Интервју со Рускиот патријархот Алексиј II

ДОБАР МИРЕН ДУХ И ИЛЈАДА ОКОЛУ ТЕБЕ ЌЕ СЕ СПАСАТ

Ваша Светост, според Црквата какви се можностите за решавање на демографскиот проблем?

Од најстари времиња децата се сметаат за Божји благослов, а бездетноста - проклетство. Во 2004 година Архиерејскиот собор на Руската Православна Црква објави специјално соопштение по однос на прашањето за демографијата. Во него се вели дека денешната демографска ситуација е условена не само од економски, но пред сѐ од духовни фактори. Затоа и излезот треба да се бара во чувањето и обновувањето на верата во светоста на семејниот живот. Добрачните и вонбрачните полови врски, абортусите, засилената пропаганда на контрацепцијата како „заштита“ од болестите, „семејното планирање“, кое има предвид откажување од раѓање на деца - сето тоа води не само до намалување на населението во земјата, туку и до морална деградација, ја стимулира демографската криза, ја упропастува семејната среќа на многу поколенија.
Државата и општеството треба да го поддржат семејството не само економски, но, што е уште поважно, и морално. Треба да се сметаат за почестени оние што имаат многу деца. Таткото и мајката, коишто одгледале многу деца, треба да се радуваат на особената чест.

Општеството продолжува да ги осудува, иако не толку остро како порано, жените, коишто родиле вон брак. Како се однесува Црквата кон таквите жени?

Треба да ја поддржиме жената, која собрала сили сама да роди и да го одгледа своето дете, да ѝ помагаме на сите можни начини, да ја заштитуваме од лошите погледи и осудувањето од луѓето. Во наше време ова е хероизам. Особено кога имаме предвид дека многу ситуирани жени сосема се откажуваат да раѓаат деца, сметајќи го тоа за губење време. Но, Црквата, како и општеството, ги осудува и мажите, кои ги тераат жените на абортус или ги оставаат сами со детето. Порано или подоцна ќе одговараме за сите свои постапки. Господ забава, ама не заборава.

Може ли жената да се „искупи“ за абортусот, да го тргне од душата овој грев?

Сите религии го сметаат направениот абортус за убиство. Свети Василиј Велики рече: „Жената, која промислено го погубила зачнатиот плод, подлежи на суд како убиец“. Црквата никогаш, при никакви околности не може да даде благослов за абортус.

Но, за убиството на нероденото дете се виновни исто толку и лекарите, кои ја извршуваат оваа операција и препишуваат абортивни средства, „добронамерниците“, кои ја советуваат жената да се ослободи од детето, и сите, кои ја поддржуваат слободата на абортусот, кои произведуваат и продаваат абортивни средства. Одговорноста за убиството на нероденото дете е и на мажот, кој прифаќа неговата жена да изврши абортус. Тежината на овој грев не зависи од стадиумот на бременоста и е тежок престап пред Бог и човечкиот живот.

Но Господ е милостив и ни дава можност да се покаеме. Како секој грев, така и овој, може да биде искупен со добар живот и искрено покајание. Но, се разбира, не треба после покајанието жената да оди и да го прави тоа, како што се вели, со чиста совест повторно и повторно.

Често животот е несправедлив: луѓето, кои многу сакаат да имаат деца, не можат да ги имаат. Во очајанието многумина родители се решаваат да прибегнат кон „сурогатното“ мајчинство, обраќајќи се во центрите за репродукција на човекот. Може ли една бездетна двојка да добие од Црквата благослов за вештачко оплодување?

Се разбира, Црквата не одобрува вакви нешта, но денес таа се однесува трпеливо кон нив. Денес има премногу болни млади луѓе - го гледам тоа по манастирите, каде што доаѓаат многу млади. Младината е болна од различни причини, но ние не можеме да не ја поддржиме желбата на овие луѓе да создадат полноправно семејство.
Ако плодот се изнесува од мајката по природен пат и целиот процес не противречи на законите на природата, треба да се помируваме со тоа. Покрај тоа, таквите операции се не само доста скапи, а не се ни оддалеку безопасни како по здравјето на мајката, така и по здравјето на идното дете. Секако има и друг пат, кој не е толку радикален, а е посигурен и правилен. Можете да си посвоите дете - тоа не само што ќе донесе среќа во вашиот дом, туку и сигурност во утрешниот ден, ќе ја исполни празнината и ќе ви помогне да поверувате дека не сте сами и дека нема да останете сами во иднина.

Денес е разрушена самата институција на семејството. Детските домови се преполни со сирачиња и оставени деца, иако многумина од нив имаат живи родители. Кога ги посетувам сиропиталиштата, често слушам страшни раскази на деца - како избегале од дома, како скитале, гладувале, низ што требало да поминат многумина од нив. А тоа се сосема здрави, убави дечиња, кои мечтаат само за едно - да имаат родители.

Тогаш какво треба да биде вистинското семејство?

„Бракот на сите да биде чесен и леглото непорочно; a блудниците и прељубодејците ќе ги суди Бог“, рече апостол Павле, и православното духовно предание дава целосно толкување на овие зборови. Според православното сфаќање семејството не е „партнерство со обострана добивка“, туку пред сѐ единство во Христос, сојуз, благословен од Господ, за живот во љубов и заедничко надминување на искушенијата. Големото значење на бракот се покажува со присуството на Господ Исус Христос на свадбата во Кана Галилејска. Бракот е служење на Бог, подвиг, заради којшто човекот го жртвува своето „јас“ за доброто на својот сопатник и на своите деца. Само во бракот е возможно вистинското воспитување на децата.

Денешната младина започнува доста рано заеднички живот, без да ги озакони своите односи? Како Црквата гледа на овие врски?

Христијанскиот брак ги исклучува добрачните и вонбрачните полови врски - во неговата основа е безусловната взаемна верност на мажот и жената.

А како Црквата се однесува кон граѓанските бракови? Ги смета за валидни или за гревовни?

Православната Црква ги признава граѓанските бракови. Но, од црковна гледна точка тие не се допираат до Божјите благослови, кои се добиваат при Светата Тајна венчание. Таму има убава молитва за деца, трогателна молитва за нашите родители, чии што благослови се сметаат за гаранција за траен и среќен брак: „Спомни ги, Господи Боже наш, и родителите нивни кои ги одгледале, затоа што по молитвите на родителите се закрепнуваат основите на домовите.“

Се смета дека во православното предание улогите на мажот и жената се строго распределени. Мажот е глава на семејството, тој го храни и „е секогаш во право“, како што се вели. А улогата на жената е да биде кротка, послушна домаќинка, која има само задолженија. Дали е тоа вистина?

Се разбира дека не е така. Како мажот, така и жената имаат своја сопствена улога во бракот. Тоа не значи дека еден од сопружниците може да се однесува со непочитување кон другиот, да го принудува на што и да е. Согласувањето му дава цврстина на брачниот сојуз. Ако сопружниците, како што вели апостол Павле, „доброволно ги носат бремињата еден на друг“, тоа создава основа за искрен мир во семејството.
Секако, не треба да се мешаме во семејниот живот, правејќи список со задолженија на мажот и жената - та, нели, ако луѓето живеат „во сојуз на мирот и љубовта“, осветен со црковното таинство, Бог ќе им даде сили да ги надминат тешкотиите на семејниот живот. А под сводовите на храмот секогаш може да се најде поткрепа во овој не лесен подвиг.


Денес е во мода младите да се венчаваат, но притоа не размислуваат за вистинската смисла на таинството. Многумина од нив се разведуваат набргу после венчавката. Како гледа Црквата на тоа?

Ги разбирам младите луѓе коишто се стремат да поминат низ овој обред, та, нели, освен духовната смисла, тоа е и многу убава церемонија. Младоженците сакаат да им остане нешто за спомен. Но, во храмот им се вели дека бракот треба да им биде единствен и за цел живот. Тие треба да се подготват да поминат низ пост, исповед, Причест и дури после тоа да го примат таинството, откако добро ќе размислат за сѐ.

Ако двојката сепак се раздвоила, може ли таа да се „развенча“?

Потребно е да се напише писмо до Патријаршијата за тргнување на венците. Ако тоа е по заедничка желба, двојката добива благослов за раскинување на црковниот брак. Венецот се симнува исто и од вдовиците и вдовците. Во случаи кога еден од сопружниците не бил верен на другиот и некој од нив моли за развод, за извршувањето на нов венчален обред се бара посебен благослов: тој се дава од свештеникот на црквата, во која новата двојка решила да се венча.

Ваша Светост, со што би ги посоветувале читателите на „Московските новости“?

Еден од праведниците, свети Серафим Саровски, рече: „Добар мирен дух и илјада околу тебе ќе се спасат“. Мислам дека сите го знаат тоа од сопствен опит - кога во душата има мир, тоа се распространува и на другите околу нас, и обратно. Создавајќи мир во својата душа и споделувајќи го со другите, ние го чуваме тоа што нè чува. Господ да е со вас!

Извор: Московски новости

Извор. ПРЕМИН

бр. 53-54

Посети: {moshits}