на спомнатите вини, не почнеш одново да се смируваш и да се вратиш пак на патот на спасението од кој си се оддалечил, и пак не ги обновиш своите молитвени трудови и сеноќни бденија и не добиеш простување на своите гревови, исповедајќи ги пред Бога и пред ближните. Така, човекот одново почнува да се отрезнува и да се просветува со светлината на евангелското знаење и, помогнат од Божјата благодат, сознава дека: кој сецело не му се предаде на крстот во смирено мудрување и самопонижување и не се изложи себе си да биде од сите унижуван, презиран, онеправдуван, исмејуван и потценуван, а сето тоа да го поднесува со радост заради Господа, без да бара нешто од луѓето ни слава, ни чест, ни пофалби, ни вкусни јадења и пијалоци, ниту убави и раскошни облеки, тој не може да биде вистински христијанин.

6. Па така, ако ни претстојат такви подвизи, борби и венци, до кога ќе си позволуваме да биваме изложувани на срам поради нашата лажна побожност и со нашето неискрено и престапно служење на Господа: за едното да бидеме почитувани од луѓето и за она што го вршиме да се срамуваме пред Оној Кој ги знае сите наши тајни? Зашто, многумина не почитуваат како светии, а ние сме уште со ѕверска природа; имаме само вид на надворешна побожност, а од силата на Бога сме се откажале (сп. 2. Тим. 3,5); многумина нѐ сметаат и почитуваат како девствени и непорочно чисти, а пред Бога, Кој знае сѐ што е тајно, се осквернуваме внатре од нечистотата на согласувањето со блудните помисли и се валкаме од дејството на страстите; а меѓутоа, се правиме дека сме подвижници, а всушност не се грижиме за својата душа; нашиот ум продолжува да биде слеп и сѐ што правиме - го правиме заради пофалбите од луѓето.

7. Навистина, брате, ќе дојде Господ, “Кој ќе ги изнесе на видело тајните на мракот и ќе ги објави намерите на срцата; и тогаш пофалбата на секого ќе му биде од Бога” (1.. Kop. 4, 5), праведниот Судија, Кој ни од богатиот се срамува, ниту сиромавиот ќе го помилува. Он ја подигнува надворешната покривка и ја објавува вистината што била скриена под неа; ги наградува и пофалува, во присуство на ангелите, пред Својот Отец, а лицемерните, кои само се облекуваат во образ на побожност и само пред луѓето покажуваат лажливо дека имаат исправен живот, а со тоа суетно се самопотврдуваат и самоумртвуваат - пред целата небесна Црква и пред сите небесни војски -   нив Господ најсвечено ќе ги изобличи и ќе ги испрати со голем срам во најкрајната темнина.

8. Таквите се слични на неразумните евангелски девојки, кои ја запазиле надворешната девственост (зашто за тоа ни најмалку не биле прекорени), а освен тоа имале и малку масло во своите садови, односно имале некои добродетели и надворешна исправност, а имале и извесни дарови, бидејќи нивните светилници гореле до некое време; поради негрижа, незнаење и мрзливост - поради тоа, што не се грижеле за внатрешната страна; не ја познавале добро толпата страсти, која се скривала во нив, поттикнувани од лошите духови. Нивните мисли биле расејувани под дејство на демонските влијанија, а тие, неразумните девојки, во мислите се согласувале со нив и бивале внатрешно привлекувани и победувани од: најлошата завист, силната омраза спрема секое добро, страсноста, желбата за расправии, омразата, гневот, жалоста, пакоста, злопаметењето, лицемерието, гневливоста, гордоста, суетата, угодувањето на луѓето, самоугодувањето, среброљубието, негрижата, телесната похот, сладострасноста со помислите, неверувањето, немањето страв од Бога, стравувањето од надворешните работи, очајанието, противречењето, попуштањето на себе си: во спиење, добро мислење за себе, самооправдување, издигнување над другите, самопофалби, ненаситност, раскош, алчност, безнадежност и со сите страшни и други севозможни видови на гревот. Неразумните девојки за своите добри дела и за својот чесен живот, што го живееле пред луѓето, добивале од нив нофалби, па и самите духовни дарови, ако воопшто имале такви, им ги предавале на суетата и угодувањето на луѓето; биле поттикнувани и од другите страсти, применувајќи кон добрите потфати лоши и телесни мудрувања и со тоа ги правеле нечисти и непријатни за Бога, како што Му била непријатна и каиновата жртва. За сето тоа тие биле лишени од радоста со Младоженецот и останале надвор од небесното живеалиште, чии врати останале заклучени за нив.

