„Отче, сакам да зборувам со вас за нешто сериозно…“

Девојката стоеше на влезот од свештеничката канцеларија, чекајќи одобрување за да влезе.

Немаше изглед на „благочестив“ човек. Носеше тесни пантолони и беше фарбана.

Стариот свештеник ја погледна со добрина. „Молам, за сè што сакате!“

Девојката влезе и седна пред бирото на свештеникот. „Барам совет од вас“, рече отсечно и одлучно. „Мајка ми е при крај со животот. Голем дел од животот го помина работејќи ноќе во лоши места… Знам… Можеби малку ќе ве соблазнам…“ Престана, гледајќи го свештеникот испитувачки, но со искреност во нејзините очи“.

„Ве молам, продолжете“.

„Мајка ми со парите кои ги заработуваше успеа да нè порасне мене и брат ми без да има потреба да нè даде во туѓи раце. Татко не знаеме кој ни е…

Но не нè порасна само нас. Половина од нејзините пари и повеќе од тоа ги даваше како милосрдие. Многу деца пораснаа благодарение на неа. Некои студираа благодарение на мајка ми. Во целиот нејзин живот, милостината беше прва нејзина обврска… Сега умира. Со тешкотија комуницира. Јас би сакала таа да се причести, но не знам како да ѝ го кажам тоа… Разбирате… таа никогаш немаше некоја врска со Црквата… не беше сосема рамнодушна, но… разбирате…“

Свештеникот ја наведна главата и ја слушаше со разбирање.

„Не грижете се“, ѝ рече. „Го направивте тоа што требаше. Сега и двајцата ќе се молиме за мајка ви. И Бог ќе покаже некој начин. Во секој случај, како и да е, да знаете дека Бог нема да ја остави таквата милостина без покајание…“

Поминаа неколку денови. Свештеникот немаше новости од таа девојка. И одеднаш едно утро виде плаката за смртта на мајката, залепена на еден столб. Реши да отиде на погребот. На крајот од опелото му пристапи девојката. Пристојно го поздрави и му се заблагодари што дошол да им искаже сочувство. Беше многу опадната.

„Многу сум загрижена за душата на мајка ми, отче“, ми рече.

„Не грижете се, ви кажав: штом вашата мајка покажала такво милосрдие, Бог нема да дозволи да ја остави без покајание и простување. Само тоа можам да ви го кажам. Останатото го знае само Он…“

„Отче, да ве запознаам со брат ми“. Следеше претставување. „Отецот овде е од црквата на „Света Фотина“… знаеш… малку погоре од куќата на мама…“, му рече на брат ѝ. „Како и да е, отче, не кријам дека ми е жал што си замина така“, повторно се сврте кон свештеникот. „Можеби требаше да бидеме поупорни. Не знам… разбирам што ми велите, но немам толку вера за да се утешам од тоа…“

„Што се случува“, се вмеша братот.

„Па отидов пред неколку дена кај отецот за да побарам да дојде да ја исповеда и причести мама, но некако не стасавме… не знаевме како таа ќе го прими тоа… и ете не успеавме…“

Братот се изненади, се насмевна и рече:

„Не грижи се, успеавме… Завчера вечерта кога ти не беше дома, мама како да се разбуди одеднаш од нејзината летаргија, се сврти кон мене и – како да не беше болна – му рече: „Оди брзо во „Свети Димитриј“ и повикај го овде попот“… Најпрво се зачудив. Не сакав да ѝ го кршам атерот, но не очекував да најдам некого во црквата во тоа време…

ispoved

Но попот беше таму. Му објаснив и дојде веднаш… Од кај да знам јас дека ти исконтактирала со свештеникот од „Света Фотина“… Извини што не ти кажав ништо, но со погребот и грижите заборавив… и да бидам искрен, не знаев како ќе реагираш ти на тоа… Не ми имаше кажано дека ќе одиш кај попот… Како и да е, таа се причести…“

Свештеникот се насмеа. Ги поздрави топло и си замина. „Не ја остава Бог милостината без да биде придружена од покајание“, си велеше во себе со трогнатост…

(извадок од книгата Малиот градски старечник „Колку што можеш“, од Василис Аргириадис).

Превод од новогрчки јазик: Свештеник Јани Мулев

Извор: https://crkvaveles.wordpress.com/2013/09/12/milosrdie-pokajanie/