✤✣✤


Свети Ефрем Сирин  -  За борбата со блудната страст

82.  Не биди мрзлив да ја придобиеш добродетелта на целомудрието. Труди се со сите сили да ја имаш светињата на чистотата, зашто токму поради тоа си го оставил светот. Придобиј ја девственоста, за да се всели во тебе Светиот Дух. Не внимавај на срамните желби и на суетните ласкања. Пази се чист, а ако срамниот пламен на блудот почне да се разгорува во тебе, гасни го со твоите солзи и со молитвата кон Господа, Кој ги сака оние што ја бараат чистотата и што Му служат. Најскапоцена придобивка е девственоста во чистите помисли. Ако ја возбудиш неа, од Господа ќе бидеш прославен и во сѐ ќе успеваш.

83.  Ако се подигне телесната борба во тебе, не плаши се и не паѓај со духот. Со тоа ќе ја зголемиш смелоста на духовниот непријател во нападите против тебе; тој ќе почне да всејува во тебе нечисти помисли, внушувајќи ти и велејќи тиː „Неможно е изгаснувањето на ова разгорување, ако не ја задоволиш твојата телесна похот.“ Но биди силен и претрпи; Господ ќе те изведе од ровот на страстите – од нечистите помисли и од смрдеата на тињата, од срамните мечтаења; Он ќе ги постави твоите нозе врз камењата на светата чистота (сп. Псал. 39, 1-3) и ќе ја видиш помошта што ќе ти дојде од Него. Само трпи, не наслабнувај ја твојата помисла, не паѓај во изнемоштеност, нацрпувајќи ја водата од својот кораб, зашто пристаништето е близу. „Тогаш ти ќе повикаш – и Господ ќе те чуе, ќе извикаш – и Он ќе речеː ‘Еве ме‘ “ (Иса. 58, 9). Он ќе те пречека и ќе го види твојот подвиг, да види дали си готов до смрт со гревот да се бориш. Затоа, не биди малодушен. Бог нема да те остави. Он го гледа твојот подвиг; твојот подвиг го гледаат и мноштвото ангели и бесови. Ангелите се готови да ти го дадат победниот венец, а бесовите – победен да те покријат со срам. Биди внимателен не ожалостувај ги ангелите и не давај им радост на демоните.

✤✣✤

84.  За Божјите очи нема скришно место. Нека не те измачува противникот твој, внушувајќи ти ја помислата – дека Бог кога грешиш нема да те види. Близу до нозете Божји стоиш ти. Не заборавај го ова. Зашто е напишаноː „Небото е мојот престол, а земјата подножје на Нозете Мои (Дела 7, 49).


85.  Не е несреќата во тоа што нѐ напаѓаат страстите; и ние сме должни да ги напаѓаме и да се бориме со нив. Несреќата е во тоа што, ако попуштиме, пред непријателите – паѓаме. Противстави ѝ се на похотта што те гори, за да избегаш од пламенот што никогаш не изгаснува. Ако оваа страст само еднаш те победи, таа веќе нема да отстапи; постојано ќе те напаѓа. Биди внимателен спрема себеси, за да не се лишиш од славата Божја.

86.  Да бегаме од пијанството колку што можеме. Да бегаме и од тоа – жени да среќаваме; нивните зборови се меки и заводливи (сп. Мудр. Сол. 7, 21), кон грев го водат оној што ги слуша.

87.  Внимавај да не бидеш уловен со краткотрајна сласт, за да не бидеш лишен од вечниот живот. Ти си повикан да бидеш духовен трговец. Гледај скапоцените бисери да не ги загубиш и непријателот сокровиштето твое да не го искраде; корабите твои со стоки натоварени – да не ги потопи и во домот твој да се вратиш без ништо. Непријателот, знаејќи каква чест добива оној што се пази чист од нечистотијата на телото, го напаѓа силно со нечисти помисли; со нив сака да го обмота и да го лиши од идната слава. А кога ќе најде душа, која лошите помисли ги отфрла, тој поретко ја напаѓа и сосема отстапува од неа. Тој навратува почесто таму, каде што штом ќе потропа – му отвораат, ги осквернува со нечисти помисли и телото и душата на оние што не му се противат; како некаков добар советник тој им нашепнуваː „Подобро ви е во светот да се вратите, отколку што вака телото свое го уништувате.“ Но на трезвениот ништо слично нема да му се случи. Затоа, биди внимателен спрема себеси, за да ја избегнеш оваа несреќа.

88.  Памети што си Му ветил на Господа; пази ја светата чистота, за да добиеш благодат од Господа. Послушајте го она што ви е реченоː „Бегајте од блудството“! (1. Кор. 6, 18). Сакаш ли да знаеш колку страшен грев е блудот? – Оние што неможеле змиите да ги умртват, ги умртвил блудот во земјата Мадијамска. Ако си паднал во овој грев, не останувај во него, туку стани и не отфрлај ги Божјата трпеливост и милост. „Помни дека смртта не задоцнува“ (Мудр. Сирах. 14,12). Знај дека не можеш да избегаш од Божјите раце. Не биди мрзлив, туку кај се, плачи и воздивнувај поради гревот твој и знај дека си бил измамен. Бог, твојот Создател, не ги заборава делата на секој од нас.

89.  Не биди мрзлив, туку бори се со непријателот твој. Загради го отворот низ кој тој влегува во тебе – за да те уништи; загради го тој отвор, за да не влегува во тебе и да не те поткрадува. А затворањето на отворот е запазувањето на сетивата, низ кои и доброто и злото влегува во душата. Тие сеː видот, слухот, мирисот, допирот и вкусот. Да не им дозволуваме на лошите помисли да се населуваат во нас. Спомнувај си за исполините, кои ја уништиле земјата со својата сила, но и тоа како Господ нив ги уништил, избришувајќи ги во еден миг од лицето на земјата со силата на потопот; силата нивна не им помогнала. Размислувај за Содом и Гомор, за тоа како биле уништени поради нивните гревови и дека ништо не им помогнале ни раскошот ни гордоста. Да се погрижиме за нашето спасение, за крајот наш да не дојде ненадејно и да не завршиме со голема осуда.

✤✣✤
90.  Кажи му на оној што те валка со нечисти пожелбиː „О, непријателу на вистината, зар да се срамувам за извршувањето на твоите желби? Појди кај оние што се слични на тебе. Ти самиот си го барал за себе стадото на свињите, еве, појди во нив и со нив заедно удави се! Јас веќе нема да бидам твој послушен роб. Измина времето кога ти бев послушен; од сега ќе се грижам само за вистината, ќе Му се молам на Бога – Он да ме избави потполно од таквите дела. Он ни Го дал Светиот Дух, а јас Го разгневив. Он ми ги дал чисти душата и телото, а јас ги извалкав.“ Еве, вака говори му, возљубен мој, на оној што ти внушува блудни помисли“.

91.  Некој од светите реколː „Блудот е сличен на кучето; ако го милуваш тоа ќе остане при тебе, а ако го подгониш, тоа ќе избега од тебе“. Биди внимателен спрема себеси и спрема својот живот. Гледај заради некое мало задоволство да не го загубиш плодот на многу свои трудови; на загубувај ја наградата поради блудната нечистотија, не загубувај го безмолвието заради твоите нечисти дела. Гледај да не ја загубиш наградата за бдението, безмолвието, воздржанието и за другите добродетели; не биди сличен на човек, кој добиената награда ја става во продупчена торба. Со стравот Божји оградувај се!

 ✤✣✤

Подготви: Т.С.

10-ти декември 2017 лето Господово

 

Друго: