Pokajanie.voda.jpg

Покајте се...
од своите патишта, станари на земјата. Гледај, окото на Домаќинот на светот бдее длабоко во вас. Не верувајте им на своите завидливи очи, пуштете Окото да ви го осветли патот. Вашите очи се завеса за Окото Божјо. Покајанието е признание за погрешниот пат. Преку покајанието се отвара нов пат. На покајаниот му се отвараат очите и гледа две патишта: оној по кој оди, и оној по кој треба да оди.
Повеќето се оние, кои се кајат, од оние кои тргнуваат по новиот пат. Ви велам – дупла храброст му е потребна на покајаниот – една храброст за да заплаче над стариот пат, а друга храброст за вистински да му се израдува на новиот пат.
Што вреди покајанието ако постојано се тапка по стариот пат? Како би го нарекле човекот кој се дави и вика за помош, а кога ќе му се подаде јажето на спасенито тој не се фаќа за него?
Покајте ги желбите од овој свет и се што е од овој свет. Затоа што овој свет го претствауваат гробовите на нашите предци. А тие се отворени и чекаат. Уште малку, малку и вие ќе бидете предци и ќе сакате да го слушнете зборот покајание, но него тогаш ќе го нема.
Како што ветерот дува носејќи ја маглата од пред светлината на сонцето, така и смртта ќе не однесе пред лицето Божје. Покајанието го подмладува срцето и го продолжува векот. Солзата на покајаниот ја мие темнината пред очите и дава детски сјај во нив. Око како на срна, везден влажно, дијамантски сјајно. Навистина, влагата во очите го суши гневот во срцето.
Како нова месечина е душата на покајаниот. Полната месечина мора да се испразни, за новата да расте.
И навистина, не е покајан оној кој тагува поради едно извршено зло, него оној кој тагува за сите зла кои е во состојба да ги изврши. Мудриот домаќин не го сече само оној трн на кој се боцнал, туку и сите останати на нивата кои чекаат за да не прободат.
Господе мој, побрзај и покажи му го новиот пат на покајаниот, кога тој го презира својот стар пат.
Мајко небесна, невесто на Светиот Дух, привиј ги нашите срца кога се каеме. Отвори извор од солзи во нас, да се измиеме од тешката темнина видот што ни го заматува.
Духу Свет, воздивни и исчисти го нечистиот здив од душата на покајаниот, што го гушел и што на покајание го навел.
Ти се молиме и поклонуваме, Животворен и Моќен Духу.


Владика Охридски Николај Велимировиќ

 

Подготви: Н.Д.Д.