II Односот на Старозаветната и Новозаветната Црква кон астрологијата

Нашата Света Православна Црква уште во првите апостолски денови, астрологијата ја има окарактеризирано како паганска и сатанска традиција. Пророштвата никогаш не се сфаќале како активност која може да се научи преку следење на ѕвездите или било какви движења и промени во природата. Пророците своите пророчки визии ги добивале преку дарот на Светиот Дух, кои во ранохристијанското време изобилно се изливал врз христијаните.
Но, како во Стариот завет така и во Новиот завет, луѓето со пророчки дар не пророкувале кога ќе им текне и што ќе им текне. Се пророкувало само тогаш, кога Бог сакал преку нив да предупреди, поучи или да истакне нешто што требало да се случи, нешто што било во планот Господов, Кој сакал небеските тела да им служат на луѓето за мерење на времето, а никако за пророкување. 
Карактеристично е тоа што Светото писмо за верувањето во астрологијата го нарекува прељуба( Ис. 47,9-15 ), така што според Светото писмо, астролозите спаѓаат во категоријата на лажни пророци односно оние кои говорат во името на демоните. 
   На петтиот Вселенски собор(553 година - Константинопол) астрологијата била осудена заедно со другите лажни учења, така што познатиот  средновековен астролог Јован Агарик, поради неговото учење за астрологијата бил одлачен од Црквата и анатемисан.
     Да го разгледаме сега односот на Старозаветната и Новозаветната Црква кон астрологијата. Во великите кодекси на Мојсеј ќе прочитаме за забрана со казна на смрт за вршење на било каков вид маѓесништво. „Не одете по оние што повикуваат Духови на мртви; и до маѓесници не доближувајте се, и не дозволувајте да ве осквернат. Јас сум Господ, Бог ваш” (Левит.19,31) „И ако некоја душа тргне по оние што гатаат на животински црева и по маѓесници, за да го следат нивното блудство, Јас ќе го свртам лицето Мое против таа душа и ќе ја истребам од народот нејзин” ( Левит.20,6)
Во Повторените закони исто така читаме за строгото предупредување од Бога  за било какво гатање, волшебништво  и општење за оние што се занимаваат со тоа бидејќи тоа во суштина претставува сојуз со демоните. Но, поради нивната непослушност, Бог ги протерува од нивните земји, ги води во пропраст, а таа земја му ја дава на Израилот кој му е верен „Кога ќе влезеш во земјата, која Господ, твојот Бог, ти  ја дава да не свикнеш да правиш гнасотии, какви што вршеле тие народи; да не се најде пред тебе човек што го тера синот свој или ќерката своја преку оган, заради очистување, или да претскажува, да гата, или како маѓесник, чародеец, ни гледач во утробата ниту пак, што гледа по знаци, ни таков што повикува мртви; зошто секој, што го прави тоа е гнасен пред Господа и толку поради тие гнасотии Господ, Твојот Бог, ги згонува од пред тебе. Биди непорочен пред Господа, Твојот Бог; зошто тие народа што ќе ги наследуваш, ги слушаат гатачите и предскажувачите а тоа Господ, Твојот Бог, не ти го дал. Господ, Твојот Бог, ќе ти издигне пророк од браќата твои како мене – Него Слушајте го” (Пов.закон. 18,9-15)
Светиот пророк Исаија, пророкувајќи го пропаѓањето на Вавилон поради неговото безбожништво и погубното занимање со магијата и астрологијата, од името Господово со иронија вели: „Стој си, пак, со твоите магии и со многуте баења, со кои си се занимавала од млади години: можеби – ќе си помогнеш, можеби – ќе се одржиш. Ти си уморна од многуте совети; нека излезат оние, што го набљудуваат небото, ѕвездобројачите и предскажувачите по новомесечијата, нека те спасат од она што треба да ти се случи. Ете тие се како слама, оган ќе ги изгори; не ја спасија душата своја од пламенот; не остана јаглен да се погрее некој, ниту оган, за да се поседи крај него.” (Исаија 47,12-14).
