(продолжение)


прот. Александар Шмеман
Од книгата "Големиот пост"
monah.portret.jpgКолку многу се оддалечивме од нашето тривијално поимање на постот како обична диета, од расудувањето за тоа што е дозволено а што не е, од сето тоа површинско лицемерие! Зашто, во крајна линија, суштината на постот е следна: да се почувствува глад, да се гладува, а тоа значи да се достигне границата на оној живот во нас, кој целосно зависи од храната и, гладувајќи, да откреиме дека таа зависност не е крајната вистина за човекот, дека самиот глад е, всушност, духовна состојба и дека во својата крајна длабочина тој претставува гладување по Бога. Во раната Црква постот означувал апсолутно воздржување од храната, односно состојба на глад којашто го доведува телото до крајната граница. И токму од тоа разбираме дека постот како физичко лишување од храната е апсолутно бесполезен без втората, духовната компонента. „Со пост и со молитва“... Тоа значи дека без соодветен духовен напор, без личното зацврстување во Божјата Реалност, без спознанието за својата апсолутна зависност од Бога и само од Бога, физичкиот пост се претвора во самоубиство. Ако ѓаволот го искушувал Самиот Христос, кога Тој постел и го доживувал чувството на глад, очигледно е дека и за нас не постои никаква можност да го избегнеме искушувањето. Физичкиот пост, колку и да е важен, станува не само бесмислен, туку и опасен во вистинска смисла, доколку не е соединет со духовни усилби, со молитва, со мисла сосредоточена во Бога. Постот е вештина којашто светиите совршено ја совладале; би било опасно и вообразено од наша страна да се обидуваме да ја совладаме таа вештина без духовно расудување, без соодветна внимателност. Во сите богослужби за време на Великот Пост постојано се напоменува за тешкотиите, пречките и искушенијата коишто се исправаат пред оној кој се потпира на своите сопствени сили, а не на Бога. 

Ете зошто ни е потребна духовна подготовка за подвигот во постот. Суштината на таа подготовка е, како прво, да ја бараме Божјата помош, и, второ, сиот наш подвиг во постот да биде сосредоточен на Бога, да се стреми кон Него. Ние сме должни да постиме заради Бога. Ние мораме да го почувствуваме Неговото присуство во нашето тело, коешто станува Негов храм. Затоа и спрема телото, и спрема јадењето, и спрема севкупниот начин на нашиот живот треба да се однесуваме со религиозно уважување. Сето тоа треба да се достигне уште пред почетокот на постот, за да во самиот почеток на постењето бидеме духовно вооружени, да ја очекуваме духовната борба и победата.  

И ете, настапува самиот пост. Според она што бешеш кажано претходно, постот треба да се исполнува на две рамништа: прво, на нивото на аскетскиот пост; и второ – на нивото на совршениот пост. Аскетскиот пост се состои во силно редуцирање на исхраната, така што постојаното чувство на глад да се доживува, од наша страна, како сеќавање на Бога, и да ја поддржува постојаната усилба тоа сеќавање да се задржи во свеста. Секој што постел на тој начн – макар и малку – знае дека аскетскиот пост, наместо да нè ослабнува, создава во нас извесна леснотија, сконцентрираност, трезвеност, радост и чистота. Храната се прима вистински, како Божји дар. Ние постојано сме насочени кон тој внатрешен свет кој необјасниво самиот нè храни. Тука нема да го анализираме количеството и квалитетот на храната, нејзина распределба во текот на денот за време на аскетскиот пост; сето тоа зависи од нашите индивидуални можности, од условите во кои живееме. Но принципот е јасен: се работи за постојана состојба на полугладување, чија „одрекувачка“ природа се преобразува со молитва, со сеќавање на Бога, со внимавање и со сосредоточеност во позитивната сила. Но, времетраењето на совршениот пост мора да се ограничува во согласност со Евхаристијата за која самиот тој пост нè подготвува. Во сегашните услови на нашиот живот, пред сè, ден пред извршувањето на Литургијата на претходно осветените дарови. Ако постиме од рано утро или само од пладне, главната цел на тој пост е денот да го минеме во очекување, во надеж, во „гладување“, да се наситиме со Самиот Господ. Тоа е духовна сосредоточеност на очекуваниот дар, на оној дар којшто мора да го добиеме, и заради кој сме подготвени да се откажеме од сите други дарови.

Треба да се има на ум дека, колку и да е ограничен нашиот пост, ако се работи за вистински пост, тој ќе доведе до искушенија, до слабост, до сомневања и до раздразнетост. Со други зборови, постот ќе биде борба во која ние, веројатно, ќе бидеме поразени повеќе пати. Но ако нашиот пост, според својата суштина, е вистински, тогаш токму во него се открива и нашиот живот во Христа, живот на борба и подвиг. Верата којашто не ги победила сомнежите и искушенијата, ретко станува вистинска вера. Растењето во христијанскиот живот не е можен без горчливото искуство на грешки и паѓања. Колку често луѓето го започнуваат постот со ентузијазам, но се откажуваат по првиот неуспех. Јас сметам дека вистинското испитување на верата се одвива по првиот неуспех. Ако по таквиот неуспех – потклекнување пред гладот и страстите – почнеме од почеток, не обрнувајќи внимание на тоа колку грешки сме направиле, тогаш, порано или подоцна нашиот пост ќе донесе духовни дарови. Меѓу светоста и цинизмот на разочарувањето се наоѓа големата и божествена добродетел трпение – пред сè трпение во однос на самиот себе. Не постои скратен пат кон светоста, и ние сме должни да ја платиме полната цена за секој наш чекор, за секоја етапа. Затоа е подобро и побезопасно да почнеме од минималното – сосема малку над нашите природни можности и потоа, малку по малку, да го засилуваме постот, одошто наеднаш, во почетокот на постот, да се издигаме премногу високо, за потоа да се разбиеме, паѓајќи на земја.

И така, од символичен и номинален пост, мора да се вратиме на вистинскиот пост. Нека тој биде ограничен и скромен, но затоа постојан и сериозен. Треба реално да ги процениме нашите духовни и физички можности и способности, и да дејствуваме според нив, не заборавајќи, истовремено, дека, постејќи, не треба да се плашиме од нашите ограничени способности, туку во својот живот да го видиме божествениот доказ дека она што е невозможно за човекот, Му е возможно на Бога.

Подготви: д- р Драгам Михајловиќ

(ПРОДОЛЖУВА)