Такси

 

Во центарот на Солун влегуваат и излегуваат автомобили. Моторцикли се провлекуваат меѓу автомобилите низ заглавените градски улици, во обид побрзо да стигнат до нивната дестинација. Во автобусите, исто така, има гужва. Куп луѓе, млади и стари, одат на работа, бараат работа, пазаруваат, пијат кафе, одат на училиште или факултет. Градот одекнува со звукот на сообраќај, свирежи, разговори и мобилни телефони што упорно ѕвонат.

На семафорот се вклучи црвеното светло.

Прозорецот на еден автомобил е спуштен, и младиот возач во него ужива во звуците на неговиот град. На радио слуша тивка музика. Односно, младичот слуша византиско пеење, кое Бога Го слави, и просејќи милост од Него, Му воспева слава. Младиот возач е псалт во една од градските цркви.

Семафорот уште свети црвено.

До овој автомобил се постројува едно такси. И неговиот прозорец е отворен. Во таксито нема патници, само таксистот е во него, средовечен маж. Едната рака му е на воланот, а со другата како да покажува нагоре, кон небото. Гледа нагоре, а не во семафорот. Неговата уста мрда. Кажува нешто. Но, не, не зборува на мобилниот.

Младичот од соседниот автомобил се обидува да разбере што овој зборува.

На семафорот се вклучи зелено.

Му свират одзади да тргне. Но, на следните семафори, повторно се еден до друг. Со нивните отворени прозорци, го дишат истиот воздух, ги слушаат истите звуци. Но, што вели овој таксист? Младичот упорно го набљудува, во обид да фати барем дел од неговите зборови. Го изгасна радиото. И слуша како таксистот на глас, и без срам вели: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене, грешниот.“ Пак и пак, истата молитва. Понекогаш гласно, а другпат само низ шепот.

На семафорот се вклучи зелено.

Продолжуваат до следните семафори, кога повторно се еден до друг. Таксистот е изгубен во молитвата. Не гледа лево ни десно. Не бара патници; единствено се моли. Ненадејно ја зема бројаницата во рака. Чиниш е некаде надвор од градот, иако е во центарот на Солун.

Младиот го гледа со восхит, како да гледа некој пустински подвижник што е фрлен среде градот. Бидејќи прозорците им се отворени, слуша како молитвата се кажува во ритам. Еден дечко на моторцикл сопира до него. И преку кацигата може да ја слушне молитвата. Се врти кон таксистот и упорно го гледа, како да е некаков лудак што минува низ епизода. Го исмева на глас, кажувајќи неколку навреди, и потоа заминува. Но, таксистот гледа напред. Ги затвара очите. Ги слуша навредите, но како да не ги слуша. Чека додека не му засвират одзади, за повторно да ги отвори очите и да замине. Господи Исусе Христе, помилуј ме, мене грешниот.

На семафорот се вклучи зелено.

Колоната автомобили свири, но таксистот не се движи, останува на место како да е во некој параклис што не се движи, туку луѓето што се молат во него ги вознесува на небо. И младичот не ја придвижува колата. Не сака да замине без таксистот. И двајцата остануваат среде градот. Едниот од нив непрекинато се моли, а другиот учествува во благодатта што му се дава на првиот.

Таксистот ги отвори очите. Го става автомобилот во прва брзина, но пред да стисне на педалата за гас се врти кон младичот што го гледа со восхит. Конечно, нивните очи се сретнаа преку отворените прозорци, како отворени срца. Среде градската бучава, среде сите навреди и пцовки, среде автомобилските свирки, мобилните телефони, тој престана да ја кажува молитвата. Престана за да му каже на младичот до него, од кого сега ќе се раздели: „Ти благодарам што беше со мене, макар само на семафорите.“ Му се насмевна како да го прегрнува, и стисна на педалата за гас. Улиците се испразнија штом таксистот исчезна. А младичот продолжи да стои во место.

На семафорот се вклучи црвено.

Младичот остана сам до отворениот прозорец. Покрај него се престрои друг автомобил, во кој две млади девојки слушаа некаква гласна поп-музика. Ги виде, и тие го видоа, ни ништо како да не се случи. Ја подаде главата нанапред, ги затвори очите и си рече: „Какви луѓе живеат овде!“ Луѓе коишто се борат за парче леб, а се молат како аскети! Луѓе од градот што живеат како пустиници. Обични луѓе што имаат надземен опит, во нивните таксиња, продавници, на работа, дома.

Градот веќе не беше ист во неговите очи. Напротив, градот му заличи на засолниште за светители, на духовна арена. Како да дишеше поинаков воздух, исполнет со божествен кислород. „Господи Исусе Христе, помилуј ме мене, грешниот“, започна да шепоти. И на семафорот се вклучи зелено…

Извор: http://pravoslavie.mk.

Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/taksistot-koj-ja-kazhuvashe-isusovata-molitva/ .