логоFacebookTwitterYouTubeeMail

 

(1927-2017)

Многупочитуваниот осумдесет и четири годишен романски старец, отец Прокло (Ничеу) живее како пустиник на ридовите од едно далечно карпатско село, каде што не работат мобилните телефони. Посетителите ги прима во една мала дрвена колиба, во која има две дрвени клупи, дрвена маса, големо буре во кое чува работи за послужување на гостите и еден ѕид целосно покриен со икони. Најзастапен лик меѓу иконите, е ликот на светиот Серафим Саровски, а оние кои го познаваат и го сакаат старецот често го споредуваат со светителот. Тој е навистина радосен и исполнет со љубов, а и шубарата што ја носи слична е на онаа која може да се види во Дивеево, меѓу личните работи на светиот Серафим, миленикот на секој православен христијанин. Отец Прокло радосно ја пречекува секоја душа која доаѓа да го посети. Може да разговара со посетителите со часови, а од љубовта со која зрачи во рок од десетина минути заборавате на температурата од -12 степени Целзиусови (во неговата ќелија секогаш е ладно како и надвор).

Игуменот Мелхиседек, од манастирот Путна, кој ме однесе да го видам старецот, виде на моето лице загриженост заради средбата, и ме советуваше помалку да мислам на прашањата, а повеќе да се молам на Господа да ми даде зборови и мене и на отецот. Се покажа дека овој совет беше доста корисен, кога после срдечното добредојде, старецот погледна во диктафонот (кој беше вклучен со негов благослов) и започна разговор:

– Бев со отец Јоил Георгиу (духовниот отец на старец Клеопа), непосредно пред неговата смрт. Отците, кои знаеа дека ќе одам кај него, ме молеа да им го раскажам нашиот разговор. Еден од нив ми даде магнетофон и ме замоли да го снимам отец Јоил (тогаш монасите не сакаа снимање). Дојдов кај отец Јоил, а кога го здогледа магнетофонот рече: „Нечиста работа, лошо е што такво нешто има во куќата на еден свештеник“. Потоа, не го прашав веќе ништо, бидејќи добив поучни зборови од отец Клеопа, кој многу ме научи; тоа е сè што ќе кажам (после овие зборови, ја оставив на страна тетратката со прашања, како нешто непотребно; наместо тоа го користев диктофонот и се молев батеријата да го преживее студеното време).

Кога стапив во манастир, отец Клеопа беше сменет од послушанието овчар, и беше поставен за игумен на манастирот. Додека ги пасеше овците, отец Клеопа не губеше време, многу читаше светоотечка литература. Постоеше еден свет човек Јован – Јаков од Њамц, кој аскетски се подвизуваше во Хозевата пустина во близина на Ерусалим, каде што и почина, и кој бараше добри книги за отец Клеопа. Можев да ја почувствувам неговата добрина кон браќата (мисли на Јован – Јаков), верувам дека Светиот Дух преку него ги допре срцата на браќата. Сите тие веднаш би почувствувале желба за покајание и служење на Бога.

Научив многу од отец Клеопа, бидејќи од детството мечтаеше за Бога. Повеќе од сè друго во манастирот, ја сакаше послушноста и одрекувањето од сопствената волја.

За време на комунизмот, кога во Романија владееше претходникот на Чаушеску, Георге Георгиу, отец Прокло беше повикан да служи воен рок. На регрутацијата му беше кажано дека, ако се приклучи кон војската, однапред ќе добие 1000 леи, а после воениот рок, добро платена работа. Беше запрашан колку години поминал во манастир. Одговорил – седум. Побарале од него да застане на масата и ги повикале другите регрути. Му наредија пред сите да каже дека Бог не постои. Отец Прокло им се обратил на присутните: „Побараа од мене да ви кажам дека Бог не постои, но тоа не е вистина: Бог постои!“ Откако ги изговорил овие зборови, се нашол на земја. Бил претепан заради неговото признание.

