hristos vo putir

 Митрополит Јеротеј Влахос

Луѓето чувствуваат дека наездата на западниот дух ја умртвува душата и ги разорува сите меѓулични односи. Затоа, луѓето се обидуваат да го оживеат стариот начин на живот, кој бил многу почовечен, но и етосот и обичаите на нашиот народ, како и многу други нешта од народниот живот, биле тесно поврзани со духовно-терапевтскиот метод на Црквата со кој Црквата го вознесува човекот кон обожение.

hristos vo putirСекако, овде треба да се биде претпазлив, затоа што има многу обичаи кои се плод и остаток од паганското идолопоклонство и суеверие. Зашто, за жал во древните христијански времиња имало многу суеверија, токму како што е и денес. Луѓето, често ја доживуваат Црквата и Бога како нешто што треба да им помогне, за да им оди добро во животот. Дури и тоа не треба да се отфрла. Така луѓето се собираат на чинот на благословување на пченицата со света вода, за да имаат добра жетва.

Но, сè што ќе се отуѓи од целовитиот духовно-терапевтски метод на Црквата, од степените на духовното усовршување – очистување, просветлување, и обожение – станува само мртва форма, од која човекот нема помош.

Луѓето почнуваат да мислат дека формата сама по себе е доволна, што како последица има привид на духовно излекување. Луѓето мислат дека придржувајќи се за празни форми, ќе ја пронајдат среќа во животот, па тогаш доживуваат разочарување кога нема да ја најдат.

Јас, напротив, верувам дека човек кој живее според исихастичкото Предание на Црквата – кое е, уште еднаш повторувам, сосредоточено на човековото очистување, просветлување и обожение – може да живее според Православното Предание, дури и во солитер, во современа урбана средина, под најнеповолни надворешни околности.

Многу новомаченици биле слуги на турските господари. Тие надворешно гледано му служеле на турското царство кое се борело против христијанството. Но, тие и покрај тоа, го сочувале Преданието и достигнале Боговидение, мачеништво и обожение.

Зашто, многу новомаченици, како што гледаме од нивните житија, имале Боговидение пред мачеништвото и нивното мачеништво било плод на Боговидението.

Лечењето на душата, навистина, мора да биде сосредоточено на умот. Помрачениот и умртвен ум со лечење мора одново да се просветли, за повторно да оживее. Човекот чиј ум е духовно болен, е роб на безбројни страсти, помисли и фантазии.

Човекот кој сака духовно да се излечи, значи, мора да посвети внимание токму на лечењето на својот болен ум. Вреди да се спомене како светите отци го опишуваат лечењето и обновата на умот. Постојат четири средства за лечење на умот.

Тоа се: православната вера, свест за сопствената грешност, помош од свештеникот – духовен лекар и, на крај, соодветниот метод за обнова на умот, кој се нарекува православна „аскеза“ (подвиг).

Црквата е своевидна духовна Болница која ги лечи луѓето. Црквата не е заедница на добри и побожни луѓе, туку благословено Тело Христово во кое луѓето духовно се лечат. Црквата ги прима болните луѓе и ги лечи од нивните духовни болести.

Затоа, ние исповедаме дека Христос е Единствениот Вистински Бог, дека Црквата е Болница која вистински го лечи човекот, дека светите отци се вистински терапевти кои лечат со силата Христова, дека Божјите заповеди се духовно-терапевтски и дека треба да се трудиме да живееме извршувајќи ги тие заповеди.

Оти, како што лекарските рецепти не се нешто апстрактно, туку му се препишуваат на болниот човек заради исцелување, така и заповедите Христови се упатени кон духовно болните заради нивно духовно излекување. Затоа треба да се трудиме да ги исполнуваме сите Христови заповеди, зашто тоа е патот за духовно излекување на нашето срце.

 Светотаинскиот живот на Црквата не е одвоен од аскетскиот живот на Црквата. Со разочарување констатирам дека во многу нови книги Светата Тајна на Божествената Евхаристија се анализира така,што излегува дека простото учество во евхаристијата и простото причестување со Крвта и Телото Христово е она што само по себе го обожува човекот. Нема сомнеж дека Светата Тајна Евхаристија е она по што Православието неспоредливо се разликува од сите останати религии.

Меѓутоа, ако се изолира од сецелиот духовно-терапевтски метод на Црквата, Евхаристијата не само што не го обожува човекот, туку и му е на осуда на човекот.

Благодатта Божја во тој случај делува како казна.

Многу пати сум слушнал како православните свештеници во своите проповеди тврдат дека светата причест го спасува човекот и дека го води кон обожение, како и дека секој од нас мора да се причестува секоја недела итн.

Меѓутоа, целото Предание на Црквата учи дека одвоени од подвигот на духовниот живот – т.е. од очистување, просветлување и обожение – Светите Тајни не можат да му помогнат на човекот.

Светите отци велат дека Светата Причест претпоставува аскеза (подвижништво) и дека е неодвоиво од аскезата. Аскезата, како што веќе рековме, ѝ претходи и ѝ последува на Божествената Евхаристија.

 

Превод од српски јазик:

Снежана Колевска, дипл. теолог

Православна светлина бр. 11

Преземено од: Амвон