9. Размислувајќи за сето ова со строго расудување и самоиспитување, ќе разбереме и ќе сфатиме во каква состојба се ноаѓаме и, додека има уште време за покајание и обраќање, да се поправиме: да cе погрижиме нашите добри дела да бидат навистина добри, да нема во нив примеси на телесно мудрување, за да не бидат отфрлени како нечиста жртва, поради нашата нестрашливост, мрзливост и недостиг на вистинско знаење; инаку нашите трудови на девственоста, воздржувањето, бдеењето, постот, самооткажувањето, како и сѐ друго што ни се чини дека е праведно, - нема да биде примено од Небесниот Свештеник Христос, зашто, поради спомнатите страсти, ќе биде проценето како нечиста жртва.

10. Затоа, сине мој, оној што сака да го земе својот крст и да оди по Христа, треба, пред сѐ, да се грижи да придобива знаење и разбирање и непрестајно да ги испитува своите помисли, да се грижи многу за своето спасение и да биде цврсто приврзан за Бога, со молитва на еднодушните и едномислени Божји раби, кои ги извршуваат истите подвизи, кои, не знаејќи каде и како да го насочат своето духовно чекорење да сознаат каде треба да одат и да не одат во темнина без светлината на духовниот светилник. Зашто без тој светилник, без евангелското знаење и раководење, оној што оди често се препнува и паѓа во многу стапици и мрежи на лукавиот, често заталкува и се изложува на големи маки и страдања, и не знае ни каде оди, ниту каде ќе стигне. Многумина преземале тешки подвизи на борба за самосовладување и ги поднесувале заради Бога, но самоволието, неразумноста и тоа што сметале дека не им се потребни духовните совети на оците, сите нивни трудови и подвизи биле без успех и попусти.

11. А ти, возљубен синко, како што ти реков и во почетокот на ова мое поучно слово, не ги заборавај добрините што ти ги направил човекољубивиот Бог и што продолжува да ти ги прави, не оддалечувај се од Него и не позволувај да бидеш заробен од демонската злоба и од мрзливоста, туку постојано спомнувај си за душевните и телесни добрини што ти ги направил Бог од твоето раѓање досега, размислувај за нив и поучувај cе, според кажаното во Светото писмо: “Благословувај го, душо моја, Господа и не заборавај ги сите Негови добрини” (Псал 102, 2). На овој начин твоето срце лесно ќе биде поттикнувано на страв Божји и на љубов. За сето ова можеш да Му благодариш на Бога со својот строг подвижнички живот, добродетелно однесување, чиста и будна совест, со соодветни благочестиви зборови, со вистинска вера, со смирено мудрување и едноставно речено, потполно да Му се предадеш на Бога. Еве, каква полза ќе имаш од спомнувањето за добрините добиени од Бога од благиот и човекољубивот Господ! При ваквото спомнување на овие добрини, особено со благодатната помош одозгора, твоето срце само од себе ќе биде проникнато со љубов и со силен копнеж по Бога, зашто Он не направил за другите, кои се многу подостојни од тебе, толку многу, колку што направил за тебе само поради Своето неискажливо човекољубие.

