Samarjankata.jpg

ВЛАДИКА НИКОЛАЈ

ОМИЛИИ
 
 
 
НЕДЕЛА ЧЕТВРТА ПО ВОСКРЕСЕНИЕТО
Евангелие за  Дарителот на живата вода на жената Самарјанка  
(извадок)
 
Јов. 4, 5-42. Зач. 12.
 

        Како што кошутата жеднее за изворните води, така мојата душа копнее по Тебе, Господи. (Пс. 41,  1-2)!
 Ова не е восклик на некој сиромав и прост, кој што немал можност душата своја да ја напои со човечка мудрост, со световно знаење  и умеење,  со философија  и уметност, со познание на тенките нитки од кои е исткаен  животот на човекот и неговата  природа.
Не;  туку ова е воодушевувачки и болен восклик на еден цар, богат со светско богатство , генијален по ум, одмерен по емоциите на срцето и моќен според силината на делата на волјата своја.
Напојувајќи ја душата со сè  за кое што неслободната душа копнее во овој свет, Царот Давид одненадеж почувствувал дека неговата духовна жед не само што не се  стопила, туку дека до таа мерка пораснала, што сета оваа материјална вселена не можела да ја исполни.
 О Боже, Ти си мој Бог: горливо Те барам Тебе; Мојата душа жеднее по Тебе, моето тело копнее по Тебе, како сува, жедна и безводна земја! (Пс. 62, 1).
 
Не треба ниту да се докажува  дека телесната храна  не може да ја насити душата човечка, ниту дека телесното питие може да ја напои. Но, дури ни целиот оној животен дух кој што осветлува низ сите твари, оживувајќи ги и хармонизирајќи, не е во сосотојба да ја насити и да ја напои душата.
 
Телото ја прима непосредно онаа храна  која во суштина е истоветна со телото. Телото е  од земјата и храната за телото е земјена. Затоа телото во овој свет се чувствува како дома, меѓу своите.
 
 Но, душата се измачува, се распнува и се измачува, се гади и протестира, што мора да прима храна посредно, и тоа храна  неистоветна  со неа, туку само на неа слична. Затоа душата во овој свет се чувствува  како во туѓина, меѓу туѓинци.
 Дека  е душата бесмртна и по својата суштина  припаѓа на еден бесмртен свет,  доказ е и тоа што таа во овој свет земен, се чувствува како незадоволен патник во туѓина и неа ништо од светот не може во потполност  да ја нахрани и да ја напои.  И дури кога душата би можела да ја прими во себе целата вселена како една чаша вода , нејзината жед, не само што не би се намалила, туку сигурно и би се зголемила.
 
 Жива  е душата човечка, жива и секогаш жедна за живот; и ништо не може да ја напои освен животот, суштински и непосреден живот. А вистинскиот и непосреден живот е единствено во Бога, во Живиот Бог.
 Жедна  е душата моја  за Бога, за живиот Бог!  Ова  не е песна, туку е еден сув факт, како сувото грло на жедниот арслан, кој што рика во пустината  и чиј рик може на птиците  да им се пристори како оаза, како песна , но на арсланот  тој лелек му е барање помош, а не, песна.
Жедна е душата моја за  Бога, Бога живиот!  Ова не  го говори  поетот, туку ожеднетиот патник  во земјата, пуста непроодна и безводна: не го гоговори ова пеачот, туку еден од најопитните и најискусните испитувачи и познавачи на душата човечка и на историјата на светот.
 
 
Човече, ако било кога помислиш дека телесната храна и телесното питие можат  да ја нахранат и напојат и душата твоја, тогаш се наоѓаш на  степен, на кој што  се наоѓаат  домашните животни и ѕверовите шумски.
 
 Ако си го  прошол тој степен,  па се надеваш дека душата твоја може да се нахрани и да се напои  со мудрост човечка  и убавината   на овој  свет,  тогаш се наоѓаш на степен  на половина питомите и половина зрелите.
 Како што онаа прва мисла е луда, така јалова е и оваа недеж.  Зашто, на овој – вториот степен ти ги примаш рикањето и лелекот  на жедниот свет за песна и веселба, трудејќи се  со туѓата жед да ја заситиш твојата жед.
 
