Преподобен авва Доротеј

✤✣✤

За тоа дека треба да се прекоруваме себеси, а не ближниот

(втор дел)

✤✣✤

109517.p.jpg

109517.p.jpg



Кога страдаат светиите, тие страдаат заради името Божјо, или за тоа да се стекнат со добродетел која ќе биде од полза за многумина, или, пак, за тоа да им се намножат венците и наградата од Бога. Но можеме ли ние, бедните да го кажеме истото и за себе, ние кои грешиме секојдневно, задоволувајќи ги своите страсти и напуштајќи го вистинскиот пат што ни го покажале отците, патот на самоукорување, и наместо тоа одиме по кривиот пат – патот на укорување на својот ближен? И секој од нас се труди да ја префрли вината на братот свој и врз него да ја наметне целата тежина: не се придржуваме и не почитуваме ни една заповед, а од ближниот свој браме исполнување на сите заповеди.

Еднаш кај мене дојдоа двајца браќа, лути еден на друг, и постариот велеше за помладиот: „Што и да му речам да направи, тој се лути, па и јас почнувам да се лутам и си мислам дека доколку тој имаше кон мене доверба и љубов, ќе ги примаше моите зборови со поголема сигурност“. Помладиот, пак, рече: „Прости ми авва, тој мене ми се обраќа сосема без страв Божји, ми заповеда како владетел и јас си мислам дека заради тоа, во срцето свое немам доверба, како што велат светите отци“. Гледајте како тие се прекоруваат еден со друг, а ниту еден не се прекорува себеси. И други двајца биле исто така лути еден на друг, па и кога се поклониле еден пред друг, сепак не добиле спокој. Едниот велел: „Тој не ми се поклони од сѐ срце, како што велат отците, па затоа јас не добив спокој“. Другиот, пак, расудувал: „Бидејќи тој не беше спремен да има братска љубов кон мене, кога му побарав прошка, затоа и јас не се успокоив“. Какво смешно расудување. Гледате ли како извртување на поимите! Само Бог знае колку се ужаснав што и изреките на нашите отци ги користиме согласно нашата волја, за да се оправдаме себеси. А всушност, обајцата требаше да си ја примат вината на себе, и едниот од нив да каже: „Затоа што не му се поклонив од срце на својот брат, Бог го насочи да не ми покаже почит“. Исто така другиот требаше да каже: „Затоа што јас не бев подготвен да го сакам братот мој, пред тој да ме замоли за прошка, Бог не го просветли да ми покаже почит“. Исто така требаше да постапат и оние другите двајца спомнати горе. Едниот требаше да каже: „Јас му се обраќам како владетел и затоа Господ не го насочи братот мој да ми верува“, а другиот беше должен да си помисли: „Братот мој со љубов и смирение ми се обраќа, но јас сум непослушен и немам страв Божји“. И така ни едниот, ни другиот не го најдоа патот кон самопрекорувањето, напротив секој ја префрлаше вината на својот ближен. Ете зошто ние не преуспеваме, ете зошто од ништо не добиваме корист, туку сето време го трошиме за да се противиме еден на друг и да се измачуваме самите себеси.

Како што изгледа, денес секој се оправдува себеси и како што реков, си дозволува ништо да не почитува, а од ближниот свој бара тој во сѐ да ги исполнува заповедите. Поради тоа ние не можеме да дојдеме до сознание за доброто, бидејќи и најмало нешто да се научиме, веднаш истото тоа го бараме и од ближниот, прекорувајќи го со зборовите: „Тој беше должен ова да го направи, зошто не направи така?“ Зарем не е подобро, наместо ова, од себе да го бараме исполнувањето на заповедите и да се прекоруваме кога не ги почитуваме?

Да земеме поука од оној старец, кој кога го прашале: „Што е најважното нешто што си го научил на патот отче?“, тој одговорил: „Тоа во сѐ да се прекорувам себеси“. Оној што го прашал го пофалил и му рекол: „Нема друг пат освен тој“. Така и авва Пимен рекол: „Сите добродетели влегоа во тој дом, освен една без која на човекот му е тешко да се одржи“. И кога го прашале: „Која е таа добродетел?“, тој одговорил: „Таа, човек да може во сѐ да може самиот да се прекорува“. И св. Антониј Велики рекол: „Големиот подвиг на човекот се состои во тоа што тој пред лицето на Бога, сите свои прегрешенија ги презема на себе и очекува искушение до последен здив“.

И во сите примери гледаме дека светиите го погребаа своето и Му принесоа сѐ свое на Бога, дури и малиот стекнат спокој. Таков свет човек бил и оној старец на кого братот во времето на болеста, во јадењето, наместо мед му ставил ленено масло, што е многу штетно. Сепак, старецот молчел, и првиот и вториот пат, и и не само што не го прекорил братот кој служел, обвинувајќи го за невнимателност, туку напротив не кажал дури ни еден збор што би го растажил. Подоцна кога братот разбрал што направил, тој почнал да се измачува, велејќи: „Јас скоро те убив авва, а ти целиот тој грев го стави врз мене кога премолчи“. Овој, пак, со кротост му одговорил: „Не грижи се чедо, да Му беше угодно на Бога да јадам мед, ти ќе ми ставеше мед во јадењето“. На тој начин старецот го ставил сето тоа во рацете на Бога. А, запрашајте се, какво е учеството на Бога во сето ова? Братот погрешил, а старецот зборува: „Да Му беше на Бога угодно...“. Гледате како овој старец, иако бил болен и неколку дена не можел да јаде, сепак не го укорил братот, туку сето Му Го препишал на Бога и се смирил. И добро кажал старецот, бидејќи знаел дека ако сакаше Бог и лененото масло ќе го претвореше во мед. А што правиме ние? Во секоја работа се нафрламе на ближниот, не признавајќи му и прекорувајќи го како неработник и како некој што не постапува по совеста. Еден збор да чуеме и веднаш тоа го толкуваме вака: „Да не сакаше тој да ме вознемири, немаше да го каже тој збор“. Затоа кога ќе слушнеме некој навредлив збор, ние не велиме како Давид дека Господ го насочил братот да рече така, туку постапуваме исто како кучето, кое кога некој ќе му фрли камен, го остава оној што го фрлил каменот и трча и го гризе каменот. Така правиме и ние: оставајќи Го Бога Кој допуштил да нѐ нападнат страсти заради нашите гревови, се вртиме кон ближниот, велејќи: „Зошто ми кажа вака?“, „зошто ми го направи ова?“, и така не добиваме духовна корист од овој или слични случаи. Напротив си наштетуваме самите себеси, не разбирајќи дека сѐ се случува по Божја промисла и за наша полза.

Господ Бог да нѐ вразуми по молитвите на светиите, зашто Нему Му припаѓа секоја слава, чест и поклонување во вечни векови. Амин.


 Извор: Бигорски манастир

1-ви ноември, лето Господово 2014