Овде недвомислено се укажува на немоќта на сите облици на маѓесништво пред волјата и силата Божја и неодминливата казна за оние кои се занимаваат со магијата, астрологијата или прибегнуваат кон помош од окултизмот. Во судирот на маговите и маѓесниците со пророците и другите духоносни мажи, синовите на темнината секогаш трпат пораз. Така во книгата Исход (7,9) читаме како маѓесниците (мудреците египетски) и волшебниците, противејќи се на Мојсеја, правејќи многу чуда пред фаронот со помош на волшебства, не успеале да се спротистават на силата Божја и на крајот од краиштата, биле принудени да признаат дека Мојсеј ги поразил.
Какво е во суштина православното христијанско учење по ова прашање?
Тоа е пред се непоколебливо чување на апостолското и светоотечкото Предание, верност на содржината и формата која свое потекло има од Божественото Откровение. Православието е чистота на верата и цврстина на преданието. Уште во првите векови еретиците-гностици кои се обидувале да го усогласат христијанството со паганизмот тврделе дека тие се духовни „елитни” христијани наспроти останатите верници, кои ги нарекувале профани и кои поседувале тајни знаења со чија помош можела да се сфати длабочината на христијанството и да се дешифрира целото Свето Писмо. Но, вистината за гностиците се состоела во тоа што тие Господ Исус Христос Го прогласиле за еден од космичките еони, Кој слегол на земјата привидно во облик на човек. Окултистите во нашето време – теософите и антропософите, исто така изјавуваат дека сакаат да им помогнат на луѓето да го сфатат Евангелието подобро од Црквата и завршуваат со тоа што Христос и Луцифер ги прогласуваат за двојници.
        Господ Бог со Втората заповед: „Не прави идол ниту каква слика,од она што е горе на небото и што е долу на земјата и што е во водата,под земјата; да не им се поклонуваш,ниту да им служиш”; сакал луѓето да ги спречи на небесните тела да не им припишуваат божествени и мистериозни својства. Влијанијата на небеските тела за кои зборуваат астролозите, директно се во спротивност со смислата на Втората Божја заповед.
         Христијанството се противи на астрологијата од причина што таа прокламира многу мало достоинство на човекот. Навлекувањето во верување во хороскопи било природно за паганскиот свет во кој законот на судбината (фатумот, времето, кармата) се издигале над сè постоечко, потчинувајќи ги под себе дури и боговите. Но, христијанството во светот ја донело веста за слободата на човекот. На небесата нема слепи закони на кармата или астрологијата, туку Отец Кој љуби, во Чија волја е целата вселена и човечкото влакно. Човекот во секој момент ("во еден час", како што се пее во едно црковно песнопение) може да го измени својот живот. Покајанието на разбојникот на крстот не зависело од ѕвездите, туку од подвигот на неговата вера. Петар и Марија Магдалина, не ги привел хороскопот кон покајание, туку нивната љубов кон Христа. И токму затоа, првата паганска идеја со која во полемика стапило младото христијанство е идејата за "судбината". Верата во хороскопи повторно може да ја парализира човечката волја, да го окова човекот и чувството на сопствена одговорност. Паганските богови се олицетворение на различни стихии. Човекот во ваквиот космос не е повеќе од песок, микрокосмос - малечок свет, поставен во голем свет.
       Астрологијата учи дека секој човек (во зависност од тоа како со него управуваат ѕвездите) има своја индивидуална судбина, посебен живот и посебна смрт. Тогаш, како се можни масовните умирања кои се последица на војни, поплави, пожари и слично!? „Извлекувањето” врз база на таканаречената „Мундана” астрологија која се занимава со „судбината” на светот, тука не е во состојба многу да им помогне.
     Вистинскиот Бог, себе си се открил во Исуса Христа како Света Троица, а ние кои  после Христа живееме, преку Црквата Негова ја имаме не само полнотата на Богопознанието, туку и полнотата на Богоопштењето, причествувајќи се со Телото и Крвта Негова. Па како можеме да веруваме дека планетите управуваат со нашите постапки и судбини, и ни ја одредуваат иднината, кога многу добро знаеме дека истите не се ниту богови, ниту имаат божествено потекло, а истовремено многу добро знаеме дека Бог ги створил планетите да му служат на човекот, а не човекот на планетите. 