 Ако, пак, го помина и тој, втор степен и почувствува жед неискажлива,  која што не може секоја бара светска да ја згасне , која не може да ја згасне  ниту сецелиот вселенски океан, тогаш си навистина опитен и зрел човек, вистински човек. Само на тој степен на незаситна жед душевна, на давидовска жед душевна, ти ќе го сфатиш денешното евангелие  во потполната смисла негова.
 
А  таму беше Јакововиот Извор. А Исус, изморен од патот, седеше така на кладенецот; беше околу шестиот час.
Било затоа што  праотецот Јаков со својот добиток престојуваше кај овој бунар, било пак, затоа што  тој сам го ископа или соѕида, така, овој бунар се нарекуваше по името негово.  Заморен  од стрмовитиот  и безводен пат  од Ерусалим, Господ се спуштил кај овој бунар, за да се одмори.
Шест сахти по источното сметање  означува  - пладне.  Во време на најголемата дневна жештина, значи, заморениот Господ, пристигна на тоа место. Беше  изморен од патот  заради нашето спасение, како што  подоцна на крстот беше крвав од рани и свиткан од болки, пак заради нашето спасение. Но, зошто не отпатува ноќе, по ладовина?
 Ноќта Му служела за молитва.  Всушност, ниту е секоја ноќ за патување. А, да речеме, во оваа прилика да патуваше ноќе, Евангелието би било пократко  за едно единствено случување и за едно извонредно поучно и спасоносно откровение. Патуваше дење, пешачејќи, по стрмнини и жега и  уморен и жеден,  зашто брзаше секој миг од Својот земен живот и дење и ноќе да го искористи за наше добро, за наше спасение.
 
 Дојде  жената Самарјанка, за да нацрпи вода. Исус ѝ рече:
 „Дај Ми да пијам .“ Особено се нагласува дека жената била Самарјанка,  бидејќи Евреите  ги сметале Самарјаните за незнабошци.  Дај ми да пијам,  ѝ рече  Господ. Он беше изморен и жеден, од што е јасно дека Телото Негово било вистинско тело човечко, а не  привидно, како што учеа некои еретици.
Како што  Неговото тело  пролевало солзи од жал за луѓето и како што страдало од  болки на Крстот, така чувствувало потреба и за храна и за вода.  Навистина, Тој можел кога сакал да ја совлада и да  да ја отфрли оваа потреба со Својата Божествена сила на долго време, дури и за сето Свое време на земјата, но, според што тогаш би се препознал како вистински човек , по сè како браќа,  и како би можел тогаш луѓето да ги нарекува  браќа (Евр. 2, 11-17)?  
 Како би  нè научил нас  на стрпливо  страдање и поднесување,  ако  сам не страдаше и  не поднесуваше?
И најпосле, зарем Неговата крајна цел  би го имала оној сјај , кој нас сите нè крепи и осветлува  во маките на животот, ако Тој Сам не ги поминеше  сите тие маки, и тоа во најголема мера? 
Ќе рече некој: зарем Тој не можеше да го умножи лебот, да оди по водата како по суво, не можеше ли на овој долг пат  со еден моќен збор  - одеднаш , со помисла  - да  отвори извор на вода  во камен или во песок  и да ја угаси својата жед?
 
Навистина, Он тоа Го можеше. Ете, тоа го направи Мојсеј во пустината; тоа во Негово име го направија  многу светители низ историјата на Црквата Негова; како, значи, Тој да не го можел тоа?
 Не; туку  Тој тоа не го сакаше. Тој не направи ниедно чудо заради Себе си , - за себе да се нахрани , напои или облече. Сите чуда Негови беа заради луѓето.
 Во животот Негов нема ниту сенка на себичност. Дури и кога младенецот избега пред мечот Иродов , тоа не го стори за Себе, туку заради луѓето. Зашто, сè уште не беше време; а кога Тој Својата работа меѓу луѓето ја заврши , Тој тогаш не бегаше пред смртта , туку ѝ приоѓаше во пресрет.
 
