TVIT892

СТРЕЛАТА НА НАШИОТ ЖИВОТ ТРЕБА ДА ЛЕТА КОН БОГA

               Да научиме вистински да живееме во Црквата. Со звукот на камбаните, со темјанот и свеќите, со коленопреклонувањата и бденијата, со постите и празниците, со радосната тага и покајанието, со духовните песни и тивките молитви. Во Црквата коегзистираме блудници и девственици, пијаници и воздржувачи, многуговорливи и молчаливи, цревоугодници и постници, среброљупци и милосрдни, семејни, монаси, богати, сиромашни, образовани, неуки, славни и непознати; со страсти и добродетели, со слабости и силни страни, со подеми и падови. Меѓутоа, сите сме несовршени и сите ја просиме благодатта.
Во Црквата сме затоа што копнееме да го победиме помирувањето со гревот. Не сме овде затоа што сме го надминале. Овде сме затоа што сме болни а не здрави, парализирани а не неповредени.
Во Црквата живееме барајќи ја Вистината - Христос. Не живееме за да стигнеме до некаков крај, бидејќи ова познанство кое го бараме никогаш не завршува. Реално не постои цел, има само насока, пат кон Христос. Стрелата на нашиот живот мора да лета кон Него - Недостижниот, Бесконечниот, Непристапниот, Неискажливиот, Непоимливиот.
Христос е повеќе пат отколку завршеток, повеќе искачување отколку врв. Колку и да читаш, колку и да ти раскажувам, ти самиот ќе го најдеш Бог. Затоа што Бог се открива кога си сам, таму, во миговите на личната глад за Него.

TVIT895

               Страдалниците богословат со својот живот, ако правилно се справуваат со својата болка. А правилното справување со болката започнува кога ќе престанат да постојат човечките надежи и човечките патерици. Кога човекот ќе се препушти на Божјата промисла и ќе ги соблече своите сценарија и постапки, тогаш болката станува откривање кон Бога.
„Доживувам болка, не успеав, Господи, помилуј ме! Оваа твоја молитва е највистинскиот чин во твојот живот. И Господ доаѓа. Доаѓа кога ќе нè најде „мртви“ во сигурноста на нашето јас.
Колку посилни се чувствуваме преку нашите освојувања, успеси, убавина, здравје, имот, пријателства, знаење, толку стануваме послаби. Затоа болката станува голем учител кога ѝ пристапуваме со смирение.
На луѓето кои никогаш не доживеале болка во животот ќе им биде тешко да сочувствуваат со другите. Затоа, оние кои имаат „совршен“ живот, живеејќи во увереноста на својата „среќа“, ретко прибегнуваат кон Бога, тешко се смируваат себеси, тешко им стануваат ближни на другите.
                   Колку поголема болка доживува човекот, толку повеќе има надеж да живее автентично и богоугодно, сè додека не се затвори во своето его, во својата злоба, во своите душевни маки, но да прибегнува кон Бога, велејќи: „Мојот животот е целосен неуспех, Боже мој, направи со мене како што благоволиш!“

TVIT893
***

              Ги почитуваме светителите поради нештата што ги знаеме за нивните животи. Но, ако малку размислиме, ќе сфатиме дека најмногу ги почитуваме светителите поради работите што не ги знаеме и никогаш нема да ги научиме за нив. Нивните неуспеси, падови, битки, покајание, крст што ги криеле во срцето.
                Светителите се бореле заради Бога, а не заради својата добродетел.
За жал, ние се задоволуваме со работите што ги знаеме за нив. Се задоволуваме со нивните мудри зборови, со нивните чудеса, со нивната светост, минувајќи го пеколот кој трпеливо го преживувале секојдневно, надевајќи се единствено на Бога.
Светителите ни се пример не затоа што успеаја да го победат гревот, туку затоа што кога грешеа, тие не очајуваа. Светителите ни се пример не затоа што живееја морално, туку затоа што живееја во покајание и смирение.
                 Многупати мислиме дека светител е оној кој е совршен во сè; кој никогаш не погрешил, кој не направил никаква грешка, кој никогаш никого не ожалостил, кој никогаш не потфрлил, кој не покажал неверност, никогаш не паднал со духот. Ова секако е лага. Свет е оној кој својата несовршеност, грев и неверие ги претворил во смирение и покајание.
Читајќи ги житијата на светиите, не се задоволувајте само со она што го читате; запазувајте го и она што не е напишано. Зашто она што светителите го доживеале и извршувале во тајност, непознатите работи, непишаните, тие на крајот ги направиле чудотворци, преподобни, маченици, светители.

TVIT896


          Затоа, не се задоволувај со она што го гледаш и учиш за другите. Затоа што не ги знаеш тајните на нивното срце. Не ги знаеш нивните битки, нивното покајание или нивното лицемерие (од другата страна).
Надворешноста мами. Многу пати рајот е скриен во телата кои го преживеале адот и во осакатените животи; но и зад душите кои го преживеале адот доста често се кријат добродетелни и „христијански“ животи.

 

 

За Преминпортал-

подготви Симеон Стефковски

TVIT894

 6ти ноември 2023 лето Господово