12. Затоа, погрижи се да ги имаш во постојано спомнување сите добрини што ти ги направил Бог. Особено спомнувај си за онаа голема благодат и за онаа прекрасна добрина, која ти ја направил Бог, како што ми раскажуваше, тогаш кога си патувал заедно со твојата мајка, кога сте се враќале од Светите места кон Цариград, кога една ноќ се подигнала ужасна бура и кога сите што биле на коработ, морнарите и твојата мајка, се издавиле и ги загубиле своите животи во морските длабочини, а дека само ти со двајца други патници сте биле спасени со чудната Божја сила и дека сте биле исфрлени живи на морскиот брег. Спомнувај си за тоа како Господ го устроил твоето патување во Анкира, каде си бил прифатен со татковска љубов од некој милостив човек и си отпочнал прекрасна дружба, засилувана од христијанска љубов, со неговиот благороден син Епифаниј, заедно со кого, духовно раководени од некој преподобен Божји угодник, сте зачекориле по патот на спасението, откажувајќи се од светот и од светите Божји раби сте биле примени како нивни искрени чеда.

13. За сите овие добрини, кои си ги примил од Бога - што можеш да Му возвратиш на Оној, Кој те повикал во вечниот живот? Самата справедливост бара да не живееш веќе самиот за себе, туку треба да живееш само за Христа, Кој умрел и воскреснал за тебе. Должен си да се стремиш кон секоја вистинска добродетел и кон извршување на секоја Божја заповед, барајќи секогаш, да ја познаваш која е добрата, угодна и совршена волја Божја (сп. Рим. 12, 2) и да се трудиш со сите твои сили да ја исполнуваш. А особено, синко, труди се твојата младост да му ја потчиниш на словото Божјо, како што се бара тоа од тебе, според зборовите на Светото писмо: “Подајте ги телата ваши во жртва, жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба” (Рим. 12, ] ). Секоја власт на телесната похот, олади ја и осуши ја со малку јадење, малку пиење и со сеноќни бденија, така што и ти од срце да можеш да каже: “Зашто станав како мев на мраз, но Твоите наредби не ги заборавив”. (Псал. 118, 83). Сознавајќи дека си Христов, според зборовите на апостолот, распни го своето тело со страстите свои и похотите (сп. Гал. 5, 24) и: умртви ги “своите земни членови, односно пороците: блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е Идолопоклонство!” (Кол. 3,5), односно не само блудните дела, туку и телесната нечистота, која ја возбудуваат лошите духови. И не го ограничува само на ова својот подвиг оној, кој сака да се удостои со венец на вистинското девство, кое е нескверно и сесовршено, туку, следејќи го апостолското учење, се труди да го умртви самото раздвижување и појавување на оваа страст. Па дури и со тоа не се задоволува оној, кој, поради силната љубов кон чистотата, има ревност во своето тело да го всели ангелското и пречисто девство; тој се моли од него да исчезне и самата неедноставна мисла за похотта, кое се појавува во умот во вид на сосем краткотраен напад, без раздвижување и дејство на телесната страст. Но ова не може да биде постигнато поинаку, освен со помошта одозгора, само со силата и дарот на Светиот Дух, само кај оние што се удостоиле со ваквата благодат.

14. На таков начин, оној што посакал да придобие чист, духовен и неосквернет венец на девството, го распнува своето тело со подвижнички трудови, ги умртвува телесните членови, кои се на земјата, со тешко и трпеливо воздржување, го истенчува надворешниот човек, го ослабнува и го прави старечки и како костур, за да може без пречки да се обновува внатрешниот човек со дејството на Божјата благодат заради верата и духовните подвизи, украсувајќи се со кротост, развеселувајќи се со духовна радост, примајќи го од Христа залогот на мирот, бидејќи воден од милоста, облекувајќи се со добротворството, исполнуван со стравот Божји, просветувајќи се со знаењето и разумот духовен, озарувајќи се со мудроста и раководејќи се со смирената мудрост. Обновуван со овие и со други слични добродетели со дејството на Светиот Дух, умот прима во себе си подобно на боговиден образ, се облекува во неискажливата духовна убавина на Господовото подобие и се удостојува со богатството на духовната премудрост.

