Ерма

3.angeli.so.truba
ВИДЕНИЕ ПРВО

(Разобличување на Ерма за неговите слабости и за негрижата во воспитувањето на своите деца.)

Господарот, кој ме одгледа, ме продаде на една жена од Рим, по име Рода. По многу години, ја сретнав повторно и ја засакав како сестра.
По извесно време, ја видов како се капе во реката Тибер; ì подадов рака и ја извлеков од реката. Гледајќи ја нејзината убавина, си помислив: „Колку би бил среќен да имам жена со таква убавина и со таква добрина“. Тоа беше една единствената мисла што ме обзеде, и ниту една друга.
По извесно време, додека одев по патот кон селото и го прославував Божјото создание, размислувајќи колку е тоа величествено и прекрасно и силно, ме обзеде сон, и заспав. Духот ме подигна и ме понесе некаде, преку некакво беспаќе, низ кое човек не може да помине. Местото беше карпесто, нерамно и непроодно поради водата. Откако поминав преку таа река, стасав до една рамнина. 

Клекнав и почнав да се молам на Господа и да ги исповедам своите гревови. Додека се молев, се отвори небото и јас ја здогледав истата онаа жена којашто ја посакав за себе. Таа ме поздрави од небото, велејќи ми:
„Здраво, Ерма.“
Гледајќи во неа, ја прашав: „Госпоѓо, што правиш таму?“ 
„Ме доведоа тука за да ги разобличам твоите гревови пред Господа“ – одговори таа.
„Госпоѓо, зарем ти ќе бидеш таа што ќе ме обвиниш?“
„Не, но ислушај ги зборовите коишто сакам да ти ги пренесам. Бог, Кој живее на небесата, и Кој од ништо го создал сето постоечко, и го умножил заради Својата Света Црква, е гневен на тебе зашто согреши против мене.“
„Госпоѓо, зарем јас согрешив против тебе? Како?“ – ја прашав. „Каде или кога прозборев против тебе макар и еден лош збор? Зарем не те уважував секогаш како госпоѓа? Нели секогаш те почитував како сестра? Зошто погрешно ме обвинуваш за такви грозни и нечисти работи?

Тогаш таа, насмевнувајќи се, ми одговори:
„Во твоето срце се јавила нечиста желба. Зарем не сметаш дека за праведен човек е порочно ако во неговото срце се јави лоша помисла? Тоа е грев за него, и тоа тежок. Зашто, мислите на праведен човек треба да бидат праведни. И кога тој помислува праведно и непоколебливо се стреми кон тоа, тогаш секое негово дело има благоволение кај Господа. Оние, пак, коишто го сокриле нечистото во своето срце, навлекуваат врз себе смрт и пропадливост; особено оне коишто го сакаат овој свет, живеат раскошно во своето богатство и не очекуваат идни богатства – нивните души ќе погинат. А тоа го прават лицемерните, коишто немаат надеж во Господа и не се грижат за својот живот. Но ти помоли Му се на Господа, и Тој ќе ги исцели твоите гревови, и гревовите на сиот твој дом, и на сите светии.   


(Следува продолжение)

+++

Ерма бил по потекло од Рим. Апостолски  ученик, еден од седумдесетмината. Апостол Павле го споменува на крајот од посланието до Римјаните.
Делото Пастир Ерма го напишал во Рим, во периодот од 140 до 155 година, на грчки јазик. Сè до средината на XIX века, ова дело било познато само во превод на латински, а од 1857 година стана достапен и еден сочуван ракопис на грчки јазик, од XIV века, и еден препис во Синајскиот кодекс.
Св. Иринеј во делото Против ересите наведува дека делото на Ерма Пастир има авторитет на библиска книга. Св. Атанасиј, во Пасхалното писмо (373), во кое говори за новозаветниот канон, го вбројува меѓу книгите коишто ги прифатила Црквата. Сепак, Пастирот на Ерма не бил вброен во новозаветните книги. Ерма бил епископ во Филипопол во Тракија
Судејќи според делото Пастир, Ерма бил роб (христијанин) когошто во Рим го откупила некоја христијанка по име Рода и така го ослободила од ропство. Кога станал слободен, почнал да се занимава со земјоделие и со трговија, и стекнал големо богатство. Но, го занемарил моралното воспитување на своето семејство, така што неговите деца за време на прогонувањето на христијаните отпаднале од верата, додека, пак, тој со својата жена останале цврсти во верата. Како последица од тоа, тој го изгубил своето богатство: му останал само еден мал имот, доволен за неговите потреби. Тој се покајал и од мал христијанин станал голем поборник на христијанската наука.

Делото Пастир, чија цел е да ги привлече грешниците на покајание, изобилува со морални поуки.

Самиот автор го поделил делото на три дела:


- Пет виденија (добиени преку ангелот на покајанието)
- Дванаесет заповеди (диктирани од ангелот на покајанието)
- Десет сличности или раскази (зборуваат за услови за покајание)

 

Подготви:  д-р Драган Михајловиќ

Посети: {moshits}

Друго:

http://preminportal.com.mk/component/search/?searchword=%E2%80%9E%D0%9F%D0%90%D0%A1%D0%A2%D0%98%D0%A0%E2%80%9C%20%20(%20%20%20%D0%92%D0%B8%D0%B4%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D0%B5%20I%20-%20%D0%93%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D0%B0%202)&searchphrase=all&Itemid=278

1. „ПАСТИР“ (Видение третo. Глави 3-6.)

2. „ПАСТИР“ (Видение III)

3. „ПАСТИР“ (Видение II)

4. „ПАСТИР“ ( Видение I - Глава 2)

 

3.angeli.so.truba

Светиот апостол Ерма

Еден од Седумдесеттемина. Се спомнува во Посланието на Павле до Римјаните (16, 14). Родум беше Грк, но долго време живееше во Рим. Беше епископ во Филипопол, а животот го заврши маченички. Според откровение од ангел Божји ја состави многупоучната книга „Пастир“. Ерма беше богат човек, но заради гревовите на своите синови западна во крајна сиромаштија. Еднаш на молитва му се јави човек во бела облека со стап во рацете и му рече дека е тој ангелот на покајанието којшто нему му е пратен за да го придружува до крајот на животот.

Ангелот му даде дванаесет заповеди:

1) да верува во Бога;

2) да живее во простота и невиност, да не злослови и да му дава милостиња на секого што проси;

3) да ја љуби вистината и да ја одбегнува лагата;

4) да го чува целомудрието во помислите;

5) да се учи на трпение и великодушност;

6) да знае дека покрај секој човек е поставен еден добар и еден зол дух;

7) да се плаши од Бога и да не се плаши од ѓаволот;

8) да прави секакво добро и да се воздржува од секое зло;

9) да Му се моли на Бога од длабочината на душата со вера;

10) да се чува од тагата, која е сестра на сомнежот и гневот;

11) да ги испитува вистинитите и лажните пророштва;

12) да се чува од секоја зла желба.

 

 

 ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на светиот
Христов Апостол Ерма
31 мај / 13 јуни
Како огнот што го загрева железото,
така благодатта срцето човеково,
за да го покаже сето она кое е нечисто,
о Ермо велики,
Бог те ослободи од робувањето на овој свет,
за да Ангел ти испрати.
Пастиру Божји, дванаесет заповеди како на круна бисери,
објави на оние кои стојат на молитва,
да бидат светилници по патот на спасението.


 
Извор МПЦ - ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче