(18.02.2009)
Во првите денови од своето архиепископствување Неговото Блаженство Архиепископот Иероним појасни дека за негово време Црквата ќе го смени правецот, а тој лично ќе се откаже од делот на наследството на својот претходник: камери, лимузини, доверливи лица, обезбедување – сето тоа беше отсечено како со нож. Така, разговорот со Архиепископот Атински започна токму од оваа тема.
Архиепископот Иероним: Со мојот блаженоупокоен претходник Архиепископот Христодул се познававме уште од студентски денови, и со него патиштата не еднаш ни се вкрстуваа. Но, од самиот почеток беше јасно дека според карактерот ние сме различни луѓе. Ако се земат и се прочитаат протоколите на комисиите во кои ние подоцна работевме, на пример, комисијата за црковен имот и црковно-државни односи, може да се уверите за постоењето на различностите меѓу нас. Јас би рекол, дека од самиот почеток основното разидување меѓу нас беше предизвикано од прашањето за идентитетот на Црквата. За мене целата Црква е спасение на човекот; Црквата е личен опит, духовен опит, но никогаш не е идеологија. За мојот собрат Христодул Црквата имаше месијански карактер во однос на спасението на човекот и играше одредена улога во сите световни работи. Кога тој стана Архиепископ, јас му пријдов да му честитам. За време на нашиот разговор се наметна прашањето за т.н. финансиски скандал, кој тогаш ја потресуваше Црквата, за што јас не би сакал да зборувам. Сепак заедно работевме цврсто врзани, на многу теми, и во тешките мигови јас секогаш бев со него.
Но, по прашањето за личните карти Вие воопшто не се сложувавте со него...
Архиепископ Иреоним: Да, јас не се согласував со Владиката, иако исто така бев за враќање на ставката за религиозна припадност во личните карти. Едноставно јас бев „за“ во однос на слободата на избор, од кој никој не може ме лиши, но и јас никому не можам да ја наметнувам. Ако сакаат луѓето во документите да им стои нивната религиска припадност - добро. Не сакаат – пак добро. Таква беше мојата позиција, којашто тогаш му ја објаснив на Неговото Блаженство. Но тој настојуваше: „Не, јас ќе ги изведам на улица!“ (имајќи предвид сенароден митинг на оние што не се согласуваа со поништување на графата за религиозна припадност во личните карти). Јас не се согласував и не отидов на плоштадот Синтагма. Но, да се вратиме кон вашето прво прашање за добрите работи што ги направи Архиепископот Христодул. Така, тој направи многу добри работи, и јас ќе продолжам да градам на тој темел, и да приумножувам. Генерално, јас не се откажувам од наследството на Христодул! Напротив! Блаженоупокоениот Архиепископ ја привлекуваше кон себе младината - продолжувајќи го неговото дело, и јас ќе се обидувам да изградам мостови. Блаженоупокоениот често зборуваше за тие што страдаат, и за оние што пребиваат на раб на сиромаштија. Во иднина јас ќе се погрижам да направам центри, кои ќе ја олеснат човековата болка, што ќе овозможат сериозна помош во безизлезни ситуации. Знаеме дека упокоениот имаше многу таленти. Јас не го осудувам него, не му завидувам, но не можам во сѐ да одам по неговите стапки.
Национално-патриотските кругови, на кои сите се навикнаа за време на починатиот Архиепископ, уште на почетокот ве осудуваа за молчење по национални прашања, а во иднина, можеби, ќе бидат уште поостри.
Архиепископот Иероним: Јас ја знам нивната гледна точка и ја почитувам, како пројава на правата на човекот на слобода на мислење. Но ги молам, за возврат, да го уважуваат и моето мислење. Јас не сум човек што не ја сака својата татковина и кој не би повикал на тревога кога е неопходно. Цело време малку по малку пресметувам како проблемите во Црквата би можеле да се развиваат во иднина. Следствено, јас не ги презирам и не ги потценувам патриотските чувства. Јас живеам во уставна држава, која должно ги презема сите мерки за заштита на правата на човекот, и повеќе од тоа, располага со средства на дејствување. Ако јас некогаш некому му затребам или сам сфатам дека сум потребен – тогаш, јас сум тука. Но, самиот да преземам иницијатива по национални прашања, тоа го сметам за безуспешно и опасно дело – уште и затоа што поимите „татковина“, „вера“ и „семејство“ кај повеќето од нас предизвикуваат емоции, а уверен сум дека овој слоган многумина го користат како средство и начин за различни краткотрајни цели. Овој слоган мене не ме потресува. Проблемите на Црквата се други, и тие се огромни.
Очигледно, ја имате предвид кризата, која во последните години ја потресува Црквата, пројавувајќи се во облик на различни скандали?
