teofan poltavski

Архиепископ Теофан Полтавски

teofan poltavskiМи пишуваш: „Епископот Игнатиј вели: ,Потполно е неопходно да се читаат делата (на Светите Отци) кои се во склад со сопствениот начин на живот‘. Што значи ова? Дали човек треба да се ограничи само на читање на Светите Отци и учења предадени за сите христијани или може да чита исто така и други дела, како на пример, оние кои говорат за монашкиот живот во манастирите“.

Мојот одговор е следниов. Човек мора да разликува читање, кое е само информативно, од она кое го раководи во духовните нешта, општо кажано, човек може да чита сè. Но за раководење во духовните нешта, човек мора да ги избере оние дела кои се прикладни за неговиот начин на живот.

Најдобри духовни раководители за христијаните кои живеат во светот се оние кои ги нарекуваме Вселенски Учители и Отци на Црквата: Василиј Велики, Григориј Богослов, Јован Златоуст, а меѓу Русите – свети Тихон Задонски. Човек може исто така да извлече правила за сопствениот духовен развој и од другите Свети Отци и Учители. Но ова мора да се прави внимателно. Посебно човек мора да внимава на сè што е запишано за духовните нешта. Не мораме секогаш да внимаваме на нивните совети за лични работи, особено кога тие се однесуваат на одредено место или време.

Делата на свети Макариј Египетски, на пример, додека ја допираат суштината на христијанскиот духовен живот „општо“ може да играат значајна улога во раководењето на секој христијанин. Делата на свети Исаак Сириски, од друга страна, бидејќи се концентрирани на духовниот живот на затворник, не можат да имаат ваков вид  значење за секој христијанин. Ова е делумно точно и за делата на свети Симеон Нов Богослов.

Следствено, во ваква ситуација е посебно важно да се зборува, не толку за тоа кого треба да го читаме, туку како да го читаме. Читателот кој прави разлика, може да чита сè, додека, пак, невнимателен читател би требало да чита под раководство на некој кој прави разлика; во отсуство на таков човек, тој треба на почетокот да се фокусира на читање на Вселенските Отци и Учители на Црквата.

Како заклучок на овој разговор би го цитирал Московскиот патријарх Филарет: „Од кои причини Господ ја просветли небесната Црква со толкав број на православни светители, на ист начин како што го просветли земското небо со толкав број на ѕвезди, од која причини ако не, за секој од нас да може, според своето расположение  и по своите потреби  да прими светлина и раководство на патот кон небесата?“

Дали постои некој чие послушание е да ја сочува светата вера од заблудите на неправославните верувања? Нека си најде себеси модел и водство во животот и зборовите на учителите, како што се Атанасиј и Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст.

Дали некој избрал живот во осамеништво и голема предаденост на Бога и на молитвата? Преку други нека го усвои, низ книги и приказни, отшелничкиот и монашкиот духовен живот, и нека ги набљудува, макар и оддалеку, чекорите на големите подвижници како што се Антониј, Макариј, Пахомиј, Ефрем и многу други, кои го следеа нивниот пат низ вековите.

Дали Промислата Божја испитува некого преку лишувања и несреќи? Нека го зајакнува своето убедување со примерот на Јов, кој  во лишувањето и страдањето не престана да го слави Името Господово.

Дали некој се грижи за тоа како да биде достоен и да живее во согласност со верата, среде благосостојба и изобилство? Нека го гледа животот на Авраам, кој бил смирен и попустлив, полн со добродетели и избавител на несреќните, кој ги љубел странците и ги угостил Ангелите Божји.

Ако некој е совладан од пороци и страсти, нему исто така ќе му биде покажана надеж и начин како да се крене од бездната, по примерот на разбојникот кој беше спасен на крстот и на други, слични на него: Марија Египетска, Мојсеј Мурин, и многу други кои биле спасени по паѓањето во грев, кои станале Светители по длабоко расипување. (Беседа во спомен на свети Сергеј)

 

Архиепископ Теофан

11 јануари, 1927 год.

Софија

Превод од српски јазик:

Јаков Илкоски, инженер по биологија

Наслов на изворникот:

Архиепископ Теофан Полтавски,

Руковођење у читању духовних књига за људе у свету

Православна светлина бр. 15
10/04/2014 Православна светлина.

 

Преземено од:  http://amvon.mk/rakovodstvo-za-chitanje/