15. Истенчи го, синко мој, твоето младешко тело, а здебели ја твојата душа и умот свој обнови го со помошта на споменатите добродетели и содејството на Светиот Дух. Младешкото тело, здебелено со разни јадења и пиење вино, станува слично на згоен крмак приготвен за колење. Со распалувањето на телесните страсти твојата душа бива заколувана, а со распалувањето на лошите телесни похоти - твојот ум бива заробуван, не можејќи да им се противстави на телесните желби. И така, приливот на крвта претставува одлив на духот. А што се однесува за виното, подобро е младите и да не го помирисуваат за да го одбегнат двојниот пожар - внатрешниот од дејството на страстите и надворешниот, откако се разгори, телесната сласт да не ја изгони духовната сладост на умилението и да не предизвика смутеност и ожесточеност во срцето. Младите не треба да пијат ни вода колку што им се пие, за да можат да ја запазат духовната желба и добрата расположба; недостигот на вода многу помага за целомудреноста на телото. Кога ќе го провериш ова на дело, ти самиот ќе се увериш со личен опит во точноста на ова што ти го говорам. Зашто ова што ти го заповедам и наложувам, не го правам затоа што сакам да ти ставам некој претежок јарем; сето ова ти го советувам и предлагам како добро средство за запазување на вистинското девство и строгото целомудрие, препуштајќи на твојата слободна волја да правиш така како ти што ќе посакаш.

16. Сега да поговориме малку и за неразумната страст на гневот, која во време на своето дејствување ја опустошува целата душа, ја доведува во безредие и ја помрачува. Тоа го прави човекот сличен на звер, кој е лесно подвижен и брзо е приготвен на сѐ. Оваа страст бива поткренувана, поддржувана и станува непобедлива од силата на гордоста и додека овој “горчлив корен” (Евр. 12, 15), односно гневот и раздразнетоста била напојувана со лошата вода на гордоста, сѐ дотогаш таа ќе расте, ќе цути и ќе раѓа изобилен плод на беззаконието. На овој начин оваа зграда на лукавиот во душата бива неразрушива додека ја има поддршката во основата на гордоста. Затоа, ако сакаш ова дрво на беззаконието, односно на лутината, гневот и  раздразнетоста, да се исуши во твоето тело и да биде неплодно, така што да биде пресечено од секирата на Духот и да биде фрлено во оган, според зборовите на Евангелието, и да исчезне со сета своја злоба, ако сакаме да го разрушиме овој дом на беззаконието, што го наградува лукавиот во нашата душа за наше зло, собирајќи во помислите отсекаде, како камења, основани или неосновани предлози, од дела и зборови и ја гради оваа зграда на злобата во душата, откако претходно ја втемелил врз силни основи на гордите помисли. Затоа, овој дом, за да биде разурнат, треба да го придобиеш непрестајното Господово смирение во своето срце. Кој е нашиот Господ Исус Христос и што станал Он за нас? Од каква височина на божествена светлина, која им е само донекаде откриена на горните суштества, која ја прославуваат разумните суштества на небото - ангелите, архангелите, престолите, господствата, началствата, властите, херувимите и сите други не спомнати по име духовни сили, чии имиња не ни се познати, - и во каква длабочина на човечко смирение слегнал Он, поради преголемата и неизмерлива Своја добрина, во сѐ станал сличен со нас, кои се наоѓаме во мрак и смртна сенка, заробени од непријателот, поради Адамовиот грев, кој владее над нас, преку страстите што дејствуваат во нас.

