STRADALNA.SEDMICA8

ДУХОВНИОТ РЕЦЕПТ ЗА ЧУДА ВО НАШИТЕ ЖИВОТИ

              Исус заминува во земјата Тирска и Сидонска. Една жена Хананејка наишла од овие предели и започнала да вика: „Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко се мачи од бес“. Христос не ѝ одговорил. Тогаш Неговите ученици Му пријдоа и Го молеа, велејќи: „Отпушти ја, зашто вика по нас“. Тој одговорил: „Јас сум испратен само кај изгубените овци на домот Израелов“. Но, жената, откако се приближи, Му се поклони и рече: „Господи, помогни ми!“. Тој ѝ рекол: „Не е добро да им го земеш лебот на децата и да им го фрлаш на кучињата“. А жената одговорила: „Да, Господи, но и кучињата ги јадат трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари“. Тогаш Исус се сврте кон неа: „О жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја“. И во тој час нејзината ќерка оздраве.

STRADALNA.SEDMICA10


                     Хананејката несомнено имала смелост и на крајот таа беше наградена. Да го погледнеме нејзиното однесување и преку него да се обидеме да разбереме некои работи за себе.
Таа врвела по Христа, плачела и викала: „Помилуј ме Господи“. Дали некогаш сте се запрашале зошто таа Го нарекла „Господ“? Христос се родил во штала, а Неговите следбеници биле рибари. Носел обична облека. Тој немал ниту слава ниту титула. Тој и Неговите ученици веројатно се прехранувале со пот. Тој бил сиромашен па така во ситуацијава, жената молела за милост за ќерка си од еден човек без позиција и власт!
                     Згора на тоа, таа не само што Го нарекла Господ, туку и „Син Давидов“. Тој навистина бил потомок на Давид, а кој е Давид? Давид исто така бил човек без позиција! Младо момче кое живеело како овчар, веројатно мало по раст, но кое го победило џинот Голијат и станало крал и пророк! Зошто? Затоа што Божјата благодат била со него. Жената Хананејка ја почувствувала истата благодат во овој „безначаен“ човек по име Исус. Тоа означува дека таа поверувала и се доверила на своето внатрешно чувство.
Мислам дека би било интересно да се задржиме на добродетелите на Хананејката, на нејзините неоспорни квалитети. Со сигурност можеме да кажеме дека таа имала: вера затоа што тргнала по Христа; смирение затоа што не се навредила од Неговиот коментар за кучињата; истрајност затоа што таа не се откажала да го следи; и љубовта кон својата ќерка. Всушност, оваа љубов била нејзината водилка.
                   Комбинацијата на љубов кон нејзината ќерка и верата во Христа ја поттикнале да настојува; ја направија упорна. Понизноста ѝ помогнала да не биде навредена и да не се колеба. И токму нејзината цврста определба довела до ова големо чудо! Затоа што да бидеме искрени: ова чудо не било Христово дело. Ова чудо било нејзино дело! Христос само ја послушал. Бил воодушевен од нејзината вера, од нејзината упорност, од љубовта што ја имала кон ќерката, од нејзината извонредна решителност! Дури би рекле дека верата, смирението, истрајноста и љубовта како движечка сила се рецептот за секое чудо. Духовниот рецепт за сите чуда во нашите животи!
                      Би било корисно да се погледне коментарот за „кучињата“. Христос ја нарекува „куче“. И тоа воопшто не звучи ласкаво. Тоа не бил комплимент и не значело дека Христос бил импресиониран од нејзиниот „молебен поглед“. Во основа, Тој и рекол нешто како: „Ти си духовно незрела, не ме интересираш и не си дел од мојот народ“. Можела да биде навредена, лута, да се брани. Но, тоа не го направила! Таа не се обидела да докаже дека е во право. Да застане за себе. На никаков начин. Затоа што не размислувала за себеси. Дури и Христос да ја нарекол и со некој друг погрден збор таа немала да се навреди. Грижата и била само за нејзината ќерка. И на овој начин таа го постигнала чудото!
               Обично инсинуациите нè исфрлаат од колосек. Избезумено се стремиме да ја докажеме нашата супериорност. Најмалата работа ја сфаќаме лично. Но, едноставно е неверојатно што може да постигне љубовта! Хананејката ја сакала својата ќерка повеќе од себеси. Мислела на својата ќерка веројатно многу повеќе од сопствениот живот! Не била загрижена за никакви пречки пред себе. Нејзината љубов ја направила решителна, а нејзината упорност го победила Христа! Нејзината едноумност го натерала Христос да пројави послушност кон неа! Просто неверојатно!
                 Мислам дека нашата цел не прави нас и нашите деца - духовни и биолошки - светители. Тоа ни овозможува на сите да вршиме чудеса. Но, во што се претвараме духовно, ако сме расејани или имаме погрешна цел? Во тули! Нашата погрешна цел нè претвора во тули. Замислете некој да ми рече: „Ваше Високопреосвештенство, вие сте прекрасна „τούβλο“. Шарена тула! Прашајте ги вашите пријатели што зборуваат грчки за вистинското значење на зборот „τούβλο“ ( разг. идиот, будала, простак ). Овој збор не е воопшто смешен, но многу тажен и обесхрабрувачки! Проблемот не е што само ние стануваме „τούβλα“, тули. Проблемот е што околу нас создаваме цела генерација „τούβλα“. Во различни големини и бои. Духовно безвредни тврдоглави тули кои заземаат видно место! Цела фабрика за тули! И верувајте, нема да изградиме ништо спектакуларно со нив. Нема да го изградиме Кинескиот ѕид но големиот ѕид на нашите суети! Тули кои како ѕид не делат од луѓето околу нас.

STRADALNA.SEDMICA11


               Дали сте го слушнале поимот „gaslighting“? ( англ. gaslighting - газиено осветлување - вид на манипулативна тактика карактеристична за патолошкото нарцисоидно однесување ). Тоа значи суптилно манипулирање со вашите перцепции за да им служат на моите цели. Ова е една од работите што можам да ги направам со вас ако сум духовен „τούβλο“. Дали сте го слушнале терминот „летачки мајмуни“? ( англ. flying monkeys - луѓе кои ги користи нарцисот како алатки против целната жртва ). Ова се реални термини. Изгуглај ги. Летечките мајмуни се армија од луѓе кои нашето его ги користи за наши суетни цели. Обичните луѓе, кои немаат поим колку сме амбициозни и кои се нашите мотиви, на крајот ќе бидат искористени од нас. Понекогаш, без да го сфатиме тоа, ги правиме луѓето средства за нашите цели. Ова е емоционална и психичка злоупотреба. И јас би рекол дека одржувањето на нашата војска и тули во ѕидот на нашата суета се граничи со криминал.
                Како да знаеме дали некој се обидува да не претвори во тула? Сосема едноставно. Фокусирајте се на Бог и кога ќе дојде вистинското време, Бог ќе открие што ни треба. Дотогаш, само треба да се трудиме да не станеме духовни тули кои се фокусираат на погрешни цели во животот. Сите ние можеме да ги промениме нашите животи на подобро или да станеме „τούβλο“. И овој избор зависи од самите нас.


Автор: Мелолски епископ Емилиан (Кутузис)/ богоносци.бг
Подготвил: Симеон Стефковски

18.02.2024