Владимир Марковиќ

Sveta.Gora.panorama.jpg
СВЕТА ГОРА

Една ноќ целата шума се претвори во градина. Изворите пропеаја.
Над Атос се појави Богородица во Светлина.
Каруља ги подаде своите стрмни карпи кон птиците и подвижниците кои се искачуваа до нејзините мали отвори.
Приказната за Градината се прочу по градовите и во пустината. Се знаеше дека Синот Божји и Неговата Мајка ги возљубуваат подвижниците и ги закрепнуваат со божествената енергија. Пропејуваше сета Гора и наутро и навечер. И кога пеењето на ангелите и птиците ќе престанеше, тишината или ветрот го продолжуваа славењето на Бога и сеопштата љубов. Сонцето, кога навечер заминуваше, порака за брзо враќање оставаше.
По сокровитите места на Градината и покрај нејзините извори се појавија првин колиби и ќелии, а потоа и цели манастири и скитови што ги поврзуваа кривулестите патеки, качувајќи се и спуштајќи се, а по патеките, во сенките или на некоја височинка, стоеја крстови или параклиси со икони, кандила и по некој цвет.
Стоеше времето во Градината, како цвет кој никогаш не прецутува. Доаѓаа и секакви агарјани, ги рушеа ѕидините и манастирите, ги спалуваа дрвјата и книгите, но духот не ѝ го сменија. Таа и за време на палежите цутеше. Иконите ги сосекуваа пламените јазици на пожарите. Израснуваа духовници како стари дабови стебла. Поклониците приоѓаа со тивка одушевеност и исполнети со благодарност. Зашто љубовта се разлеваше насекаде наоколу.


ЌЕЛИИ

Стотици ќелии се распрснале по Света Гора како цветови кои израснуваат во карпите, покрај шумите, манастирите, во малата котлина, во купчиња на стрмнините – најчесто осамени. Сите Го слават Бог. Сите се будат пред доаѓањето на зората.
Во ќелиите се осамувале пустиници. Отец Рафаил, отец Макариј, отец Стефан. Секој со иста цел, но секој приказна за себе. Во ќелијата Патерица стариот отец Трифун уште со почит го чува игуменскиот бастун на свети Сава. Во ќелијата-испосница отец Симеон, човек непосреден и благороден, секој ден со исклучителна почит и љубов ги читаше Давидовите псалми и домаќински пречекуваше гости. Со своите раце навидум несмасни, но нежни, внимателно ги вртеше страниците на Заветот и подготвуваше по нешто за да ги почести намерниците.
Во карпата, сокриена од погледот, недалеку од манастирот Зограф, е ќелијата на отец Козма која тој ја напуштил и се преселил на оној свет. Пред неа, како да ја чува, тажно стои еден празен стол.
Во пролет ќелијата на брегот ја опкружиле стотина цветови. Таа стара, малку потоната, накривена, а тие – тукушто расцветани, па шепотат, или морето е тоа што шумоли.
А во карпите на достоинствениот Атос, во друштво на птиците и облаците, недостапни за оние кои се земни, се зацврстиле ќелиите, се врзале, за да не полетаат со ветрот, да не би морето да ги привлече или каменот да ги оттурне. Само во уште понекоја престојува монах кој себеси си одредил непрестајна молитва, вечен пост, постојана дружба со Бог и можеби понекогаш, накратко, или никогаш, со човек. Тој не знае за час, за годишно време, за надворешниот свет; непрекинато се моли за простување на своите и туѓите гревови. За спасение и љубов. Се труди да го допре небото, а ќелијата му е малечок облак, пламен што го носи кон височината.

Извор: ПРЕМИН бр. 99/100

Лето Господово 2014