 Бескрајното човекољубие, нераздвојно од бескрајната мудрост,  ги вдахнуваше и раководеше  сите зборови на Господа Исуса, сите Негови постапки и сите случувања во животот  Негов на земјата.
 Дај ми да пијам!  Тоа Создателот го изискува   од своето создание. Тие зборови брујат  низ дваесет векови; зашто, тие зборови  Он не ѝ ги рекол само  на жената Самарјанка, туку  на сите човечки поколенија, до крајот на времето.
 
 Дај ми да пијам, говори Он и ден денас секому  од нас. Не го  говори тоа Тој - Создателот на водата  и распоредителот  на морињата и океаните, на реките  и изворите  - затоа што е жеден  за вода, туку затоа што е жеден за нашата добра волја и љубов. Давајќи му Нему , ние не даваме ништо свое, туку Негово. Секоја наша вода на земјата е Негова , зашто Он ја создаде; и секоја чаша студена вода која ние некому му ја подаваме  на еден од Неговите  најмали  браќа,  ја плати  Он  со Својата драгоцена  крв.
 
 Сепак, во беспримерна смиреност Своја, Тој не побара вода од жената како Создател од созданието, туку како што човек би  побарал,  човек од човека,  за да го покаже со тоа Своето смирение.
За да посведочи притоа за Својата вистинска човечка природа, ограничена и со потреби. Најпосле, сите нас да нè научи на услужност и милосрдие. Човекот има право  на барања од човекот; и човекот има должност  на послужување  и милосрдие  спрема човекот.
 
Зашто, учениците негови беа отишле во градот да купат  јадења. Господ значи , бил  не само уморен и жеден, туку  и гладен, како и учениците Негови. Уште еден доказ за Неговата вистинска човечка природа и Неговото мудро воздржание од чуда, таму каде што чудото не донесува општа полза  во делот од  спасението.
 
Евангелистот го спомнува отсуството на учениците, за да објасни зошто Господ барал  вода од жената. Зашто, да беа учениците тука, тие би  ја зафатиле водата  и жената би останала неспомната.
Секако Провидението  сакало ваква прилика да се создаде; заради наша поука  за и ние кога ќе го видиме својот непријател во неволја, да му помогнеме.
  И кога нашиот народ  е во непријателство со соседниот народ, ние како луѓе не смееме да го пренесеме тоа непријателство  на секој човек од тој народ, туку во даден случај сме должни да помогнеме на секој човек во потреба независно, припаѓа ли тој на нашиот народ или не. 
 
 Жената Самарјанка му рече: како ти, Јудеец, бараш од мене Самарјанка, да пиеш?  Зашто  Јудејците не општеа со Самарјанците.
 Оваа Самарјанка била на општо стојалиште  на она време,  дека еден човек треба да го мрази не само непријателскиот народ, туку и секој поединец од тој народ. 
Во таа приказна  за милостивиот Самарјанин Господ ја истакнал омразата на Евреите спрема  Самрјаните, а сега, пак, при  овој настан  се очитува омразата  на Самарјаните спрема Евреите.
За да  се разбијат ѕидовите на омразата  помеѓу народ со народ, потребно е најнапред  да се  разбијат ѕидовите  помеѓу човек и човек.
 Тоа е единствениот разумен метод на лекување  на родот човечки  од тешката болест на взаемната омраза.
 Одговори Исус и рече:  Кога би знаела за Божјиот дар и Кој е Оној што ти вели:  „Дај ми да пијам, ти би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода“.
 
Дарот Божји може  да се разбере  во материјална и во духовна смисла. Во материјалната смисла , под дар Божји  треба да се разбере  сè она што Бог, според добрината Своја,  го создаде и му го даде на човекот  за корист и употреба.
 Кога ти жено, би знаела дека  таа вода не е ниту Самарјанска, ниту Еврејска, но Божја; и дека таа вода при создавањето Бог не ја одредил  за Самарјаните или за Евреите, туку  за луѓето, ти со страв би зафатила од таа вода, како Божји дар и би го напоила жедниот човек - со уште поголем страв – како  создание Божјо.  Зашто, целиот овој свет е Божји дар за човекот, а човекот, пак, Божји дар на светот.
 