Кога стапив во манастир, бев само една година во манастирот Сихастрија. Тогашниот Патријарх Јустинијан (Марина), оттаму ме испрати во манастирот Слатина. Половина од браќата беа испратени таму да основаат општожителен манастир. Комунистите говореа дека Бог не постои, но отец Клеопа, говореше дека Бог постои. Така се покажа дека тие беа на различни страни. Комунистите сакаа да го затворат отец Клеопа, но добриот Бог уреди комунистите да си заминат. Им реков на многумина, и сè уште говорам, дека отец Клеопа беше прекрасен духовник. Јас веројатно веќе нема да запознаам таков старец. Поради човечката природа секој може да згреши, но не сите можеме да најдеме отец, каков што беше отец Клеопа.

Отецот го посетуваа многу значајни личности или комунисти (тајно, за да не го изгубат лебот и путерот) и се променуваа веднаш штом ќе почнеше да зборува. Можеше да се почувствува дека Светиот Дух е присутен во него, дека дејствува преку него. Од него научив многу за молитвата на срцето. Оној кој е жеден за умносрдечната молитва и сака да ја научи, мора да има чисти мисли. Отец Клеопа многу напредуваше во духовниот живот, бидејќи стекна понизност. Кој и да се наоѓаше во негова близина, не сакаше да си оди. Не сум единствениот кој тоа го почувствувал, многу отци се чувствуваа исто.

Еден отец од Слатина ми рече: „Треба да се трудам никогаш никого да не навредам, ако сакам Светиот Дух да не ме напушти“. Многу често ги советуваше монасите да им простуваат на браќата. Еден ден додека бев во Слатина, почувствував дека еден од браќата (со него ја делев ќелијата) има нешто против мене во срцето, но не бев сигурен во тоа, и тогаш не побарав прошка, туку одлучив да се молам за него. Подоцна му го кажав тоа на отецот кај кого се исповедав, кој исто како и отец Клеопа исповедаше многумина, бидејќи почувствував дека тој брат е навреден и треба да го замолам за прошка. Ме праша како сум заспал тој ден кога се случи тоа – кажувајќи ја молитвата, имајќи некакви лоши помисли, или размислувајќи за нешто. Многу ми помогна со ова прашање, бидејќи во тој момент сфатив дека требаше од братот со кого ја делев својата ќелија да побарам прошка, велејќи му: Прости ми, и Бог нека ти прости“. Но, бидејќи јас тоа не го сторив, станав преоптоварен. Многу е важно како заспиваме навечер – ако е со молитва, тогаш Светиот Дух ќе помогне да ја најдеме молитвата во срцето.

Кога почнаа да ги протеруваат монасите од нивните манастири во Романија, комунистите дојдоа во Слатина и им поделија на браќата некои формулари. На нив беше напишано: „Сакам да го напуштам манастирот“. Се обидоа на сила да го натераат отец Прокло да го потпише ваквиот формулар, но тој одговори дека се срами од таквите водачи. Наредија да му ја избричат брадата. Комунистите се обидоа да го развеселат отец Прокло, велејќи му дека не треба да тагува, туку да се радува што ја изгубил само брадата, а не и главата. Го советуваа да го држи јазикот зад забите, за да не го пратат на друго место. За да му дадат важност на целиот настан, го обврзаа отец Прокло во наредните две недели секојдневно да се пријавува во полициската станица во градот.