17. И така, Господарот на сите видливи и невидливи созданија не се посрамил, поради нас кои сме се наоѓале во такво страшно ропство и во таква ужасна смртна состојба, туку доброволно се смирил Себе Си и станал Човек, Кој, според Божјата промисла, требало да претрпи страшни страдања, како епитимија поради нашите гревови, станал во сѐ сличен со нас, освен во гревот, освен во срамните страсти. Она што Бог го одредил, како епитимија за прародителскиот грев, се: смртта, трудот, гладот, жедта, и друго слично. Сето ова нашиот Господ Исус Христос го примил на Себе Си, станувајќи она што сме ние, така што и ние да станеме она што е Он. Свети евангелист Јован вели: “И Словото стана тело” (Ј ован 1, 14), 3a телото да стане слово, според зборовите на апостолот, кој пишува: “Он, бидејќи богат, осиромаши поради нас, та и ние да се обогатиме преку неговата сиромаштија” (2. Кор. 8, 9). По Своето големо човекољубие Он се уподобил на нас, та и ние да се уподобиме на Него со секоја добродетел. Зашто откако дојде Христос на земјата, човекот кој во почетокот бил создаден по образот и Божјото подобие, навистина се обновува преку благодатта и силата на Светиот Дух, издигнувајќи се до мерката на вистинската љубов, го изгонува секој страв од себе си и веќе може да не му се потчинува на гревовното паѓање, зашто “љубовта никогаш не престанува” (1. Кор. 13, 8). Затоа што е Бог љубов, како што вели светиот евангелист Јован: “Бог е љубов... и оној кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог - во него” (1. Јов 4, 16). Co ова се удостоиле апостолите и сите оние, кои, слично на нив, се подвизувале во добродетелите и се појавиле пред Господа совршени, во текот на целиот свој живот Му биле приврзани на Христа и оделе по Него.

18. И така, ако во целиот твој живот го запазуваш ваквото смирение во твојот ум, таквото смирение, какво што покажал Господ од љубов спрема нас, поради Своето неискажливо човекољубие, односно се овоплотил во утробата на света Дева Марија, се родил од неа и станал Човек, постепено растел телесно, трпел понижувања, подбивања, прекори, тепање, трнов венец, смртна пресуда, извикувања на беззакониците против Него, од оние што припаѓале на Неговиот народ: “Земи, земи, распни Го!” (Јован 19, 15), крст, клинци, копје, напојување со оцет и жолчка, победа и радост на незнабожците, подбивање на оние што минувале покрај Него кога висел на крстот, велејќи Му: “Ако си Син Божји, слегни од крстот!” (Матеј 27,40) и сите други страдања, кои ги претрпел заради нас и нашето спасение: распнувањето, смртта, тридневното погребение, слегнувањето во адот, а потоа, и плодовите на Неговите страдања, какви што се: воскресението од мртвите, уривањето на адот и на смртта, и ослободувањето на душите заточени од непријателот, вознесението на небото, седењето од десната страна на Отецот, над секое начело и над секоја власт и секое господство и “со секое име, со кое се именуваат не само во овој свет, туку и во идниот” (Ефес. 1, 21), честа, славата и поклонението од сите ангели на Првенецот, Кој воскреснал од мртвите, заради Неговите страдања, според зборовите на апостолот, кој говори; “Вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос, Кој, иако беше во облнчје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; и по вид се покажа како човек; Сам се смири, откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст. Па затоа и Бог високо Го издигна  My даде име, што е над секое име, та во името на Исуса да ги преклони колената на сѐ што е небесно, земно и подземно, и секој јазик да исповеда дека Исус Христос е Господ, за слава на Бога Отецот” (Фил. 2, 511). Еве, до каква слава и висина, заради Божјата правда, го издигнале човекот страдањата на нашиот Господ Исус Христос!

19. И така, ако ги пазиш овие помисли во твоето срце со топла расположба, со тебе нема да владеат страстите на лутината, гневот и раздразнетоста. Зашто, кога ќе биде разнишана нивната основа, кога ќе биде уништена страста на гордоста со продлабочувањето на Христовото смирение, тогаш целата зграда на беззакониот гнев, лутината и жалоста лесно ќе се урне сама од себе. Кое жестоко и камено срце нема да омекне, нема да смилостиви и да се смири, ако постојано си спомнува за големото Христово смирение заради нас, а пред тоа, пооделно да си спомнува за сите Негови страдања? Напротив, ако не го направи тоа, нема ли тогаш тоа доброволно да се претвори во земја и пепел, како што говори и Светото писмо? А кога душата, гледајќи го Христовото смирение, така се скруши и смири, тогаш каква раздразнетост може да ја совлада? Каков гнев и каква огорченост можат да се доближат до неа?

