Што велат светите отци за постот


Бидејќи не постевме, затоа сме исфрлени од Рајот, затоа треба да постиме за да се вратиме во Рајот. (свети Василиј Велики)

Впрочем, за полезен пост не е доволно само воздржување од јадење; туку да постиме со пост пријатен, угоден на Бога. Вистинскиот пост – е оддалечување од злото, воздржување на јазикот, совладување на гневот во себе, оддалечување од похотите, клеветење, лажење, погазување на клетви; воздржување од ова е вистински пост. При вакви услови постот е прекрасно дело. (свети Василиј Велики)

Постот ги раѓа пророците, им дава крепост на силните, ги омудрува законодавците. Постот е добра стража за душата, надежен сопатник на телото, оружје за доблесните луѓе, училиште за подвижниците. Тој ги отстранува искушенијата, ги закрепнува подвижниците во благочестието; станува сожител на трезвеноста, раѓа целомудрие во душите; во војна извршува подвизи, во време на мир учи на безмолвие, го осветува монахот, го усовршува свештеникот. Постот ја изгаснал силата на огнот, им ја затворил устата на лавовите. Постот ја испраќа молитвата кон небото, видоизменувајќи се во крилја при искачувањето нагоре. Постот е духовно растење за семејството, мајка на здравјето, воспитувач на младите, украсител на старите, добар сопатник за оние кои патуваат, надежен сожител на сопружниците. (свети Василиј Велики)

Постот ги заштитува децата, ги прави целомудрени младите, му дава чест на стариот: зашто белата коса, украсена со пост, е достојна за почит. Постот е најсоодветниот украс на жените, узда во цутот на младоста, чувар на бракот, воспитувач на децата. Такви услуги му прави постот на секој дом. А како го уредува тој нашиот живот во општеството? Веднаш целиот град и целиот народ го води кон добри дела, ги стишува критиките, го смирува раздорот, ги замолкнува укорите… Ако сите би го имале него за советник, во врска со своите дела, ништо тогаш не би го нарушило длабокиот мир кој ќе владее насекаде… Тогаш нашиот живот не би бил со многу плачење и полн со униние, ако постот биде главен раководител на нашиот живот. Бидејќи, како што е очигледно, тој би ги учел сите, не само да се воздржуваат од јадења, туку и на совршено оддалечување и отуѓување од среброљубие, алчност и од секој порок. (свети Василиј Велики)

Постот е оружје за вооружување против демоните. (свети Василиј Велики)

Постот е успокојување на нашите души, украс на старите, наставник на младите, учител на целомудрените; тој секоја возраст и пол го украсува како со некоја круна. (свети Јован Златоуст)

Постот ја исушува желбата, а молитвата го очистува умот, подготвувајќи го за созерцување на вистината. (преподобен Максим Исповедник)

Постот со расудување е широко поле за секое добро. А кој не се труди во постот, тој го расколебува секое добро. (преп. Исаак Сириски)

Постот е победа над природата, отфрлање на сè, што го насладува вкусот, гаснење на телесното распалување, истребување на лукавите помисли, ослободување од нечистите соништа, чистота на молитвата, светило на душата, чувар на умот. (свети Јован Лествичник)

Постот е заштита на секоја добродетел, почеток на подвигот, венец на воздржувањето, убавина нa девството и светоста, светлина на целомудрието, почеток на христијанскиот пат, мајка на молитвата, извор на целомудрие и разум, учител на безмолвие, претходник на сите добри дела. (преп. Исаак Сириски)

Благодарение на постот се извршува сè што е прекрасно и добро. (свети Григориј Палама)

Бидејќи невоздржанието се манифестира преку сите чувства, тогаш на сите им одредуваме воздржување. Ако ти постиш со храна, а очите те соблазнуваат кон прељуба во тајните на твојата душа, и кон љубопитство и кон клеветење; слухот, пак, прима престапи и блудни песни и лоши клеветнички дошепнувања; и другите чувства, наизменично ги повредуваш, тогаш каквa е ползата од постот? – Се разбира, никаква! (свети Григориј Палама)

Вистински пост е оној, кој се распростира на сè, сè очистува и сè лечи. (свети Григориј Палама)

Вистински блажен и трикратно блажен е оној кој го запазил воздржувањето; затоа што воздржувањето е навистина голема добродетел… Постои воздржување во јадењето – да владееш со себе и да не бараш храна, која ни се нуди во изобилие, или омилени јадења, да не јадеш надвор од одреденото време, да не се предаваш на духот на чревоугодие, да не се поттикнуваш кон алчност од убавината на храната и да не бараш те една, те друга храна. Постои воздржување во пиењето – да владееш со себе и да не одиш на гозби, да не се насладуваш од пријатниот мирис на вината, да не пиеш вино без потреба, да не бараш разни пијалоци, да не бараш задоволства – да пиеш вешто подготвени пијалоци, да не употребуваш без мерка не само вино, туку, ако е можно, и вода. Постои воздржување во желбите и во порочното сластољубие – да господариш со чувствата, да не попушташ пред случајно возбудените желби, да не обрнуваш внимание на помислите кои ти дошепнуваат сладострастие; да не се насладуваш со она, што во тебе понатаму ќе поттикне омраза, да не ја исполнуваш волјата на плотта, туку да ги зауздуваш страстите со стравот Божји. (преподобен Ефрем Сириски)

Превод од руски јазик:

Ѓакон Јани Мулев

Изввор: Ортодоксиј и ортопраксија