Во манастирот Слатина некои од отците напредуваа во Исусовата молитва и јас учев од нив. Еден од отците ми кажуваше како еднаш заспал изговарајќи ја Исусовата молитва, а кога се разбудил, почувствувал дека почнал да ја изговара молитвата во умот. Продолжувајќи така, почувствувал света сила која го обзела неговиот ум заедно со молитвата и ја спровела во срцето. Таму во срцето, молитвата течела постојано. На крајот, Светиот Дух како да го вознел надвор од телото. Се присетил на зборовите на еден духовен отец, што имал големо искуство со Исусовата молитва. Тој велел дека, кога ќе видиш дека Светиот Дух сака да те земе, тогаш веќе не сакаш да се молиш, бидејќи си толку исполнет со радост што веќе не сакаш да го видиш овој свет. Овој отец велел дека кога монахот се моли со Исусовата молитва, Светиот Дух може целосно да го обземе. Со сигурност знам дека овој отец бил обземен четири дена, и потоа се вратил. После тоа, го чувал строго својот ум – се обидувал да не размислува за времето и за други безначајни работи. Го запрашав: „Кога беше обземен, дали заспа?“ Ми одговори, не. Се молел со Исусовата молитва, и кога Светиот Дух го вратил, продолжил да се моли. Подоцна, кога Светиот Дух повторно го обзел, не сакал ниту да јаде, ни да спие. Се сеќавам дека во Египетскиот старечник пишуваше дека еден отец јадел само еднаш во четириесет денови. Тогаш мислев дека тоа е чудо, бидејќи тоа е над човечките сили. Но, кога помага добриот Бог, сѐ е можно.

Браќата избегнуваа да говорат за ваквите тајни, плашејќи се од духот на суетата. Ако Светиот Дух сака да ѝ помогне на некоја личност да пости, тогаш тоа е чудо. Но понекогаш Бог нѐ напушта, за да поживееме во понизност, бидејќи нам исто така ни е потребно и земското. Оној кој не се лути никогаш кога бива навреден, радоста силно ја чувствува. Тој отец исто така ми кажа и дека, ако сакам да станам монах, треба да живеам како никој да не ме забележува, да бидам презрен од големите и малите. Немањето право да се лутите на никого –  е единствениот начин да се стигне до понизноста; треба да се трудиме колку е можно никого да не повредиме. Но често се случува, против својата волја да повредиме некој од нашите ближни. Ако видам дека некој не прифаќа духовен совет од мене, јас се шегувам со него, за тој да дојде при себе, за бесот да исчезне од неговата душа.

Еден ден дојдоа тројца кај отец Прокло. Веднаш сфати дека се образовани луѓе, а бидејќи себеси се сметаше за необразован, не сакаше прв да започне разговор. Сакајќи да го испитаат, луѓето чекаа да видат како ќе бидат пречекани и поздравени. Така старецот и неговите гости гледаа, молчејќи, едни кон други. После долго време, отец Прокло прв проговори: „Кога ќе умрам, демонот ќе ме однесе во пеколот, бидејќи ако на човекот не му се допаѓа како тој живее, нема ни на Бога“. Потоа еден од посетителите рече: „Ако демонот вас ве однесе во пеколот, што ќе биде со нас?“ Во одговорот отец Прокло ги посоветува да најдат духовен отец и им даде упатства за духовен живот.

Луѓето доаѓаат да ми кажат дека се поколебале во верата. Јас само им одговарам – останете во мир. Ако не сакаш да се колебаш, тогаш промени го во добро она што е лошо во твојот живот. Светиот Дух ќе ни помогне ако сме ги соединиле понизноста и покајанието. Не смееме да заспиеме со расеан ум. Овие искушенија не можеме да ги надминеме веднаш. Оние што сакаат да живеат во покајание се како на лествица. Гревот и страстите ќе нѐ влечат да паднеме на земја, а ние ќе ги победуваме со покајание и скрушеност. Демоните ќе се обидат да ја соборат нашата душа, но Светиот Дух ќе се обиде да нѐ подигне. Ако непријателот не може да нѐ скрши директно, ќе се обиде со разни изговори. Но Светиот Дух ни помага да стекнеме добродетели со понизноста. Ако на сето ова сме и слаби, искушенијата ќе продолжат непрекинато, за да ја увидиме нашата немоќ.

Еден ден паѓаше снег. Немаше никој во близина на мојата ќелија кога слушнав: „Знај дека си подобар од тој и тој“. Во близина имаше прачки, па почнав да се удирам со нив, молејќи се: „Господи! Ти знаеш колку сум грешен, Господи, не оставај ме“. Без оглед на фактот дека се понизив, веќе го „испив своето кафе“. Ако мислата дека сум подобар од некој друг, помина низ мојата глава, јас веќе паднав, и никој тоа не го знае, освен Бог и јас. Господи, не напуштај ме! Тогаш се молев за своите непријатели. Господи, не казнувај ги, прости им, Боже! И ако барав прошка за нив, тогаш се надевам дека Господ ќе ги помилува и нив и мене.