20. Но, како што се чини, заборавањето на овие за нас спасоносни и животворни помисли, како и неговата сестра – мрзливоста, и нивната соработничка и едномисленичка незнаењето; овие најтешки и највнатрешни душевни болести, кои тешко се сознаваат и уште потешко се лекуваат, -привлекувајќи ја и помрачувајќи ја душата со незадржлива љубопитност (истражувајќи сѐ надворешно, само не и она што се однесува на самите нас), стануваат причина за тоа - во неа да дејствуваат и да се скриваат и сите други лоши страсти. Тие создаваат немање страв пред Бога и негрижа за секое добро; тие ѝ даваат слобода на секоја страст да влегува во душата и без срам да дејствува во неа. Кога е душата покриена со некакво мрачно и селошо заборавање, тогаш кутриот ослепен ум лесно се приврзува за сѐ видливо, за сѐ што помислил или слушнал, па затоа, на пример, ја гледа женската убавина, и веднаш бива напаѓан со телесна похот. Паметењето, кога на тој начин, го прими страсно и со наслада она што сме го виделе, слушнале или допреле, потоа прави внатре слики од сето тоа и преку вообразени помисли и лош разговор со нив, со тоа го осквернува кутриот страстен ум преку дејството на блудните помисли.

21. Најпосле, и телото, ако е угоено, или многу младо или многу напоено со течности, од таквите спомнувања брзо се возбудува од таа страст и го прави она што му е својствено, се движи кон похотта, некогаш на сон, а некогаш и во будна состојба, ја исфрла телесната нечистотија - и без вистинско општење со жена. Ваквиот човек многумина можат да го сметаат целомудрен, девственик и чист или дури може да има и копнеж кон светост, но пред Оној, Кој го гледа она што е скриено - Он знае дека тој е нечист, блудник и прељубник и во денот на Страшниот суд ќе биде страшно осуден, ако навреме не почне да плаче и да рида пред Бога, пред Кого мислел и правел зло, ако не принесе достојно покајание, ако не го истошти своето тело со пост, бденија и непрестајни молитви, да го исцели својот ум, да го поправи со свети помисли и преку проучувањето со Божјото слово. Зашто не е лажлив живиот глас што рекол: “Секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое” (Матеј 5, 28). Затоа е многу корисно, особено за младите, никако да не гледаат жени, па макар тие биле сметани за свети; а, ако е можно, да живеат одделно од сите луѓе. Со ова младиот подвижник духовната борба ќе ја направи многу полесна за себе си и набргу осетно ќе го почувствува своето напредување, особено, ако внимава на себе си и ако е постојано во молитва, ако се подвизува со малку јадење, дури и малку пиење вода и продолжителни бденија. Исто така, треба да се дружат со искусни духовни старци, настојувајќи да бидат со нив и да се користат со нивното духовно раководење. Зашто многу е опасно да живее сам, само по своја волја, без сведоци или со оние што не се искусни во духовните борби. Сатаната подложува на многубројни искушенија, тој поставува многу скришни заседи и разновидни стапици, кои ги распоредува насекаде околу луѓето. Затоа, колку е тоа можно, монасите треба да се грижат и да настојуваат да живеат заедно, често да разговараат со оние, кои добро ги знаат тајните на духовниот живот, така што, ако и нема своја сопствена светлина на вистинското знаење, пa, бидејќи заедно со оној, кој има такво знаење, да не оди во темнина, да не cе изложува на опасносни стапици и мрежи, да не наидува на диви ѕверови, кои скривајќи се во темнината, ги напаѓаат и ги грабнуваат, кои се движат без светилник на божественото слово.

