Кој ќе стекне смирение, покајание, кротост, духовна жед за правда и милосрдие, тој е на прагот на шестата добродетел: чистота на срцето или душата. Под срце Спасителот го подразбира центарот на човечката душа од кој извира секое добро или зло.

Срцето е почеток и корен на сите наши дела, учи свети Тихон Задонски. Што и да правиме во и надвор од нас, го правиме со срцето, било тоа да е Добро или зло. Со срцето веруваме или не веруваме; со срцето сакаме или мразиме; со срцето се смируваме или се возгордејуваме; со срцето трпиме или роптаме; со срцето простуваме или се лутиме; со срцето се помируваме или се караме; со срцето се обраќаме кон Бога или се одвраќаме; со срцето се приближуваме кон Бога или се оддалечуваме; со срцето благословуваме или колнеме; во срцето има радост или тага, надеж или очајание, покајание или распуштен живот, страв или Слобода; во срцето има простодушност или лукавство. Срцето воздивнува, се моли, се надева, или го чини спротивното. Според тоа, она што го нема во срцето, тоа и не постои. Верата не е вера, и љубовта не е љубов, ако не постојат во срцето, тогаш тоа е лицемерие; смирението не е смирение ако не постои во срцето, туку е преправање. Затоа Бог го бара од нас нашето срце: Синко, дај ми го мене срцето (Изрек. 23, 26).

 

Извор: Бигорски манастир