Молитвата на срцето е опкружена со многу ереси, со многу лажни духови. Само оној кој има духовен отец може во неа да напредува, односно ако му каже на својот духовник за она што го напаѓа. Кој сака да говори за молитвата на срцето, никогаш нема да престане да говори.

Сега мораме да го читаме Египетскиот старечник, што е можно повеќе. Тој носи голема духовна корист. Во него се опишани многу свети луѓе; кога го читате, чувствувате љубов, жед за покајание и желба за промена. Но во тоа ни пречи нашата голема грижа. Понекогаш сакам да се сокријам, но не знам каде – каде и да одам, таму ќе се пронајдам себеси. Морам да тихувам, колку што можам. Понекогаш може да ни се јават помисли дека би било добро сите да одат во пеколот, а ние во рајот. Ова не е добро. Треба да имаме милост за својот ближен, и по мерата на нашите помисли, ќе примиме плата од Господа.

Луѓето доаѓаат кај мене да ми кажат дека сакаат да се спасат, да ги променат своите животи. Мене ми е жал за таквите луѓе. Но понекогаш луѓето доаѓаат и ми кажуваат дека не можат да му простат на својот ближен. Господи, сочувај нѐ нас, а нив помилуј ги! Се трудам, секој што ќе дојде, да го пратам во Црква за да побара совет од свештеник. Се трудам веќе никому да не давам совети. Есенва, кај мене дојде еден човек и ми рече дека тука седам сам и се молам. И дека не можам да го побијам фактот дека сум жив мртовец. Потоа, ми рече дека не треба да плачам, бидејќи сум на земјата. Така се лажам и себеси и другите. Туку подобро да плачам за она што ме чека после смртта. Нашето време е многу лажливо. Многу е важно да ја зачуваме чиста нашата Православна вера.

Еден ден отец Прокло го напушти манастирот Слатина за да замине во гората Њамц, и да живее како испосник. Ова беше негов прв обид да се повлече во тишина. Никој од браќата не знаеше дали за тоа има добиено благослов од својот духовен отец. Отец Клеопа рече дека тој можеби добил благослов, а ако не добил, набрзо ќе се врати. Всушнот, така и се случи. После три дена, отец Прокло се врати, и ни раскажа, дека само што си изградил колиба, стадо свињи дошле кај него. Од младост и неискуство, отец Прокло не увидел дека всушност тоа биле демони во облик на свињи. Го зел стапот за да ги избрка, но свињите го опколиле. Кога сфатил дека тоа биле демони заради нивниот одвратен изглед, отец Прокло почнал да вика по нив од страв. Демоните почнале да викаат по него. Не можел да се моли – стоел со отворена уста, вчудовиден. Потоа една од свињите скокнала на него и му го одгризала прстот. Отец Прокло помислил, дека ако Господ го избави од нив, тогаш ќе се врати во манастирот без размислување. Само што помилил на тоа, дивите свињи заминале. Отец Прокло слушнал глас кој го запрашал зошто немал послушност и зошто го напуштил манастирот? Кога се вратил во манастирот на сите им го покажал одгризаниот прст и им ја раскажал лекцијата која ја научил.

Сакам да бидам сам кога ќе умрам. Но многу луѓе ме држат тука, и не ми даваат да одам, сакаат да разговараат. Но страшен е тој час. Во тој миг треба да бидеме сами Бог и јас.

Еден отец вака говореше: „Доста! Колку зборував? Морам да зборувам малку со себеси!“ (мора да се моли). Еден ден кога речиси умирав, дојде еден човек кој сакаше да разговара со мене. О, брату! Во тој час нам ни е потребна тишина, да постоиме само Бог и јас. Понекогаш се случува самиот ѓавол да испраќа луѓе да ме тераат да разговараме и тоа не е добро.