22. Ако сакаш, синко мој, да добиеш ваков свој внатрешен духовен светилник, да имаш духовна светлина и духовно знаење, за да можеш по длабоката и црна ноќ на овој свет, да можеш да ги утврдиш стапките твои според словото Божјо и да не допуштиш со тебе да овладее никакво беззаконие (Псал. 118, 133), ти, според зборовите евангелски да го бараш Господовиот пат и со најтопла вера да ги пополнуваш совршените евангелски заповеди и да станеш учесник во Господовите страдања преку тоа што ќе ги посакуваш и што ќе се молиш. Синко, ќе ти покажам прекрасен начин, кој се состои во внатрешна морална расположба на духот, кој не бара ни телесен труд, ни подвиг, туку за него е потребен само душевен труд, управување на умот со сѐ што е во нас и внимателна мисла, со помош на стравот Божји и на Божјата љубов. Со ваквата расположба лесно ќе можеш да тераш во бегство мноштво непријатели, слично на блажениот Давид, кој со вера и надеж на Бога, го убил другородниот исполин и со тоа ги натерал во бегство илјадниците непријатели со целиот нивни народ.

23. Примени ги овие мои зборови на тројцата снажни другородни исполини, врз кои почива сета непријателска сила на духовниот Олоферн, кои ако бидат победени и убиени, тогаш конечно ќе ослабне и сета сила на лукавите духови. Овие духовни исполини на лукавиот се трите веќе спомнати духовни зла: незнаењето, кое е мајка на сите зла, заборавањето, нејзината сестра, соработничка и помошничка и мрзливоста или рамнодушноста, кои ѝ ткаат темна облека и мрачен покров, кои ги закрепнуваат и утврдуват првите двајца исполини, така што во мрзливата душа злото станува како вродено и природно. Зашто од рамнодушноста и мрзливоста, од заборавањето и незнаењето - крепнат и се рассилуваат сите други страсти. Тие си помагаат едни на други и не можат да напредуваат една без друга, па затоа, поврзани сите заедно, стануваат главни сили на нашиот противник и главни началници на лукавите сили. Со помошта на овие исполини, лукавите духови ги прават сите свои планови во душата и успеват да ги спроведуваат сите свои замисли.

24. Ако сакаш да ги победуваш страстите и да ги тераш во бегство толпите на духовните другородци, тогаш, собери се во себе си, та со молитва и со Божја помош, спушти се во длабочината на твоето срце, побарај ги во себе овие тројца силни ѓаволски исполни: заборавањето, рамнодушноста или мрзливоста и незнаењето, преку кои се хранат и живеат сите други страсти и се засилуваат во самоугодливите срца и во ненакажаните души. Ако строго внимаваш на себе и ако имаш бодар ум, со помошта одозгора, конечно ќе ги уловиш во себе си и другите страсти, оние за кои и не си помислувал и не си ги знаел, многу други погубни и лоши страсти; против нив насочи ги оружјата на правдата; доброто спомнување, кое е причина за секое добро; просветеното знаење, преку кое душата одржувана будна и бодра ја прогонува од себе си темнината на незнаењето; како и оружјето - живата ревност, која ја поттикнува душата и ја води кон спасението. А потоа, откако ќе се облечеш во овие оружја на добродетелта, со секаква молитва и молење, со силата на Светиот Дух, смело и храбро сосем ќе ги победиш и прогониш тројцата исполини на духовите другоплеменици. Ова ќе го направиш со: постојаното спомнување за Бога, секогаш помислувајќи “на она, што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете!” (Фил. 4, 8), ќе го одгониш од себе многу опасното заборавање; со просветеното и небесно знаење ќе ја уништиш погубната темнина на незнаењето; а со живата ревност, која е секогаш готова за секое добро - ќе ги изгониш безбожната рамнодушност и мрзливост, кои ѝ прават големо зло на душата. А овие добродетели може да ги придобиеш не само со силата на твојата слободна волја, туку, пред cѐ, со силата Божја и со помошта на Светиот Дух, со многу внимание и постојана молитва. Кога ќе ги придобиеш на овој начин, тогаш можеш преку нив да се избавиш од трите спомнати силни исполини на лукавиот. Кога, пак, со големата сила на благодатта се создаде и внимателно се запазува во твојата душа тројниот сојуз на вистинското знаење, паметењето на Божјите зборови и добрата ревност, тогаш ќе исчезнат и самите траги од заборавањето, незнаењето и рамнодушноста (мрзливоста) од твојата душа. Тие ќе се претворат во ништо, а во твојата душа, најпосле, ќе започне да царува благодатта, во Исуса Христа, нашиот Господ, на Кого нека Му е слава и сила во сите векови и во целата вечност. Амин.