Православието има своја мистика, тоа е внатрешната Исусова молитва за очистување на умот и срцето од грешни помисли. Православната мистика има љубовен карактер, таа е поврзана со аскетизмот, оваа мистика за цел има вечен живот како вечно Богоопштење и е заснована на љубовта према Бога. На земскиот живот таа гледа како на време на искушение и пат кон вечноста. Христијанскиот мистичар целта на своето постоење не ја утврдува во себе, туку во Бога. Тој умира за себе предавајки ја својата душа на Божествената волја, како би ја добил препородена и преобразена, затоа христијанската мистика е смрт и воскресение на душата. А окултистичката  мистика има  егоистичен и егоцентричен карактер. Таа бара сладострастие, задоволување на страстите, пред се гордост, а исто така и опивање со демонски чувства, кои човекот ги смета за духовна состојба. Оваа мистика е преполна со грев и страсти, и ако понекогаш, на пример, во системот на јогата се бара вежба споена со воздржување, центар во неа останува самиот човек.              Суштината на оваа мистика е служење на сопствените чувства и доживувања, а средствата на кои се потпира мистичарот-окултист  се поседување магиски знаења, сликовито кажано - тоа се шифрите на пеколот. Човекот кој се утврдува во духовниот свет  преку окултните знаења, и во видливиот свет за потчинување на другите кон својата волја, има агресија како „Пророк” на окултизмот и астрологијата и тој се занимава со претскажување на обични секојдневни работи, бидејќи за тоа се интересира неговиот муштерија, а за друго не е ни способен. Во  Библијата се зборува за големо безумие на луѓето кои се одвратија од Бога и почнаа да му служат на златното теле (2 Мојс. 32, 1–8).
         Христијанството возвестило совршено поинаков поглед на луѓето. Според зборовите на св. Григориј Богослов, човекот е макрокосмос, поставен во микрокосмос. Голем свет, во малечок свет. Станува збор за тоа дека Бог, Кого христијанството Го исповеда е надкосмичен. Он на светот ги дал законите, Он ги создал нив. И затоа Самиот не е ограничен со никакви закони.
  И од своето надкосмично господство, Бог го дава Својот образ на луѓето. Затоа, иако човекот живее во овој свет, сепак, тој не е негов роб. И христијанинот нема никаква потреба да верува дека неговата судбина, а уште повеќе некои морални постапки зависат од влијанието на космичките стихии.
 Во Новиот завет како и во Стариот, исто така го забележуваме непомирливиот став спрема сите волшебства, магии и постојано истата победа со силата Божја. Така светиот апостол Павле го истерува духот од една жена која „пророкувала иднина” (Дела,16-18). Истиот тој Павле го казнува со слепило вражачот Елим кој се противел на Евангелската проповед и сакал да ги одврати луѓето од вистинската вера (Дела,13,8).
Од книгата Дела Апостолски дознаваме дека под влијание на апостолските проповеди многумина од гатачите ги собрале книгите од кои учеле и ги изгореле (Дела,19,19). На тој начин се одрекле од сојузот со демоните и посведочиле за непомирливоста на верата во Христа.
Во Номоканонот (зборник за црковните правила и одредби) сосема јасно е речено: „Кои одат кај гатачи, самите гатаат, или гледаат во ѕвездите, односно се занимаваат со астрологијата, шест години да не се причестуваат, според правилата на Трулскиот собор и според 80-то правило на св. Василиј Велики..а свештеник ако го прави тоа, да се расчини!”. Од ова се забележува будноста и вниманието на Црквата Божја укажувајќи дека потеклото на сите видови гатања вклучувајќи ја и астрологијата е демонско.

 

 

 (Продолжува)

Друго:


Универзитет „Св. Кирил и Методиј” - Скопје ПРАВОСЛАВЕН БОГОСЛОВСКИ ФАКУЛТЕТ
„Св. Климент Охридски” - Скопје

ДИПЛОМСКИ ТРУД- ПРЕДМЕТ: АПОЛОГЕТИКА

ТЕМА
АСТРОЛОГИЈАТА НИЗ ПРИЗМАТА НА  ПРАВОСЛАВИЕТО


  Ментор:  Проф. м-р Петко Златески      

                   Zlatko.Brnjarcevski.jpg

                   

Zlatko.Brnjarcevski.jpg

   Изработил:
    Жарко Брњарчевски

                                                                                                
Скопје, март 2012