Додека живеев во манастирот, некои отци кои беа блиску до смртта, гледаа дека многу луѓе се собираат околу нив. Тие ги замолуваа присутните, бидејќи од слабост не можеа самите, да ги завртат нивните лица кон ѕидот, за да можат во мир да заминат кај Бога. Истото се случило и со монахот кој бил во болница, се обидел да издејствува, пред смртта, да биде завртен со лицето кон ѕидот, за никој да не може да го види неговото лице, или како тој ја кажува Исусовата молитва.

Знам еден отец, кој беше исполнет со Дух Свет во мигот пред смртта. Додека умираше, тој сакаше да ја сподели својата радост, и го направи тоа кога го видoа неговото лице по смртта. Многу е важно да ја имаме таа крајна борба, да останеме сами со Бога. Ако ја имам молитвата во срцето, можам да бидам со Него, во тој миг. Сè додека говориме: „Како можеше тоа да ми го направи?“ или „Јас ќе му кажам…“ не можеме ништо да постигнеме. Така е тоа… Тешко мене, прости ми. Мислам дека единствено мојата уста ќе отиде во рајот…

Еден ден, некој монах дошол кај старец Прокло да побара совет за својот игумен. Отец Прокло му рекол: „Ако го сочувам својот разум, ќе ме викаат монахот Прокло, а ако не го сочувам, ќе ме викаат свиња“ (во романскиот јазик овие зборови се слични Прокло и порко).

Што да ви кажам? Јас сум потполно надвор од сите случувања, тешко мене… Сум забележал дека многу е важно, кога одам да се молам да немам ништо против никого. Ако некој има нешто против мене, тоа е негова работа. Најважно е, јас да немам ништо против него. Ќе имаме голема корист ако се трудиме да живееме незабележани, не истакнувајќи се. Господ нека ви помогне! Многу е корисно да ги читате светите отци.

Кој сака искрено да се моли со Исусовата молитва, на вистински начин, ќе оди директно во рајот. Но таа личност не смее да мисли дека, ако ја достигнала молитвата на срцето, веќе е сочувана. Сè зависи како смртта ќе нѐ затекне. Ако имам молитва и сум достигнал состојба во која сме само јас и Бог, тоа е добро, но ѓаволот не се плаши од почетокот, се плаши од крајот. Така е тоа… Многу демони се собираат околу човека во текот на молитвата и можат да му донесат разни визии. Еден ден морав да одам на исповед кај отец Клеопа, тоа беше време кога ми беше дозволено да се повлечам во потполна самотија, но само неколку месеци живеев сам, и демоните ми се појавуваа во облик на луѓе. Тој ден врнеше многу снег. Кога малку замрзна, отидов кај старецот и му ги раскажав моите искушенија. Тој ме посоветува, ако се посомневам дека демон во облик на човек дошол да ме поучува, да му кажам: „Ако си од Бога, тогаш кажи заедно со мене – Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“. Бидејќи непријателот не сака да рече: „помилуј ме“. Сите оние кои ја практикуваат Исусовата молитва, можат да го врзат демонот, но сепак непријателот подготвува и многу други искушенија за таквите личности. Непријателот може да биде потполно покорен, со понизност и покајание.

Важно е да се отиде на спиење со молитва во срцето. Демонот може да земе облик на човек, за да ни ја искриви молитвата и да нè наведе во ерес. Сите оние кои сакаат да ја научат молитвата на срцето, мораат често да се исповедаат, за да се ослободат од духовите кои ги вознемируваат. Таквите духови сакаат да ја искриват нашата вера и да ја корумпираат. Доколку демонот успее тоа да го стори, тогаш ќе ве заплетка во својата мрежа. Значи, многу е важно да се има духовен отец, кој поседува искуство, во измамите, во молитвата, во тихувањето. Најздрава тишина е онаа во која си во состојба да плачеш. Кога одиш да се молиш, немој да имаш ништо против никого.