Во духовна смисла, пак, под дар Божји треба да се рабере  само Господ Исус Христос. Дарувајќи му го целиот овој видлив свет на човекот, човекољубивиот Господ се докажува и Самиот Себе. 
Кога ти, жено, би знаела каков скапоцен дар им испрати Бог и на  Евреите и на Самарјаните  и на сите останати народи, без исклучок, ти би затреперила во душата, ти би заплакала од радост, ти би онемела од чудо и не би се осмелила ниту да помислиш  на взаемна злоба  и  омраза   помеѓу Евреите и Самрјаните.
 
Па уште  кога тебе би ти била откриена  сета внатрешна тајна  на Оној Кој со тебе говори  и Кого ти го цениш по тело како обичен човек , а по облеката и јазикот како обичен Евреин, ти би молела од Него и Он би ти дал вода жива.  Под `вода жива`, Господ подразбира благодатна и животоврна сила на Духот Свет , која Тој ја вети  на верниците. 
 
  Кој верува во мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода“  ( А ова Го рече за Духот кого што ќе го примат оние кои веруваат во Него). (Јов. 7, 38-39).
Не поимајќи  ништо од сето ова,  жената му одврати:
Господе,  Ти нема со што да нацрпиш , а кладенецот е длабок, од каде пак имаш вода жива?  Зар си ти поголем од нашиот татко Јаков  кој ни го даде овој кладенец? И сам тој пиеше од него и синовите негови и добитокот.
 
Преправениот Господ ѝ се причинил на жената како обичен, беспомошен човек. Со `вода жива` и тогаш како и денес , се нарекувала водата изворска, спротивно на дождовницата  собрана во бунари и  цистерни. Но, за жива вода  се нарекувала и водата во бунарите , ако е изворска и тоа само на дното на бунарот , каде што избива клучот на водата, со која што се полни бунарот .  Најпрвин, значи,   жената помислува на дното на бунарот, од каде што е приклучена водата, но на момент ѝ дошла  и втората помисла која ја прогонува  на прашање: Зар си ти поголем од нашиот татко Јаков? 
  Тоа е: да ли ти можеш да создадеш   некој друг извор на  вода, покрај овој?   Прататкото  Јаков не го создаде овој кладенец , туку само го изѕида и загради. Ако би можел ти да создадеш некоја  изворска, проточна  вода, која сета би била жива, тогаш ти би бил поголем од праотецот Јаков. Дали си ти поголем од него?
 Овој Јаковов бунар е  така обилен, та дури и он пиеше од него и синовите негови и добитокот негов, па и ние сите од оваа околина, па и сите патници и намерници  и тоа низ толку многу векови. И водата во бунарот  никогаш не пресушува. Зарем ти можеш  нешто уште повеќе да направиш?
 
Во овие зборови на Самарјанката  се изразува од една страна, гордоста кон праотецот Јаков, а од друга страна, повеќе од сомневање, речиси потсмевање кон Господа Исуса. Не толку  грубо и јавно потсмевање како  при воскресението на ќерката Јаирова - и  Му се потсмеваа  (Мат. 9, 24) -  но сепак,  посредно  и вешто прикриено потсмевање.
 Но Господ,  Кој беше решен  да ги извлекува од калта  гревовна луѓето, решен бил да го истрпи секое потсмевање  и од демоните и од луѓето. Тој не ја искара, жената,  значи,  заради ова жалба и потсмев, туку продолжува да ја спасува нејзината душа.
Одговори Исус и рече: 
 Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни, а кој пие од водата што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни, таа во него ќе стане извор на вода  што ќе тече во животот вечен“.  
Господ не ѝ одговори  на прашањето на жената, како што таа очекувала. Тој не сака да ѝ говори за Своето превасходство  над Јакова.  Тој согледува од каде доаѓа недоразбирањето  помеѓу него и жената, кое што жената не го увидува. Недоразбирањето, имено, доаѓа од таму што Он говори за  пиење духовно  и животоворно, додека, жената, научена да мисли само по сетилниот и земен разум, ја држи во паметот само водата видлива, одредена од Бога само моментално да ја гаси  телесната жед.
 
