Господ им рекол на своите ученици: Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо! А учениците се исплашија од зборовите Негови. Но Исус пак им одговори и рече: Чеда, колку им е тешко на оние што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо! (Мат. 19,16- Марко 10,23-24). Но немојте да мислите дека Господ тоа го рекол само за оние кои имаат многу пари. Не, тоа се однесува на сите кои со својата душа се стремат кон богатството, и жеднеат за него со сето срце, а такви ги има и меѓу сиромашните и меѓу просјаците.
Фреска: Сиромавиот Лазар и богатиот
Сите ние христијани, треба да градиме вистински однос кон богатството, кој ни го заповедал Господ. Дури и апостолите, оние кои меѓу луѓето биле најблиски на Бог слушајќи ги Неговите зборови, зачудено се запрашале: кој ќе се спаси, ако тоа е неможно за богатите (види: Марко 10,26)? Зошто толку се зачудиле? Тие биле Евреи, а Евреите во тоа време богатството го сметале за Божји благослов. Во израилскиот народ на богатите се гледало со голема почит и луѓето мислеле дека ако човек добил благослов од Бог да биде богат, тогаш тој му е близок на него. Меѓутоа, Господ одговорил: Полесно и е на камила да влезе низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо (Марко 10,25).
Исто така негативно за богатите зборува и апостол Јаков: Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог сиромашните од овој свет да бидат богати во верата и наследници на царството, ветено од Него на оние кои Го сакаат? А вие го посрамивте сиромавиот. Не се ли тоа богатите што ве мачат и влечат по судови? Не го хулат ли тие вашето добро име, со кое сте се нарекле? (Јак. 2,5-7). За презаситеното богатство уште појасно зборува Исус Христос во проповедта на гората: Но тешко вам богати, зашто сте ја примиле вашата утеха! Тешко вам преситени зашто ќе огладните! (Лука 6,24-5). Ќе огладните и ќе страдате од постојан глад, затоа што богатството е бреме, огромен терет, кој влече надолу, не дозволувајќи му на човекот да го подигне погледот кон небото. Бидејќи не знаете дека богатиот е слуга на своето богатство, а каде е богатството ваше таму е и срцето ваше (Лука 12,34). И срцето на богатиот е заклучено во ковчегот со парите, заедно со молците.
За да се влезе во Царството Небесно, со сето срце мора да се тежнее кон вечната Божја вистина, треба да се биде служител на доброто. А дали може кон небото да се стреми оној кој со своето богатство е врзан за земјата, оној кој не му служи на духот, туку на телото, живеејќи за својата наслада и уживање. Сите желби се насочени кон насладување на телото, на задоволството, нема место за барање на вистината и доброто, бидејќи со богатството секогаш се стасува до неправда.
На огромниот капитал на милијардерите на неправедно стекнато богатство лежи печатот на ѓаволот бидејќи тие се незаситени и колку повеќе добиваат, толку повеќе сакаат да заработуваат. Тие жеднеат да ја добијат власта на целиот свет – економската и со неа нераскинливо поврзаната политичка. Почнуваат нови војни со оние кои не сакаат да се наоѓаат под нивна власт.
Кажете, каде се тука милосрдието, љубовта, сожалувањето, милоста? А ако срцето на богатиот е полно со она што е спротивно на љубовта, значи за нив нема место во царството Божјо.
Сиромаштвото, пак им е заповедано на сите монаси: примајќи го монашкиот потстриг даваат завет на сиромаштво. Монахот е задоволен со манастирската храна и облека, кои ги добива од манастирот и не тежнее кон земните богатства, туку кон духовното.
Во светот има и милосрдни луѓе, кои богатството го користат за помош на сиромашните. На пример, свети Павлин Милостив, така е наречен што неговата милост била безгранична, сè што имал им го давал на болните и несреќните. Со своето неогранично тежнеење на сите да им помогне, светителот дошол до неверојатна состојба.
Икона: Свети Павлин Милостив
Во негово време – почетокот на V век – дивите Вандали ја нападнале земјата во која тој бил епископ, ја опустошиле земјата и во заробеништво однеле многу несреќни луѓе. Сите средства што ги имал свети Павлин Милостив почнал да ги користи за откуп на заробените, а за тоа се дознало меѓу народот. Кај светителот почнале да доаѓаат роднини на заробените и тој ги откупувал. Еднаш дошла жена на која ѝ бил однесен синот единец и со солзи го молела да го спаси. Меѓутоа, светителот не можел да го откупи момчето, затоа што во тоа време веќе ништо не му останало.
Тој тогаш донел неверојатна одлука: „Добро, јас ќе отидам кај Вандалите, нека ме заробат мене, наместо твојот син“. И направил како што рекол. Отишол во ропство кај варварскиот кнез и светителот смирено ги извршувал најтешките задачи. Кнезот со чудење ја гледал неговата смиреност, внимателност, кротост и молчаливост. Долго време кнезот не можел ништо да дознае и најпосле се решил да го праша. Кога дознал дека епископот е кај него во ропство, се ужаснил и му понудил слобода на Павлин, сакал да му подари и злато. Меѓутоа, светителот го одбил и замолил само за едно: „Ослободи ги сите мои луѓе“. Кнезот на Вандалите толку многу бил зачуден од големината на христијанскиот епископ, што веднаш дал наредба да се ослободат сите заробеници кои биле фатени во неговата земја.
Друг пример – свети Антониј Велики – покажува како христијаните треба да го користат богатството. Антониј на возраст од дваесет години ги изгубил родителите кои му оставиле огромно наследство. За време на Литургија еднаш ги слушнал евангелските зборови: Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го сиот свој имот и раздели го на сиромаси (Мат. 19,21) и истиот час сè што имал го поделил на сиромаси и отишол во египетската пустина не носејќи ништо со себе. Од Бог добил такво духовно богатство со кое не можело да се спореди целото злато во светот, поради што е наречен Велики.
Само така треба да се однесуваме кон богатството. Ако не сме богати да не жеднееме да се збогатиме, туку да се потрудиме да го покориме телото на духот, да го направиме тенко како нишка и лесно да помине низ тесната врата на Царството Божјо. Амин.
15 февруари 1945 година
Извор:
https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/kade-shto-e-bogatstvoto-vashe-tamu-e-i-srceto-vashe/