Свештеници и мерцедеси

Парохискиот свештеник во нешто е сличен на локалниот лекар. Преоптоварен, изморен, трча наваму-натаму, еднаш за да причести некој болен, другпат за да изврши погребение, па на крштение. Жена му не го гледа дома, и со право негодува поради тоа.Домот е запоставен. Се нема доволно време и сили за сè. А работата е важна, и лекарската, и свештеничката. Исклучително важна, но не и привлечна. Свештеникот не е ниту фудбалски голгетер, ниту популарен пејач.

А сепак, нечија болна фантазија секојпат си го замислува свештеникот никако поинаку, освен во Мерцедес. Срамота, навистина. Дали сте виделе мношто локални лекари во Мерцедеси? Секако, постојат и лекари кои возат скапи автомобили, но таков сигурно не е селскиот болничар или педијатарот од градската поликлиника. И покрај тоа што постојат и „црни трансплатолози“, како и лекари што претвораат „чичковци“ во „тетки“ и обратно, сепак, некако не се осудуваме да ги сместиме сите лекари во ист кош. И покрај тоа, тие лекуваат, спасуваат, оперираат, советуваат. И во поголемиот број случаи, живеат скромно. Меѓутоа, и тоа како успеваме да ги сместиме сите свештеници во ист кош. Зошто?



Затоа што, очигледно, лекарите ги посетуваме почесто, носејќи ги кај нив пред умирање нашите ближни. Велиме „Аааааа“ со стапче во устата, ја извршуваме наредбата „диши – не диши“, итн. Додека, пак, Црквата ни е позната само оддалеку, преку отец Фјодор од претставата „12 стола“, или по Пушкиновата бајка „За попот и неговиот работник Балдо“. Поради тоа, за поголемиот број на неверни сонародници не им е познат скромниот живот на повеќето ереи, кои патуваат со комбиња и со автобуси.

Да, навистина, каква врска има со што патува лекарот, доколку самиот јас сум дошол кај него за да се излечам? „Патувај со што сакаш, само помогни ми да ја надминам болкава“, така мислиме. И до тука сè е јасно, затоа што на еден или друг начин, сите сме запознаени со личната болка и со стравот за животот на нашите блиски. Но, со болеста на својата душа, со своето внатрешно душевно распаѓање не сме сите запознаени. Токму тие, незапознаените, постојано биваат навлечени да го бараат целото светско зло надвор од себеси. На тие незнајковци, т.е. на оние коишто не знаат дека светското зло лежи во самите нив, младиот Мамонов им ги посветил овие стихови: „Не ги убивај мувите! Изворот на зараза – тоа си ти!“

+ + +

Жално за свештениците, и воопшто, жално. Ова се случува затоа што во народот не постојат професии на кои би се восхитувале. Геолог, космонаут, научник, полицаец, педагог, лекар… Сите овие професии некогаш беа овеначени со идејата за подвиг и труд, општата добросостојба и љубов кон народот. „Што е рудар? – Тоа е храбар човек кој работи под земја, за во нашите домови да биде топло. Што е учител? – Тоа е умен и добар човек, кој пред нас ги отвара вратите на животот“, итн. А денес: „Што е рудар? – Тоа е еден кутар човек, кој за неколку денари се спушта под земја, и најсреќен би бил кога би ја напуштил својата работа, ама нема друг излезе. Што е учител? - Тоа е еден губитник, кој работи за ситни пари, и кој своите фрустрации ги истура врз децата. Што е полицаец?- Бандит кој шета во униформа. Што е столар? - Исто така, бандит, само не во униформа, туку во работничко одело“, и така до бескрај.

Постарите генерации не се почитуваат, затоа што тие живееле во тоталитаризам. Современите генерации не се почитуваат, исто така, затоа што меѓу нив има лажговци и крадци. Интересно е, тогаш, како да се вгради почитта кон себеси во сопствените деца при ваквиот светоглед, доколку никој никого не го почитува „идеолошки“, и во принцип – секого го презира? Во општеството коешто се наоѓа во ваква состојба, при што во крв се давиме од детството, зошто некој не би ги испратил своите остарени родители во дом за старци, кога ќе дојде време за тоа?

И ете ја првата пристигната поука. Слушајте ги оние кои сакаат да ги навредуваат сите други, а себеси да се фалат! Слушајте ги оние, за кои ништо не е свето, освен своето банкарско конто! Инвестирајте во домови за стари лица, додека не ви е доцна. Не е исклучена можноста токму таму да ги преживувате своите последни денови. Ова, или сменете го својот светоглед.

