(Извадок)

Секој момент од нашиот живот го минуваме во сознанието за постојаното присуство на Господа: и дома, и на работа, и на улица, и кога работиме, и кога учиме, но никаде така непосредно како во Божјиот дом, во црквата. А таму, уште на самото влегување, на од свеќи зачадените црковни ѕидови не пресретнуваат светлите ликови на ангели, архангели и светители, на чудесни настани запишани во слика. Таму се среќаваат небесата со земјата, таму хоровите на херувимите и серафимите им се придружуваат во пеењето на пејачите покрај певницата, таму небесните жители му воспеваат химни на Бога заедно со свештеникот од олтарот, таму, за време на светата Евхаристија, во Христа Господа, небесната Црква се соединува со земната. Таму, во светоста на таа една Црква учествуваме сите заедно.“

Но, дали светиите и светите се само отаде фреските? Дали светоста се чува неповредена така заградена само во храмовните ѕидини? Дали само житијните слова се единствените кои говорат за од Бога даруваната светост постигната со исклучителни подвизи или маченички сведоштва? Тие секако дека ја крепат душата и ја засилуваат верата, но што кога ќе го согледаме и споредиме нивното житие и нашиот живот и животот на оние кои живеат со нас? Оттаму здобиената претстава за нив како луѓе над-луѓе, во нивната недостижност ни се измолкнуват при секој обид да им се приближиме со сличен подвиг во сопствената ревност. Не говорам за релативизирање на канонската светост, но за замреженоста на духовното око пред светоста која изобилно постојано катадневно се излива во Црквата.

 

+++

Иако моите другари се обични луѓе, а такви има многу во нашата Црква. Секако, тие се многу далеку од канонизација. За тоа не станува ниту збор. Но, ете, на крајот од Божествената Литургија, кога великата Тајна веќе се извршила и светите дарови стојат во олтарот на престолот, свештеникот возгласува: „Светињата е за светите“! Тоа значи дека со Телото и Крвта Христови сега ќе се причестат свети луѓе. Кои се тие? Тоа се оние кои тогаш се наоѓаат во храмот, свештениците и мирјаните кои со вера дошле тука и чекаат да се причестат. Затоа што тие се верни христијани кои се стремат кон Бога. Излегува дека, без оглед на сите свои слабости и гревови, луѓето кои ја сочинуваат земната Црква, за Бога се свети“.“


„Па ќе заклучиме: Суштествениот момент од светата Литургија се состои во осветувањето на даровите, а целта е осветувањето на верните во Христа Господа. Во светата Евхаристија се станува непосреден учесник во Христовиот живот, кој е Светост, та преку духовното просветлување, со стапување во заедништво со Бога преку Исуса Христа, сите причесници се осветуваат и стануваат свети! Та зарем, и апостолот Павле, при пишувањето на посланијата, своите возљубени собраќа во Христа не ги именува – светии? А така ни се обраќа и нам, кога и денес ги читаме неговите свети списи.“

 

 

Октомври 2019 лето Господово

 

(Повеќе)