Свети Марко Подвижник

 

ДОБРОТОЉУБИЕ - TOM I
За животот и списите на свети Марко

 

Друго:

3.angeli.so.truba

Свети Марко Подвижник: За животот и списите

 

Свети Марко Подвижник рекол: Не пробувај да решиш било каков проблем со помош на расправија, туку со средствата кои доаѓаат од духовниот закон, односно: трпение, молитва и непоколеблива надеж.

 3.angeli.so.truba

ДОБРОТОЉУБИЕ - TOM I
За животот и списите на свети Марко

Друго:

Свети Марко Подвижник – Списи (4)

Свети Марко Подвижник: Законот на слободата е скриено во Христовиот крст ...

 Свети Марко Подвижник - Поуки (2) (15.06.2017) ...

Свети Марко Подвижник - Списи (22.04.2017) ...

 Свети Марко Подвижник - Списи ...

 bogorodica.k.dol.jpg

Преподобен Марко Подвижник
Календар, житија,

Аскет и чудотворец. Замонашен од својот учител Св. Јован Златоуст во четириесеттата година од животот, Марко помина уште шеесет години во Нитриската пустина во пост, молитва и пишување на духополезни книги. Целото Свето Писмо го знаеше наизуст. Беше многу милостив и плачеше над бедата на секое Божјо создание. Еднаш плачејќи Му се помоли на Бога за слепото малечко на една хиена и тоа прогледа. Од благодарност хиената мајка му донесе една овновска кожа. Но светителот ѝ забрани на хиената во иднина да ги коле овците на кутрите луѓе. Причест примаше од раце на ангели. Неговите беседи за духовниот закон, за покајанието, за трезвеноумието итн. спаѓаат во првокласната црковна книжевност, нив ги фалеше и возвишениот патријарх Фотиј.

 

 

 

 

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Јуни 10, 2023
TVIT602

Проскомидија

·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на Литургијата, нејзин пролог. Таа е нашиот допир со Небесното Царство и Небесното жителство.
Септември 13, 2021

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на Бигорската Обител, засветлил како светлозарна ѕвезда на богопрославениот светителски небосклон на Црквата Христова, во првата половина на ΧΙ век. За неговото родословие,…

Беседа за Успение на Пресвета Богородица oд Викарниот Епископ Јаков Стобиски

Сеп 03, 2021 Беседи 5803
Default Image
Беседа за Успение на Пресвета Богородица изречена од Викарниот Епископ Јаков Стобиски во…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 6621
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Живот во служба на Бога и на луѓето

Јан 29, 2020 Беседи 6404
3.angeli.so.truba
Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 5598
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Најново од духовност

Православен календар

 

19/04/2024 - петок

Велигденски пости; (строг пост)

+Упокоение на Свети Методиј Солунски; Свети Евтихиј, патријарх Цариградски; Светите Сто и дваесет маченици коишто пострадаа во Персија; Преподобен Григориј Синаит; (Акатист); (второ бдение);

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Тропар на светиот Методиј Солунски 6 април / 19 април 2024

Словото Божјо, слово земно подаде,кое ти Свети епископе Методие во слава Негова го раздаде,а Он Началникот на животот устрои заради...

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Тропар на светите Христови маченици Агатопод ѓакон и Теодул чтец 5 април / 18 април 2024

Вистина непоколеблива имајќи во срцата вашиАгатоподе и Теодуле,познавте дека земниот живот е суета, сенка и сон,а верата во Љубовта го...

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Тропар на светиот Христов преподобен Јосиф химнограф 4 април / 17 април 2024

Славен и прославен е Господ од целиот род човечки,што изнедри таква фиданка како тебе о, Јосифе,рако продолжена на Духот Свети,поттикнат...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная