Време на бунт



Остануваат уште неколку денови до почетокот на Светата Четириесетница. Затоа е потребно да се стремиме да го направиме главното, односно да се подготвиме себеси на посебен начин.

Изминативе недели, Црквата нè повикуваше на самоотценување, односно да станеме судии над својот живот, пред да застанеме пред Лицето Божјо.

Но, како да го направиме тоа? Со што да започнеме?

Пред сѐ, ние мора да станеме бунтовни, да се возбунтуваме против својата гревовна природа.

За да го направиме тоа, потребно е ние, на сите наши незадоволства од надворешниот живот да им дадеме духовна димензија.

Размислете сами: сите револуции и војни, демонстрации и штрајкови постоеле и до нашето раѓање, а секако ќе постојат и после нашето заминување.

Секогаш ќе се најдат незадоволни и несреќни луѓе, кои ќе бараат од другите измени и промени кон подобро без никаков напор.

Животот кој нам ни е даден е еден и единствен, и затоа не треба залудно да го поминеме, обраќајќи внимание на ситни работи, туку потребно е да се занимаваме со полезни работи, не со она што нѐ опустошува, туку со она што нè исполнува нас и нашиот живот.

Да ги насочиме сите свои револуционерни и бунтовни импулси кон борба со своите гревови и лоши навики. Да ги предизвикуваме, да ги повикаме на дуел, да ги прогонуваме и да не се откажуваме, за да извојуваме барем мала победа во борба со нив. Да дозволиме тоа да стане наш основен подвиг за време на постот.

Затоа оставете ја надворешната борба, започнете борба со внатрешните непријатели, со своите страсти, кои ве оттргнуваат од главното дело, вовлекувајќи ве во надворешни и бесконечни процеси и пресметки, и мачејќи ве како диви ѕверови.



 

Време на активно духовно движење



Некои црковни луѓе мислат дека Великиот пост, на кого сме навикнати со придвижувањето кон него од година во година, дека станал обичен.

Сепак, во духовниот живот човекот не може да биде во некоја статична состојба: ако човекот мисли дека со него цело време е сѐ добро, дека тој во ништо не е во полоша состојба од другите, тогаш тој духовно се деградира.

Духовниот живот секогаш бара движење кон Бога, искачување „од сила во сила“ (Псалм. 83, 9), и само на тој начин човечката душа се очистува.

Се очистува од сите пороци и страсти, кои преку гревот влегле во нашиот живот.

Без движење во нови хоризонти, невозможно е духовно да растеме и да се развиваме.

Ние се стремиме да го развиваме нашето тело на различни начни: некои посетуваат различни спортски секции и клубови, базени и теретани, одат на масажи, вложуваат парични средства во различни направи за подобрување на физичката форма… Колку напор и пари на тоа е потрошено!

А што правиме за духовното развивање?

Ние, како по правило, избегнуваме внатрешна работа над себеси, се занимаваме со било што, само не со својата душа, забораваме неа да ја храниме со спасителната храна: молитвата и Евангелието, созерцанието и тишината, покајанието и исповедта, постот и воздржанието.

Ние, практично до минимум сме ги намалиле сите свои грижи за својата душа, воопшто не занимавајќи се со неа. Таа за жал е отфрлена. А на живата душа ѝ е потребен активен развој.

Ако барем дел од сите тие сили, кои ги трошиме за подобрување на својата благосостојба ѝ ги посветиме на душата, ние би живееле на друг начин.

Да се потрудиме во најблагопријатниот период за тоа, во периодот на Големиот пост, активно да се позанимаваме со својот внатрешен свет, да се фокусираме на потребите на душата и да се обидеме да ѝ дадеме сѐ она што е неопходно за нејзино развивање и полнота.

Ако ја запоставиме душата, ние отпаѓаме од Бога, а значи и ја губиме смислата на животот. Потребно е да се трудиме да ја обновиме врската со Бога. Тоа е нашата првостепена задача и главна потреба на душата.

Ние сме должни тоа постојано да го посакуваме, а преостанатото е работа на Бога, бидејќи Он сѐ држи во Своите раце.



 

Време да станеме реалисти



Православието не е мистика, тоа е реален живот со Бога. Православието не ги крие тајните, туку ги открива.

Постот е остварување на реални дела и реални резултти.

Великиот пост е особена радост за човечката душа. Покрај сите потешкотии и грешки за време на постот, секогаш на крајот од постот, оние кои се отдале на подвиг ќе се украсат со позитивни резултати.

Потешкотии ќе има, а и потребно е да ги има, за ние да ја почувствуваме радоста на победата над својата немоќ.

Вистинскиот христијанин е вистински реалист. Тој цврсто стои на земјата, се грижи за своите ближни, работи за својата татковина, го љуби својот народ, а главната смисла на неговиот живот е Христос.

Затоа, ако ние станеме реалисти и го исполниме својот живот со главната смисла, Господ сигурно ќе ни го открие излезот од секој ќор-сокак, од секоја сложна ситуација, во која ќе се најдеме.

Тоа е реалност на битието.

Да се обидеме, да се потрудиме во деновите на Великиот пост да се украсиме со христијанските добродетели, за Господ да ни испрати внатрешна цврстина, за правилно да стоиме во верата.

И тогаш. кога ќе достигнеме душевен мир, Христос несомнено ќе ни ја испрати Својата благодат и мир.

Гледајќи и осознавајќи ја погубноста на гревовите, кои ги правиме, искрено да се покаеме за нив и да се надеваме на милоста Божја, која секогаш пребива во чистото и смирено срце.

Митрополит Антониј (Паканил)

Извор: http://pravlife.org

Преземено  од: http://www.pppe.mk/2018/bez-shto-postot-ne-e-post-tri-kluchni-momenti-koi-se-vazhni-da-gi-osoznaeme-pred-velikiot-post/