Господ нека ви помогне. Сите кои имаат можност нека ја помагаат Црквата, бидејќи тоа е голема работа. Ако личноста се наоѓа во состојба на плач поради своите гревови, мора тоа да го искористи. Еден отец ми кажа дека ако времињата се мирни и јас ги користам во слава Божја, тогаш кога ќе наидат искушенијата, ќе добиеме помош од Светиот Дух. Ако не ги искористиме мирните времиња, ќе дојде долг период на искушенија, кој можеме да го преживееме само низ покајание, исповед и здрав темел. Но мораме да знаеме дека духовната суета напаѓа со голема сила. Значи не постои друг начин освен плачот. Исто така, морам да мислам дека сите останати се поголеми од мене. Ако ми мине низ главата мисла дека сум подобар од некој друг, ете катастрофа и тешко мене.

Знам дека во манастирите постојат отци кои се заробени од духот на суетата. Добриот Господ тоа го дозволува, за други да ги заменат или за да минат низ искушенија.

Еден ден, во Букурешт, отец Прокло одел во црква со некои верници, во чиј дом ја минал претходната ноќ. Монахот бил облечен во световна облека, и неговите пријатели му дале дури и капа. Минале низ плоштадот полн со луѓе и тука сретнале една циганка од Јаши. Таа почнала да вика на него: „Еј ти, селанецу од Молдавија! Зошто дојде во Букурешт? Зошто си облекол капа? Падни овде!“ Цел плоштад се собрал да го види овој скандал.

Еден ден, кога отец Клеопа замина од Сихастрија, се исповедав кај друг духовник. Тој ми рече дека доколку некој ме навреди, треба да зборувам со таа личност, еднаш, двапати, трипати, па ако не ме разбере, да престанам со зборување и да изговорам во себе: „Господи Исусе Христе Сине Божји, помилуј ме мене грешниот. После неколку недели се случи да ме искритикуваат и јас бев многу повреден. Сфатив дека не можам да стекнам понизност во тој момент – за тоа е потребно време. Знаете ли како ќе препознаете дека сте стекнале понизност? Тогаш кога ќе го почувствувате Светиот Дух и ќе сфатите дека немате ништо добро во себе – дека сѐ доаѓа од Него. Тогаш отидов кај својот духовен отец и му кажав што ми се случи, колку ме погодија негативните критики и како „ги скршив сите тегли“. Кога го слушнав „кршењето“ сфатив дека требаше да молчам. Го запрашав зошто ми се случи сето тоа, сепак никогаш не сум сакал кавги, отсекогаш повеќе од сѐ сум го сакал молчењето. Тогаш ми рече дека демонот ме ранил, бидејќи од себе сум го тргнал оклопот на молитвата и сум бил соголен пред него, не сеќавајќи се на Бога. Сум забележал дека кога некој ќе направи грев, тогаш е како шолја со врела вода, од која мувата бега подалеку, но штом водата се излади, мувата почнува да лета над шолјата.

Има многу луѓе во Русија кои достигнале светост. Мораме да ја сочуваме здрава верата, баш онака како што ни е оставена од светите отци. Кој сака да тргне по друг пат, измамен е. Имаме потреба од преданијата на светите отци. Голема несреќа е тоа што нашата Православна Црква се дели. Тоа е многу лошо. Се молам за сите, сите да стигнат во рајот, но не можам да речам дека еден е добар, а друг лош, тоа е грев. Не можам да служам Света Литургија, бидејќи сум обичен монах, но се сеќавам на сите Православни во своите молитви. Сите оние кои ја сакаат вистината и мирот, кои ја сакаат Црквата, светиите и Бога имаат обврска да се обединат. Ако се обединиме, Светиот Дух ќе ни помогне. Но ако Црквата се дели и дели – тоа е многу лошо. Сега бидејќи секој мисли на свој начин, постојат големи пореметувања во Црквата. Сега спасението е вакво: секој човек за себе. Ако имате духовен отец и чувствувате дека тој ве води кон Царството Небесно, тогаш држете се до него. Нашето спасение многу зависи од тоа дали имаме духовен отец. Некој може да ме критикува што говорам по сопствено расудување. Се согласувам: јас не сакам да говорам – Црквата нека говори сама за себе. Јас не сум ничиј судија – имам свои сопствени гревови, што ќе ми се туѓите? Кога некој би ме вработил да работам како судија, мојата месечна плата би била само 5 франци.

