БРАКОТ
Епископ Иларион Алфеев


Љубовта помеѓу мажот и жената е една од најважните теми на библиското благовестие. Како што вели Самиот Бог во книгата Битие: “Ќе ги остави човекот мајката своја и таткото свој и ќе се прилепи кон жената своја, и ќе бидат двајцата едно тело“ (Бит. 2:24). Важно е да се напомене дека бракот е востановен од Господа во рајот, а не е некаква последица од гревопадот. Библијата раскажува за сопружнички двојки на кои Божјиот благослов особено им го умножил потомството: Авраам и Сара, Исак и Ревека, Јаков и Рахила. За љубовта на мажот кон жената зборува и Песната над Песните на цар Соломон – книга која и покрај сите алегориско-мистични толкувања на светите отци, не ја загубила својата буквална смисла.

Првото свое чудо Господ Исус Христос го извршил кога ја претворил водата во вино на свадбата во Кана Галилејска. Светоотечката традиција го разбира тоа како благословување на брачната врска: “Ние утврдуваме – вели Св.Кирил Александриски – дека Христос го благослови бракот според Својата промисла, кога отиде на свадбената веселба во Кана Галилејска, според промислата по која Он Самиот постана човек“.

Во бракот се случува преобразување на човекот, надминување на неговата самотија и инфериорност, збогатување, пополнување и реализирање на неговата личност. Отец Јован Маендорф на овој начин ја определува суштината на христијанскиот брак: “Христијанинот уште во овој свет е повикан да се здобие со опит за новиот живот, да постане граѓанин на Царството Божјо; и тоа е возможно за него во бракот. На тој начин бракот престанува да биде само задоволување на времените природни потреби... Бракот е единствен (уникатен) сојуз на две битија во нивната љубов, битија кои можат да ја надраснат сопствената ограничена природа и да се соединат не само “еден со друг“, туку и со Христа“.

Друг значаен православен пастир, отец Александар Елчанинов говори за бракот како за “просвештение“ “мистерија“, во која доаѓа до потполна промена во човекот, обогатување на неговата личност, нови очи, нов аспект кон животот, раѓање на еден нов свет“. Љубовниот сојуз води до саморазоткривање на личноста на секој од двајцата, но и до појава на трет – нивниот плод, детето, претворајќи ги на чудесен начин двајцата во троица. “Во бракот е возможно потполно познание на другиот – чудо на чувствување, гледање, вкусување на туѓото битие... Пред тоа човек ползи некако над животот, го гледа од страна, а сега се потопува вистински во него, нурнувајќи во неговата длабочина, преку другиот. Оваа наслада од вистинско познание и вистински живот носи чувство на реализирана полнота и удобност, не прави богати и мудри. И таа полнота се продлабочува уште повеќе со раѓањето – преку нас двајцата, соединети и прилагодени – на третиот, нашето дете“.

         Придавајќи му на бракот вакво исклучително големо значење, Црквата гледа одречно на разводот, вториот и третиот брак, ако тие не се предизвикани од специфични околности како што е нарушување на брачната верност. Ваквиот став е заснован на зборовите на Самиот Христос, Кој не ги потврди старозаветните закони, туку дозволи развод само во случај на прељубодејство (Матеј 5:32). Во тој единствен случај, како и при смрт на еден од сопружниците и во други исклучителни случаи, Црквата благословува и втор и трет брак.

Ранохристијанската Црква не познавала специјален обред на венчавање: мажот и жената оделе кај епископот и тој ги благословувал, после што двајцата се причестувале заедно на Литургијата. Особена врска со тајната на Евхаристијата се проследува и во современиот црковен обред на венчанието: тоа започнува со литургискиот возглас “Благословено е Царството!“ и вклучува многу молитви од Литургијата, читање на Апостол и Евангелие, символична заедничка чаша, од која пијат сопружниците. На венчанието му претходи веридба, некогаш извршена претходно, а сега најчесто пред самото венчавање. При веридбата, младоженецот и невестата треба да ја потврдат доброволноста на својата врска и да си разменат венчални прстени.

Самото венчание се извршува во храмот, по правило за време на Литургијата. Главите на младоженецот и сопругата се овенчуваат со царски венци (круни), символ на нивното царствување во тој миг и за Царството Божјо – та, секое семејство е една мала Црква. Но венецот во православната црковна традиција е и символ на мачеништво, и тоа исто така е многу важно: бракот не е само радоста на првите свадбени месеци, туку и заедничко понесување на тешкотиите и страдањата во овој живот – оној секојдневен крст, чијашто тежина лежи врз двајцата. Во векот кога распаѓањето на семејството стана вообичаена појава, во кој уште при првите тешкотии и искушенија сопружниците се спремни да се предадат еден со друг и да ја прекинат својата врска – во тој век, ставањето на маченички венци е потсетување, дека нивниот брак ќе биде здрав само тогаш, кога ќе биде заснован не на моменталната и минлива страст, туку врз подготвеноста да  го дадат животот еден за друг. И семејството станува дом изграден на карпа, а не на песок, само тогаш кога неговиот аголен камен е Самиот Христос. За страданијата и за крстот потсетува и тропарот “Свети маченици“, кој се пее за време на трикратното обиколување на младите околу налоњот.

За време на венчавањето се чита евангелскиот расказ за свадбата во Кана Галилејска. Тој го потенцира невидливото присуство на Христа и Божјиот благослов за младоженците. Та, нели во христијанското семејство – како и на онаа древна свадба – “водата“ на тешкото земно секојдневие, треба да се претвори во “вино“, во вечен празник, во вечно славење на љубовта на двете души една кон друга.


Подготви: М.З.