Архиепископот Иероним: Црквата - тоа не е учење и не е философија, но, како што кажавме веќе, тоа е личен опит, духовен опит. За да постои Црквата на земјата, доволно се двајца светители. На тој начин, Црквата само по себе не се соочува со криза. Кризата се однесува на луѓето, коишто ја предизвикуваат. Какви и да се тие мерки што ги преземаме од гледна точка на светскиот прагматизам, ние никогаш нема да постигнеме резултат, доколку човекот од внатре не се промени. Еден од основните проблеми на раководењето со паствата на Црквата, според мое мислење, е во кадрите. Ние и тука и таму поставуваме луѓе, кои немаат соодветна подготовка, а ние не сме покрај нив за да ги поттикнеме и да им покажеме како треба да се работи. Отсуството на заинтересираност кај кадрите ги остава сами со својата секојдневната рутина, и како резултат тие гледаат на свештенството како на професија. Денес тоа многу силно се пројавува. Кај сите нас не постои потребно расположение на духот... Денес Црквата има на располагање таков човечки потенцијал и такви технички можности какви што во минатото никогаш немало. Но, ние не сакаме да одиме понатаму. Не се осмелуваме затоа што тоа за нас, можеби, е неисплатливо. Од оваа причина многумина блескави кадри претпочитаат анонимност и молчење.
Следствено, за Црквата да ја одбере таа насока за која вие мечтаете треба квалитетно да се подобрат и членовите на Светиот Синод?
Архиепископот Иероним: Не само тие. Веќе одамна требаше да се смени начинот на избор на митрополити. Размислувам по тој повод и моментално ги проучувам различните параметри на тоа прашање. Па и ние во Светиот Синод сме собраќа и должни сме да работиме сите заедно – тогаш, можеби, и ќе се најде ако не идеален, но макар подобар начин.
Кои прашања се приоритетни во списокот на проблемите што ги забележавте?
Архиепископот Иероним: Што се однесува до дејноста на Црквата воопшто, тогаш е потребно, како прво, да се зголеми заедничката работа на целиот Епископат. Ако зборуваме за мојата мисија, Атинската Архиепископија, тогаш би сакал нашите сили да бидат насочени кон заживување на парохијата како духовна единка. Како можеме да ја олесниме човечката болка? Како да ги убедиме луѓето во тоа дека токму таму тие ќе го најдат спокојот? Тоа и е целта. Духот на увие усилби е истиот кој го наоѓаме во параболите за блудниот син и за добриот Самарјанин. Црквата им се обраќа на сите без разлика и ги повикува кон себе во духот на слободата и љубовта.
А што мислите за односите меѓу Црквата и општеството? Па без нив денес е невозможно!
Архиепископот Иероним: Ја разбирам вашата иронија... Не, јас не сум надвор од светот и не ги осудувам различните световни манифестации. Но, бидејќи бев на многу од нив, ме поразува покажувањето на богатството, бесмислените украсувања – светилки, фотографии, шампањско и слично на тоа. Како пастир, ме растрезнува мислата дека во истиот момент многумина се лишени дури од најпотребното.
Ваше Блаженство, со Ваша дозвола повторно сакам да се нашалам, дека Вие овде ја покажувате „склоноста кон комунизмот“ којашто некои Ви ја припишуваат.
Архиепископот Иероним: Се разбира, јас не сум комунист, но таму каде што е тоа потребно можам да бидам. Исто така, каде што е потребно јас сум патриот, интернационалист или воопшто обичен христијанин. Јас го сакам човекот. Јас сум овде не за да направам прекрасна кариера. Мене тоа ми е туѓо, и мене тоа не ме интересира.
Се плашите ли од глобализацијата? Вас не Ве загрижува тоа дека од нас можат да направат фил, а од него котлет или кебап, како што велеше Вашиот претходник?
Архиепископот Иероним: Ние не сме први кои живееме на оваа земја. Во минатото секогаш постоеле проблеми, постојат сега и ќе постојат во иднина. Се разликува само приодот кон нив. Многу работи од тоа што вие го нарекувате „глобализација“ веќе имале место во историјата. Ние како глобализација го нарекуваме и тоа што некогаш се нарекувало Римска империја, а јас така би ги нарекол и освојувањата на Александар Македонски. Но, не мислам дека вие верувате дека Александар дошол до Индија само заради тоа за да донесе уште една култура! Јас би кажал дека и ентузмијазмот, и љубопитството, и сплет на околности, сето тоа заедно било причина тој да пробие длабоко во Азија. Така се распространил хеленизмот, којшто едноставно бил струја меѓу луѓето на тоа време. Тоа било некој вид глобализација, без којашто би било невозможно понатамошното распространување на христијанството. Следствено, глобализацијата не е нова појава којашто треба да ни предизвика паника. Лошото се наоѓа внатре во нас, во крвожедните луѓе и киклопи што ги носиме внатре во себе. Тука е целиот проблем.
Извор: Romfea.grПреземено од : http://www.mpc.org.mk/