3.angeli.so.truba

 

18/01/2020

Не се залажувај со самомнението и учењето на оние кои, и самите залажени од самомнението, занемарувајќи ја вистината на Црквата и Божественото откровение, тврдат дека вистината може да се јави во тебе самиот, без звуците на зборовите, и дека може да те поучува сама по себе, со некакви неопределени и нејасни дејствија. Тоа е учење на лагата и нејзините миленици.20 Признаци на лажното учење се: мрачноста, неопределеноста, самомнението21, и она што ги следи, родено од мечтателното, крвно и нервно насладување. Него го предизвикува тенкосетно делување на суетата и сладострастието.
Паднатото човештво со вера пристапува кон светата вистина; друг пат кон неа нема. ,,Верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката - од Божјото слово“ (Рим. 10, 17), нѐ учи апостолот.
,,Словото Божјо е – вистина“ (Јн. 17, 17); ,,заповедите евангелски се - вистина“ (сп. Пс. 118, 86); ,,секој човек е лажливец“ (Пс. 115, 2). Сето тоа е посведочено во Светото Писмо. Како пак од оној кој е лага мислиш да го слушнеш гласот на светата вистина?
Сакаш ли него да го слушнеш - да го слушнеш духовниот глас на светата вистина? - Научи се да го читаш Евангелието: од него ќе ја слушнеш вистината, во него ќе ја увидиш вистината. Вистината ќе ти го открие твојот пад и врските на лагата, врските на самозалажувањето, со кои
невидливо е сврзана душата на секој човек кој не е обновен од Светиот Дух. Тебе ти е срам да признаеш, паднат горделивецу, горд во самиот свој пад, дека ти мораш да ја бараш вистината вон себе, дека таа влегува во твојата душа – преку слухот и другите телесни сетила! Но тоа е – неоспорна вистина, која открива колку е длабок нашиот пад. Толку е длабок, толку е страшен нашиот пад, што за да нѐ извлече од гибелната бездна, Бог – Словото прими на Себе човечка природа, за луѓето од ученици на ѓаволот и лагата да ги направи ученици на Бога и Вистината, и со посредство на Словото и Духот на Вистината да се ослободат од гревовното ропство и да се научат на секоја
вистина (Јн. 8, 31-32; сл. Јн. 16, 13). Ние сме толку груби, толку сетилни, што било неопходно Светата Вистина да се подложи на нашите телесни чувства (сетила); биле неопходни не само звуците на зборовите, туку и исцеление на болните (немоќните), опипливи знаменија на водите, дрвјата, лебовите, за ние, уверени со телесните очи, да можеме макар малку да ја видиме Вистината. Толку се помрачиле нашите душевни очи!
„Ако не видите знаци и чуда, нема да поверувате?“ (Јн. 4, 48), ги прекорувал Господ сетилните луѓе, кои барале од Него исцеление на телото, и дури не насетувајќи дека нивните души се наоѓаат во неспоредливо пострашна неволја (болест), и дека затоа им е неспоредливо повеќе потребно исцеление и небесниот Лекар отколку за телото. И човекот сфатил пред Господ, дека знаменијата, видливи со телесните очи, го привеле во вера, го привеле во умно гледање. ,,Знаеме, - му говорел тој на Господ, - дека си Ти учител, дојден од Бога, зашто никој не може да ги прави овие чуда што ги правиш Ти, ако Бог не е со него“ (Јн. 3, 2). А тој човек имал земна ученост.
Многумина со очи го виделе Спасителот, ја виделе Неговата Божествена власт над сета твар во чудата што Он ги творел; многумина со свои уши го слушале Неговото свето учење, ги слушале самите демони како сведочат за Него; но не Го познале Него, Го намразиле Него, посегнале за најужасното злодело – за богоубиство. Толку е длабок, толку е страшен нашиот пад, нашата помраченост. Се чини: доволно е да се прочита една глава од Евангелието, за да се познае Бог Кој во него говори. ,,Ти имаш зборови за вечен живот“, Господе и Боже наш, Кој си се јавил во смирен вид на човек, ,,и ние поверувавме и познавме дека си Ти Христос, Син на живиот Бог“ (Јн. 6, 68-69). Само вистината објавува: „Ако вие останете во Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јн. 8, 31-32). Изучувај го Евангелието, и од него ќе ти се објавува автентичната, света вистина. Вистината може да се објавува и внатре во човекот. Но тоа кога? Тогаш, кога, по зборовите на Спасителот, човекот е облечен ,,во сила одозгора“ (Лк. 24, 49): ,,А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина“ (Јн. 16, 13).
Ако пред објавеното доаѓање на Светиот Дух – уделот на светителите Божји, некој помисли дека ја слуша внатре во себе вистината која се објавува, тој  и' ласка само на својата гордост, се залажува себеси; тој побрзо го слуша гласот на оној кој во рајот говорел: ,,Ќе станете како богови“ (1 Мојс. 3, 5). И тој глас нему му изгледа како глас на вистината!