+ + +

Има многу неволји и неправди околу нас. Кој го негира тоа? Но, ако само го гледаме туѓото зло, зар нема да помислиме дека човекот кој така живо критикува сè и секого – е ангел, кој и тоа како би знаел да се снајде во мноштвото грешници со коишто е опкружен? Тој е оправдано лут. Тој знае кој и за што треба да биде казнет. Би сакал да видам многу повеќе вакви ангели во човечки тела околу себе, и навистина ги барам. А вистина е дека не ги наоѓам. За луѓето-ангели би било својствено да се молат; критизерите не се молат. Ангелите не говорат лошо за оние над себе, и Архангел Михаил дури ни сатаната не смеел да го прекори, туку само му рекол „Бог нека ти забрани“ (2 Пет. 2, 10). И повторно доаѓаме до тоа, дека човекот којшто не се грижи за себеси е раздразлив и завидлив, и дека тој не го познава словото Божјо; во спротивно би помнел дека во неговото око има греда – а во другите, само раски.

Но, ајде, да дозволиме ваквиот „правдољубец“ и да не го познава Писмото. Има и Библија, но е лош ученик. Сепак, тој треба да си ја знае историјата на својот народ. Мора, ама не ја знае. Или, пак, заборавил дека чистодушните фантазери, кои ја срушија претходната, несовршена царска власт, преку своето безумие и плитка опсесија, на власт донесоа една таква ретка банда на злосторници која на милиони луѓе им ја цицаше крвта, и тоа капка по капка? Или заборавил, или пак, има краток ум? Тоа се случуваше до неодамна. Но повторно, туѓото гајле го бере. Не знае ли тој дека човекот не гледа на светот објективно, туку преку призмата на своето огрешено искуство?

Во некој манастир, некој монах видел како, по спуштањето на ноќта, еден од браќата ја прескокнал манастирската ограда и се упатил кон блиското село. „Тој е блудник, кој оди во светот да блудничи“, помислил братот. Истиот настан го видел и еден друг брат. „Тој е лопов меѓу нас, оди во селото за да украде нешто“, си помислил. А третиот, кој исто така го видел братот, помислил: „Тој е еден од слугите Божји, и оди тајно да раздава милостина во селото“. Зошто на еден ист настан имаме три различни реакции? Затоа што секој суди според себеси.

За блудниот, сиот свет блудничи. За крадецот, сиот свет краде. За слугата Божји, сиот свет на Творецот Му угодува. Да се испитаме себеси на тој начин. Доколку ни се чини дека сите крадат, значи дека според внатрешната состојба на нашето срце, ние сме крадци. Ако според нас сите блудничат, значи и ние истото го правиме. И доколку вам, или мене, денес ни биде дадена власт, о, колку само ќе го изненадиме светот со нашата бескорисност. Уште сега гледам како ние, денешните борци, ќе покажеме пример на „труд, чистота и човечност“.

+ + +

Во нашиот град за Нова година го украсија центарот со преубави украси. Поврзано со тоа, во метрото го чув следниов разговор меѓу двајца мажи:

- Се сеќаваш ли колку тажно изгледаше градов минатиот Божик? Немаше ниту сијалички, ниту украси.
- Толку се грижат „тие“ за народов. Ги интересира само нивниот џеб.
- Тогаш, зошто е толку убаво оваа година?
- Затоа што толку многу крадеа, што сега можат и да украсуваат.

Продолжив понатаму. Одеднаш, сè ми стана и смешно, и тажно, и неинтересно.

Како што велат, ако во главата имаме дупка, тогаш ниту со добри закони, ниту со поклони и пари нема да ја закрпиме. Ако во душата крт ти ископал дупка, или „жаба“ ти ја исцицала радоста, тогаш и сиот свет да го сместиш во неа – пак душата ќе биде гладна.

И се сетив на св. Јован Златоуст, кој рекол: „Сето зло на овој свет доаѓа од незнаењето на Светото Писмо“.

Навистина, доколку мажите од метрото би ги знаеле зборовите на пророците, нивниот разговор ќе беше помудар. На пример, барем да знаеја дека: „Горделивата душа никогаш мир не ќе најде, а праведните ќе живеат во својата вера“ (Авакум 2,4).

Протоереј Андреј Ткачјов
Извор: Православен пат, бр. 33-34 

Преземено од : Агапи

 

13- ти јануари, лето Господово 2014