Некој византиски цар беше нарачал од еден краснописец да му подготви препис од Стариот и Новиот Завет. Долго време одзело додека се заврши, но затоа резултатот бил воодушевувачки. Оваа прекрасна Библија, чија вредност надминувала 15 златници, царот ја подарил на еден старец-пустиножител, кој еднаш му беше помогнал. Тој старец, малку време пред своето упокојување, овој скапоцен дар го предал на својот послушник Геласиј.

Годините минувале и Геласиј станал духовник на еден скит со мошне многу монаси. Имал обичај прекрасната книга на старецот да ја остава во црквата во скитот, за сите отци да ја користат. Оваа Библија била вистински украс и предизвикувала воодушевување кај сите. Едно утро, по завршување на службата, во скитот стигнал еден монах кој минувал од таму. Тој одел да се сретне со некој старец во еден скит, кој се наоѓал прилично далеку, но кога стигнал до скитот на авва Галасиј, намислил малку да застане.

Откако отците го дочекале и почастиле, го однеле до црквата за да се поклони на светињите. Го оставиле да се помоли, но искушението го наведе да се вгледа во скапоцената книга. Не се спротивставил на помислата да ја украде, и така ја скрил под својата мантија и брзо го напуштил скитот. Авва Галасиј веднаш ја увидел кражбата, но ништо не им рекол на другите отци, затоа што не сакал да го фатат крадецот.

А оној монах, штом стигнал во градот, воопшто не губел време. Веднаш почнал да бара некој кој би бил заинтересиран да ја купи оваа скапоцена книга. Набрзо, најде еден купувач, и веднаш почнале да се пазарат. На почеток монахот барал 16 златници, но купувачот не прифатил да даде толку пари, затоа што верувал дека не вреди толку. Долго време се расправале околу цената, се’ додека купувачот не предложил:

- А да ми ја оставиш, оче, на неколку дена за да ја покажам на еден познаник кој се разбира во тоа?

Монахот се сложил да ја остави (Библијата) на неколку дена кај купувачот, за овој да го праша својот пријател за мислење. Верувал дека на крај ќе заработи многу пари. А купувачот штом ја зеде книгата, отрчал до кај авва Геласиј, кого многу го почитувал, па го прашал за мислење.

- Авво, некој ми ја нуди оваа Библија за продажба, за 16 златници. Што велите, вреди ли толку или да не ја купувам? – рекол и му ја покажал Библијата на аввата. Авва Геласиј веднаш го препознал дарот од старецот и без никаков возбудување рекол:
- Земи ја, брате. Навистина вреди, барем колку што можам јас да видам.

Купувачот му се заблагодарил на аввата, ја зел Библијата и радосен поради пазарот што требал да го направи, стигнал во градот и го нашол монахот. Но, тогаш му паднало на памет да излаже за да се обиде да ја спушти цената.

- Ајде, човеку… те чекав… Што се случи? – рекол монахот кога го сретнал.
- Благослови, оче, но јас се плашам дека ќе те разочарам. Отидов и ја покажав книгата што ми ја даде на авва Геласиј, но ми рече дека не вреди толку колку што велиш. Нејзината вредност е многу помала.

Со самото спомнување на името на аввата, монахот затреперил.

- Ти рече ли аввата уште нешто? – прашал монахот.
- Не, оче… Ако, значи, сакаш, ќе ти дадам 12 златници за да ја задржам – одговорил купувачот.

Но од сето тоа што купувачот го зборувал, монахот не слушнал ниту збор. Милите му биле кај авва Геласиј и неговата постапка.

- Значи, се договоривме? – прашал купувачот.
- Не, брате мој… Не, и илјада пати не. Прости ми што толку си се потрудил, но се предомислив. Не ја продавам оваа книга – рекол и земајќи ја книгата, го снемало низ градските улички.

Долго пешачел, а во него се одвивала права борба. Добродетелта и љубовта што ги покажал аввата со тоа што не го издал, како игла го проподувале неговото срце, кое било вознемирено поради кражбата која ја извршил. Многу солзи течеле од неговите очи и со вистинско покајание се упатил по патот кој води кон скитот на аввата.

Стигајќи во скитот, го здогледал авва Геласиј како седи на клупата кај влезот. Паднал на колена пред нозете на авата и не престанувајќи да лие солзи, го молел да му го прости неговото страшно недело. Аввата навистина му простил заради неговото вистинско покајание.

- Бог да те благослови, брате. Но и јас тебе нешто те молам. Земи ја оваа Библија како дар за нашето познанство, рече аввата.

Но каде да најде сили монахот да ја прими книгата која ја беше украл? Со уште повеќе солзи и со бол во душата му рекол на аввата:

- Те молам, авво мој! Прими ја назад книгата која ти ја украдов, затоа што инаку мојата душа нема да најде смирение. Те молам…

- Ако е таква работата, брате мој, тогаш оди и остави ја таму од каде што си ја и зел, – рече аввата, а монахот веднаш оттрча и ја стави скапоцената Библија на нејзиното место, во скитската црква, точно таму од каде тајно ја беше зел.

Добрината на авва Геласиј од корен го променила овој монах, кој побарал од старецот да остане кај него како послушник. И навистина, аввата го прифатил и од тогаш монахот никогаш повеќе не направил слична грешка.

Извор: КЊИГА ЉУБАВИ

 Преземено од: Маран Ата

Друго:

 Грозје на љубовта