Да се познава вистината од Евангелието и светите Отци, преку читање да се соединува со Оној Кој живее во Евангелието и со светите Отци е – велика радост. На таа велика радост – радоста да ја слушам вистината од самиот Пресвет Дух, јас не сум достоен! Јас не сум способен за неа! Не сум способен да ја издржам, да ја сочувам: мојот сосад не е подготвен, не е довршен и не е утврден. Виното на Духот, ако биде влеано во него, би го раскинало, и самото би се излеало (Мт. 9, 17), и затоа мојот себлаг Господ, внимавајќи на мојата немоќ, долготрпелив е спрема мене (Лк. 18, 7), и не става пред мене за јадење силна духовна храна (Кор. 3, 2). Стотникот признал дека е недостоен да го прими Господ во својот дом, но молеше во неговиот дом да дојде семоќното слово Господово и да го исцели момчето. Тоа дојде, се случи чудо, се случи исцеление на момчето. Господ ја пофали верата и смирението на стотникот (Мт. 8, 8-13). Синовите Израилеви му говореле на својот свет водач и законодавец, говореле од правилното сфаќање на величието Божјо, со сфаќањето од кое во човекот се раѓа сознание и познание на човечката ништовност: „Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме; но да не ни зборува нам Бог, за да не умреме“ (2 Мојс. 20, 19). Тие смирени и спасителни зборови својствени му се на секој вистински христијанин: христијанинот со таквиот залог во срцето се чува од душевната смрт, која ги погодува оние коишто се самозалажени со својата гордост и дрскост. Наспроти вистинскиот христијанин, тој духовен Израелец, самозалажаниот извикува во избезуменост: ,,Синовите Израилеви некогаш му говореа на Мојсеј: ‘Зборувај ни ти, а ние ќе слушаме; но да не ни зборува нам Бог, за да не умреме. Не така, Господе, те молам! Нека не говори со мене Мојсеј, или кој било друг од пророците: Ти говори, Господе Боже, Кој си им дарувал вдахновеност на сите пророци. Ти единствен, без нив, можеш совршено да ме научиш.“22 Недостоен е на Господ, недостоен е на тоа подражавање оној кој сиот е во скверности и нечистотии, а со глупавото, горделиво, мечтателно мнение мисли дека се наоѓа во прегратките на Пречистиот, Пресветиот Господ, мисли дека Го има во себе и со Него разговара, како со другар.23 ,,Во соборот на светиите Бога Го прославуваат; велик е и страшен за сите што се околу Него“ (Пс. 88, 7), говори Светото Писмо; Он е страшен за највишите небесни Сили. Шестокрилите Серафими кружат околу Неговиот престол, и во восхит и ужас од величината Божја незамолчиво славословат, покривајќи ги со огнените крилја огнените лица: тоа го видел тајновидецот Исаија (Ис. 4, 6).

 Човеку! Во страв Божји, покриј се со смирение! Доволно е, доволно, Словото Божјо – вистината да влезе во домот на душата преку слушање или читање и да го исцели момчето, т.е. тебе, кој сѐ уште се наоѓаш во детска возраст во односот кон Христос, иако си, според телесната возраст, ти можеби, веќе украсен со седа коса. Нема друг пристап кон Вистината! ,,Како да поверуваат, - говори апостолот, - во Оној за Кого не слушнале? А како да слушнат, ако нема кој да проповеда? Верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката - од Божјото слово“ (Рим. 10, 14, 17). Замолкнаа живите органи на Светиот Дух: вистината ја проповеда, од Светиот Дух изреченото Писмо. Верен сине на Источната Црква! Послушај го пријателскиот совет, советот спасителен. Ти сакаш сигурно да го познаеш патот Божји, за по тој пат да тргнеш кон вечното спасение? Изучувај ја светата вистина во Светото Писмо, првенствено во Новиот завет и делата на светите Отци.
Со тоа практикување, неизоставно е потребна и чистота на животот: затоа што само чистите по срце можат да Го видат Бога. Тогаш ќе станеш, во свое време, во мера позната и угодна на Бога, ученик и миленик (наперсник) на светата Вистина, и неодвоив причесник на Светиот Дух, Кој е неодвоив од Неа, кој со Нејзе се предава. Амин.

 3.angeli.so.truba

20* Тома Кемписки, ,,За подражавањето на Исус Христос“, книга 1, гл.
3; кн. 3, гл. 2. Во оригиналот стои: напрсник, т.е. човек кој лежи некому
на гради (како што се вели за св. Јован Богослов дека лежел на градите
на Спасителот), љубимец, миленик.


21* Порано беше речено дека светите Отци така нарекувале еден вид
самозалажување, поради што и ние го задржуваме тоа име.

22* ,,Подражавање“, книга 3, глава 2.


23* Исто, глава 1.59

 превод сестринството на манастирот

 

Извор:

 HEDER.Slepche

https://www.manastirslepche.mk/novost/vistina-i-duh-sveti-ignatij-brjancaninov/

 

Друго: