Браќата треба да живеат меѓу себе во едноставност, чистота, еднодушност, мир и срдечна искреност. Никој да не се издигнува над другиот, да не мисли дека е подобар од другиот и во нешто погоре од него, туку напротив, секој, како Христов ученик, да се смета полош од сите луѓе. Секој со љубов, простота, без славољубие и самољубие, со взаемно почитување, да му се покорува на својот ближен - во страв Божји, за да може во братството да биде запазен сојузот на мирот, така што тоа да биде еден дух и едно тело во Исуса Христа.


Бидејќи на сите браќа, кои водат ист начин на живеење им престои, како што рековме, иста цел; секој нека се труди, според своите сили, да Му верува на Бога, дека, ако се труди добро и ги извршува добродетелите, ќе достигне до највозвишената мерка на христијанското усиновување. Простотата, искреноста, взаемната љубов, радоста и смирението во сѐ да бидат особено непоколебливи во братството, како негова основа, зашто инаку, ако се гордееме или се воздигнуваме еден над друг, или ќе почнеме да мрмориме или целиот наш труд ќе биде напразен. И оној што е во непрестајна молитва да не се превознесува над другите што се уште неспособни за неа, за да може неговото дело да напредува пред Бога и пред луѓето. И оној што се посветил на тоа да им служи на другите и на извршувањето на некое друго послушание, да не мрмори поради внушување од страна на злобата и да не го клевети оној што го извршува подвигот на молитвата и постите, та да може и тој да ја добие Божјата благодат и неговото дело да Му биде пријатно на Бога.Бидејќи сме членови еден на друг, ние сме должни, едни со други да се успокојуваме. Како што членовите на телото управувани само од душата, без завист му услужуваат еден на друг, така и ние, бидејќи сме членови еден на друг, биваме управувани од Едниот Свет Дух и сме хранети од едното живо Слово на вистината, и затоа сме должни да се успокојуваме еден со друг, да се трудиме во согласност со сите во дух на љубов и едноставност, добрина и радост.- Кога ќе биде од наша страна ваква взаемна расположба на еден спрема друг во едноставност, тогаш изобилството на оние што ѝ се предадени на молитвите ќе ги исполнува недостатоците во ова дело на оние што се наоѓаат во различни послушанија и обратно, изобилството од трудовите на оние што го носат товарот на послушанието ќе ги дополнува недостатоците на оние што се зафатени со молитвениот подвиг, па според зборовите на апостолот нивниот одвишок ќе биде даден за недостигот на другите, " па да има еднаквост" (Кор. 8,14). Потребно е само меѓу браќата да бидат утврдени едноставноста, љубовта, смирението и незавидливоста. Тогаш во каква мерка кој верува, љуби и се труди, во таква мерка секој ден ќе успева и ќе се удостои со Божјото царство. Ете, тоа е вистински ангелски живот! Токму тоа означуваат зборовите од Господовата молитва: " Да биде Твојата волја, како на небото, така и на земјата" (Матеј 6,10). - Кога се соединуваме еден со друг со незавидување, едноставност, љубов, мир и радост, кога успехот на нашиот ближен го сметаме за наш личен успех и за наша лична придобивка, а, исто така и слбостите, недостатоците и маките - да ги признаваме и како наши недостатоци, како што е речено: " не грижете се само за себеси, туку и за другите!" (Фил. 2,4). На тој начин, сочувствувајќи си еден на друг, особено, ако имаме сочувство спрема другите - посилните за оние што се послаби, - и ќе можеме да го исполниме Христовиот закон, како што рекол светиот апостол Павле (сп. Гал. 6,2).

За Преминпортал: Т.С.