Во Јаши полицијата ги приведуваше монасите кои не успеала да ги уапси по затворањето на манастирот. Посебни служби биле задолжени да го проверуваат свештенството. Сакаа да го испратат отец Прокло во затвор. Еден старец, кого не го уапсија поради неговата старост, го заштити монахот велејќи им на оние кои дошле да го уапсат: „Кого сакате да затворите? Прокло? Кога ќе седне во воз, тој не знае ни во која насока оди“. Сепак, отец Прокло, чекал ситуацијата да се реши во населениот Букурешт. Кога го напуштил Јаши, сретнал една циганка и започнале разговор. На разделбата, таа му рекла дека му спремила „бомба“. Тоа била истата онаа циганка, која подоцна викала по него низ улиците на Букурешт.

Има луѓе кои се обидуваат да ги свртат старците едни против други и на тој начин сеат раздор. Се молам за сите, се молам добриот Бог да ја обедини Црквата. Голема катастрофа е тоа што престанавме да ги слушаме светиите, Бога, бидејќи само светите го имаат Светиот Дух. Кога сакаа да го затворат отец Клеопа, тој на своето место постави еден архимандрит кој во манастирот дојде пред комунистите и му даде послушание, на сите монаси да им говори дека тој е задолжен за манастирот. Таа ноќ отецот Клеопа замина во планина.

Еден отец рекол: „Кога доаѓа голема опасност на Црквата, ги гледаме оние кои цврсто стојат на нозе“. Оттогаш, времињата сѐ уште се добри, па не можеме да видиме кој стои цврсто, а кој не.

Само оние кои издржале до крај станале светители. Добриот Бог сака да го исчисти секого, сите да отидат во рајот. Ние мораме да настојуваме, според нашите сили да имаме страв Божји, во нашите срца.

Господ им го дава дарот кој го примиле светителите и апостолите на сите оние кои се трудат во Црквата. Господ им дава на современите апостоли да почувствуваат копнеж по Него. Кога личноста ќе го доживее ова, љубовта кон Бога доаѓа за да остане во неговото срце. Тогаш личноста веќе не е врзана за ова време. Кој се разбудил (дошол при себе) не треба да прави ништо друго, туку да плаче. Не би требало да плаче за земското, туку за она што го чека после овој живот. Во спротивно, ние се лажеме себеси и другите. Нашиот сегашен живот е телесен, додека пред нас стои вечен живот. Вистината е со Спасителот и со светителите кои Тој ги направил тоа што се. Некои луѓе велат дека и тие имаат светители. Но светителите на нашата Црква ги создал Самиот Бог, а ние мораме да се чуваме од „светителите“ кои се создадени од луѓето. Светителите чинат чуда. Светителите се лествица кон Бога.

Еден отец изјави дека сите ние имаме заедничка радост, но секој во нас носи посебна радост во себе, која ја стекнал низ личната молитва, низ чувањето на умот и покајанието. Ако ние го тешиме Светиот Дух со нашите животи овде на земјата, тој ќе нѐ утеши во следниот живот. Светиот Дух е толку добар, што им ја открива убавината на идниот век, на оние кои го тешат Господа во овој живот. Овие луѓе никогаш нема да патат од болеста на неверието. Нека Господ Бог ве всели сите во вечното Царство Небесно.

(Отец Прокло се упокои на 29 јануари 2017 година)

Превод: Јаков Илкоски, дипл. инженер по биологија и хемија

Православна светлина бр. 48

 

Извор:

https://crkvaveles.wordpress.com/2019/01/28/proclu/?fbclid=IwAR2lPBF64HkKR3JqO_GD8tPS3W0jYUopEEqauO0gJ7ETV7io8W6ATCNR5ro

 

 

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

Дек 09, 2019 Полезно и Потребно 1107
7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 1044
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…