Цар на славата

Велик понеделник

Господ оди на доброволно страдање. И ние треба да одиме со Него. Тоа е долг на секој кој исповеда дека преку Христовото страдање станал она што е, и дека уште ќе добие нешто толку големо и славно, што на човека ни на ум не може да му дојде. Како, пак, да одиме со Него? Размислувајќи, сочувствувајќи. Оди со мисла по трагата на Господ Кој страда и преку размислување извлечи од сѐ претстава која би можела да го трогне твоето срце и да го воведе во сочувствување на страданијата кои Господ ги поднел. За што поуспешно да се изведе ова, потребно е самите да започнеме да страдаме преку значително намалување на јадењето и спиењето и преку зголемување на трудот стоејќи на молитва и творејќи поклони. Исполни го сето она што светата Црква го прави и ќе бидеш добар сопатник на Господа по патот на страданијата.

Велик вторник

Цар на славата Сега народот, свештениците и јудејските властодршци за последен пат го слушаат словото Господово во Храмот. А тоа било сеопфатно: го опфаќало минатото, сегашното и идното. Со прашувањето за Јована, Господ наговестува дека Тој е вистинитиот Месија; со приказната за двата сина укажува дека Јудејците ќе бидат отфрлени и на нивното место ќе бидат повикани незнабожечките народи; со приказната за лозарите говори дека отфрлените (Евреи) ги очекува погибел; со приказната за свадбата на царевиот син учи дека не сите што ќе Му пријдат ќе бидат достојни, поради што со право ќе бидат фрлени во крајна темнина; со одговорите на прашањата за кесаровиот данок и првата заповед, како и со разобличувачките зборови ги одредува карактеристичните црти на спасителниот живот; на крај, претскажувајќи за несреќите што ќе го снајдат Ерусалим на учениците им ја открива тајната на Своето Второ доаѓање. Доволно би било само внимателно да се чуе сето тоа, па да се увериме дека Тој е вистинит Спасител на светот – Христос, и да се покориме на Неговите заповеди и учење. И до ден денес читањето на Евангелските поглавја за сето она што се случило на тој ден е најделотворно средство за оживување на верата во Господа. Со нивна помош Христијанинот може, доаѓајќи до правото знаење, да ја подгрева ревноста и да покаже дека верува во Господа не само на збор, туку и на дело.

Велика среда

Господ молчел во среда и четврток до Вечерата, за тогаш да им се обрати на учениците со слово на кое му нема еднакво ни во човечките, ниту во Божествените писма. По указ на Црквата, сега од Господовата уста го слушаме укажувањето за непопречување на помазувањето со миро, бидејќи на тој начин (Неговото тело) се приготвува за смрт. Пред Неговите очи е само смртта – т.е. завршната тајна на Неговото доаѓање на земјата поради нашето спасение. Да се водлабочиме и ние во согледување на таа таинствена смрт за да извлечеме блага надеж, зашто инаку не знаеме каде би нашле мир од мачењето на разбудената совест и за да се одбраниме од свеста за праведноста на Судот Божји над нас, така страшен и неизбежен.

Свети Теофан Затворник

Извор: http://pravoslavie.mk.