3.angeli.so.truba

ПОДВИЖНИЧКО СЛОВО

АКО НЕ Е ДОЦНА...

Богородица. Тежок збор, невероjатен и уникатен. Над умот и разумот. Потребни се очите на срцето. Очите на верата и верните. Очите на грабнатиот (во Господ!) и чист ум. Отците зборуваат највозвишено. Ние - премногу лесно и плитко, емотивно.
За да се доближиме до Неа нужна е особена чистота. Не само усти. Чисто и отворено срце. Просветлен, лесен, вознесен ум.
Отците молитвата ја доживуваат како Богораѓање. Зачнувањето е полагањето на крштелната благодат во центарот на битието. Самото по себе чудо. Неволјите на богородица, при носењето на Плодот, се внатрешните непријателски планови и дејства да задушат и оневозможат и почеток на духовниот живот. Планови, Богочовекот да остане нероден. Најголем дел од нас, православните, остануваме на овој стадиум. Самите сме си најголемите непријатели. Вешто и несвесно хранејќи ја својата суета, не Му даваме на Богомладенецот да расте и напредува. Богоубиство.
Богомајката поминува страшен период на носење на Светиот Плод. Од сомнежот на блиските до непрестајниот прогон однадвор. Болки и страдања. Физички и духовни. Тоа е состојбата на подвижникот на духовната и вистинска чистота. Повреди и поднесување. Константно напрегање. Барање на Светлината и недобивање. Благодарење во темнината. Радост во немањето. Чекање на невозможното. Прифаќање на ударите од сомнежите и предлог-мислите. Одењето по работ на пресметливоста. Силна духовна болка. Живеење во немоќта. Откривањето на вистинското смирение, кое не е реторика, туку реалност. Примање мали зраци на утеха, како Богородичните мали периоди на засолнување пред повторните напади и неизвесност. Како што Богомладенецот со Своите движења Ја теши Мајка Си, и благодатта во срцето и умот на подвижникот дава знак на живот и најавува сила.
Најтешкото е самото породување. Богомајката е во пештера. Тешки услови. Младенецот е во опасност. Срцето на подвижникот е разбојничка јама, парчосано, бесловесните пориви го кинат. Животните во местото на Христовото доаѓање го опишуваат. Ладно, темно и диво. Подвижникот за да ја роди молитвата ќе мора да отстрада. Свесно и доброволно да ги прифати породилните болки. Се подготвува и ги прегрнува стравот, сомнежите и неизвесноста. Мракот и безизлезноста. Шизофренијата и неспособноста. Со преостанатата вера што ја има се смирува и чека. Болките на срцето засилуваат, мислите шибаат. Нема логичен след дека полека ќе има подобрување; ќе мора да стегнеме заби и овојпат да останеме верни, и да не ги прифатиме мислите. Еднаш да се обидеме да истраеме докрај. Молитвата и копнежот по Несместливиот да бидат крајот, а не прифатената мисла/страст/грев и понижување. На Христос да Му го посветиме животот, не на поразот и падот како досега. Грч, немање и слабост.
Христовото раѓање е големото олеснување. Нов почеток. Умно-срдечен живот. Младенецот е жив и Ја теши Светата Мајка. Молитвата влегува во срцето. Го чисти и смирува. Му дава смисла и сила. Умот повеќе не е разбиен и исплашен. Не пребива во лудила, немоќ, дезориентираност. Се уште има неизвесност и страв, но не се споредува со периодот до раѓањето. Благодатта дејствува отворено и силно, на начин на кој дејствува присуството на Богодетето на Богомајката. Ја теши и смирува, Ја подготвува за следните страдања и подвизи. Богомладенецот е благодатта. Вечноста која се допира до смртноста. Рајот кој ја преобразува материјата. Новото доживување и заборав на породилните маки. Вложеното се исплатува многукратно. Радост од другата страна на природата. Светлина и смелост. Смисла и сила. Обновување на нов вид надеж и вера. Вера во повторување, не во прво доживување. Преминување на голем мост помеѓу слепа вера и познание. Разликата е како помегу неродено и родено дете. Помеѓу залог и добивка.
Слобода и љубов. Созерцание и себезаборав. Поврзување и проникнување. Припаѓање и заедничарење. Надминување на разлики и граници, Мир и разбирање.

3.angeli.so.truba
 
Преобразба и крај на потиснувањето и вештачкиот живот. Самопознание и сострадание. Леснотија и широчина. Длабочина на значењата. Толкување на Евангелието. Следење на Отците. Сведочење на Преданието. Признавање на својата суета. Жал за незнаењето и немањето на другите. Разбирање на заблудата на другите од која се излегло. Свесност дека другите се мачат и ќе продолжат по истиот пат. Чувствување на непокајанието на ближниот. Носењето на пеколот и бремето на братот. Богородичен живот и плач (за целиот Адам}.
Затоа, подвижникот во своето раѓање Ја запознава Богородица и го дели својот богоносен и богороден живот. Рождеството за него е поистоаетување и проникнување со Богомајката. Заедничарат во чистотата и девството. Во страдањата и неволјите. За оние кои го дожиаеале духовното раѓање, Светата Марија е неизбежна Личност. Тихувателите, целиот СВОЈ подвиг го градат во рамките на актуализирањето на несоздадената Божја благодат. Со јасна цел за достигнување на Внатрешното Царство и Совршенството на нивниот Отец Небесен.
Ние би сакале да застанеме на овој пат. Има(в)ме жив пример. Ако не е доцна, и ние би сакале да извикаме – Слава на Бога во висините...!. Внатре, од длабочините на очистените ни срца од благодатта на Богомладенецот, спасоносното застапништво на Богородица и молитвата на нашиот Старец. Ако не е доцна, и ние сакаме да дојдеме до почетокот. Да се избориме и да отстрадаме до него.

Ако не е доцна...
Јеромонах Тит

 

Извор:ПРЕМИН бр.141/141

 

 17ти февруари 2020 лето Господово