ВЛАДИКА НИКОЛАЈ
НИЗ ЗАТВОРСКИОТ ПРОЗОРЕЦ
ПОРАКИ  НА  СРПСКИОТ  НАРОД  ОД ЛОГОРОТ ДАХАУ

  Ilustracija.jpg

  • Со што се фалиш,  човеку, со што толку се гордееш?

 Кој и да се фали, се фали со она што е негово, а не со она што е туѓо.
Што имаш свое со кое би се пофалил?
 Што имаш, освен позајмицата која на крајот мораш на земјодавачот да му ја вратиш?

 
Се фалиш ли со убавината телесна?
 Оди на гробишта  и види каде се исфрлува од градот убавината телесна .
Или се фалиш со очите и усните?
Којзнае колкупати  досега си ја бришел калтта од чевлите свои и не мислејќи дека  тоа се очите и устата на оние,  кои поминале по патот по кој ти сега одиш?
Или се фалиш со богатството свое?
Ај, помисли, чие ли  не било, чие  ли нема да биде!
Или со скапоцените камења: дијамантите и брилијантите,
рубините и топазите  или со смарагдите или со бисерите?
 
 Кога мртва на штиците  ќе те положат, сосема сеедно ќе ти биде дали ќе ти стават околу вратот низа од бисери или од дабови желади;
и дали џеповите ќе ти ги наполнат со дијаманти или со пепел; и дали телото ќе ти го покријат со кадифе или рогузина.
 
 Се` што од земјата си позајмил , на земјата се враќа, го сакал ти тоа или не го сакал.
Што се фалиш тогаш со позајменото?

  • Или се фалиш со славата, со власта и со силата?

Навистина, на твој збор сега се свртуваат на лево или на десно цели војски, тунели се прокопуваат, градови се ѕидаат.
 Под прозорецот твој поминуваат  илјадници љубопитни луѓе  кои само да те здогледаат  со очите свои посакуваат, та да можат да им раскажуваат на своите како виделе голем човек. А утре, ќе лазат преку ладното чело твое  стоногалки и гуштери, а ти не ќе можеш ниту да ја помрднеш раката своја за да ги оттргнеш.
Или, со своите дела се фалиш, со културата своја?

Чувај се, да  не ти се одземе паметот како на царот   Навуходоносор.  А, таа приказна  треба да ја чуеш и да ја знаеш и да им  ја раскажуваш на децата свои и секому кому му сакаш добро.
 
Таа приказна   гласи: царот Навуходоносор соѕида  голем град Вавилон и многу кули воздушни  во него,  високо до облаците,  и ја уреди престолнината  своја така, што и` немаше рамна во светот.
 
Еден ден, шеташе царот Навуходоносор  по кулата своја,  па фрли поглед врз градот  Вавилон и под нозете свои  и во гордоста своја  извикна:  Не ли е  тоа големиот  Вавилон велики, што јас го изградив со силата на својата моќ   за да ми  биде престолнина царска и во слава на моето величество (Дан. 4, 29).
 
Притоа, царот не се потсети на Бога Создателот , ниту како владетел му се заблагодари  на помошта , ниту се унизи пред Севишниот, што е должност на сите владетели, - туку напротив, себе си како Бог  над боговите се истакна и како цар над царевите.
 Но, браќа мои, што се случи?  
Не може   Бог да се  понижува  од прашината под  нозете Негови. Уште тие зборови беа во неговата уста  кога дојде глас од небото:
 „тебе ти се објавува , цару Навуходоносору : царството ти е одземено ;  ќе бидеш протеран од друштвото на луѓето , ќе престојуваш со полските животни ; ќе се храниш со трева како говедата, и седум времиња ќе поминат над тебе додека не сознаеш дека Севишниот има власт над човечкото царство и дека Тој го дава кому што сака.“
 
А она што подоцна се  случило, навистина е страшно за кажување.  Во тој час гордиот цар Навуходоносор  го изгуби умот и избега во шумата , и живееше во шумата како ѕвер меѓу ѕверовите, цели седум години.  
И јадеше трева како добиток  и му израснаа влакна по телото и нокти како на птица. И дури по седум години,  умот му се поврати , та тој како друг човек се понизи пред Господа  Бога и се поклони на силата Негова и величеството Негово. И  понатаму, до смртта своја, царуваше со скрушено срце и како слуга на Бога Единиот и Живиот.
 Но, ќе речете вие, тоа е толку далеку од нас; тоа било пред две и половина илјади години ; па што има заедничко со нас?
  О, браќа мои ќе умреме сите, и јас морам  само вистината  да ви ја говорам.    Навистина имате право, тоа се случило пред две и половина илјади години во далечната земја Вавилонска . Но тоа се повторило и вчера, и тоа се случува и денес среде Европа; среде Европа крстена , о, жалост наша!
 

  •  Се осилија луѓето.   Се возгордеаја заради делата на рацете свои; заради градовите свои , патиштата, железниците, бродовите, парните плугови, електричните машини , подземните и подводните електрични машини , се погордеале многу.  И се воздигнаа себе над Бога Севишниот, и самите себе почнаа да се обожуваат  и својата култура, делата на рацете свои.

О, браќа, некои нови Навуходоносори не подигнаа над престолот Божји; нови Вавилонци, опиени со мирисот смрдлив на новиот Вавилон.
 
 И Бог им го зеде паметот. И полудеа.
И  се поделија. И удрија едни на други.
И се пролеа крв без мера и безброј безаконија  извршија.
И  ги фрли Севишниот во мракот прашумски   меѓу скотовите, зашто исповедаа дека не се од Бога Севишниот , туку род скотски , ѕверски и мајмунски.
И ете, сега се хранат  со храна ѕверска ; пасат трева и нокти им раснат  како на ѕверовите и птиците .

До кога, Господе?
Додека не се понижат и не признаат  како царот Навуходоносор  дека со царството човечко Севишниот владее  и дека Тој го дава на оној кому сака.
Браќа мои, но овие Вавилонци  залудени беа  и нас, Србите и од Христа не` одвоија.
 
   Од животно значење за нас сега  е прашањето:  
сакаме ли и понатаму со Вавилон или со Христа?
 Сакаме со културата,  или со Бога и со душата?
Да одбереме, но да внимаваме вчерашното да не го одбереме.
 На нашиот Бог слава Му за навек. Амин.


 
Превод: М. Даниловска
 
Припремила екипа ФБ странице Православље живот вечни