 Му рече жената: Господе, дај ми таква  вода за  да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење.  
Жената сè уште  останува  при своето поимање,  мислејќи сè уште на водата изворска, земна. Во најдобра рака, таа можела да помисли за Христос како за некој волшебник , кој што со некои магии  може да направи некое чудо. За да ги разбие тие мисли на жената, Господ ненадејно го скренува разговорот на сосема друг  предмет .
Исус ѝ рече:  Оди повикај го мажа си и дојди тука.  Жената одговори и му рече: немам маж.  Исус ѝ рече: добро кажа дека немаш маж; зашто петмина мажи си имала и оној што го имаш сега не ти е маж, право рече.
За да ја научи жената да мисли духовно, а не телесно , Господ наоѓа за мудро не да направи некое чудо пред жената, туку да се покаже како тајновидец и пророк, што има исто такво големо  дејство, како и чудотворството.
Оди повикај го мажа си !
Господ знае дека таа  нема маж, но сака да  го чуе нејзиниот одговор, подготвувајќи и неочекувано запрепастување со своето сезнаење и предвидување.
Пет  мажи си имала – тоа   било доволно изненадување  за жената, но кога  чула за уште  и една  своја престапна тајна, која таа сакала да ја сокрие: и  оној кој го имаш сега, не ти е - тоа  морало  неа  да делува како неочекуван  гром.
 
Но не прекорувај ја  жената Самарјанка душо христијанска,
 не укорувај ја , туку, запрашај се: кој е твојот маж?
 И  ти, да не си имала веќе пет мажи?
 И  твојот  сегашен  маж  да не е незаконит?
 Душата е црква, а глава на Црквата Христос Господ; со други  зборови: маж на душата  христијанска  е Самиот Господ.  Ако си се држела само за сетилниот свет, венчавајќи се со него и блудствувајќи со него  низ твоите пет сетила , тогаш, ти душо, навистина  си  во истата онаа, грешна и незавидна положба, во која што се наоѓала жената Самарјанка.
 
Доколку си се разочарала во своите сетила, во сетилните уживања, ти навистина си ги презрела своите сетила и од нив си се развенчала, така што тие постанале како оние пет умрени мажи; но си останала, сепак, да живуркаш со шестиот незаконски маж , наследник на оние петте:
 тоа е твојот сетилен разум;
тоа е сета онаа лага и гнасотија , која во тебе како во ѓубриште, со време ја  натрупувале твоите сетила. 
Зашто, глеј, ништо  во тебе  нема, освен претставата и спомените за она  што со своите пет сетила, како со пет мажи  си го искусила и си го преживеала.
 
 Разговорот помеѓу Господ и Самарјанката, тоа е разговор помеѓу Бога, кој е верен и душата, која е неверна. Тој разговор и  тебе те засега. Тоа е разговор на  небесниот Младоженец  со својата невеста, душата човечка.
 
Зарем не согледуваш  дека токму затоа  Господ Исус Христос и го повел разговорот со Самарјанката за нејзиниот маж? Тој можел да поведе и поинаков разговор со жената  и на друг начин  да се покаже пред неа како тајновидец  и пророк. 
Тој можеше и други нејзини тајни да открие или било какви тајни за нејзините родители  или за соседите  во Сихар , знаење кое исто така  би ја изненадило и запрепастило жената. Но Тој намерно  повел разговор за мажа ѝ, бидејќи овој разговор и на тебе се однесува, душо христијанска и на тебе и на сите души  кои Бог од почетокот ги создаде  и кои што до крајот ќе ги создава.
 Прашањето за мажот твој, душо, најважно е прашање за тебе, најважно и најсудбоносно.
Со кого си венчана, нему и си му жена.
 Ако си со светот венчана, со светот и ќе пропаднеш.
 Ако си венчана со гревот, со гревот и ќе умреш.
Ако си венчана со демонот, со демонот ќе пребиваш во вечноста. 
 
Во секој  тој случај  ти се напојуваш деноноќно со вода  од која што сè повеќе се ожеднува. Само ако го признаеш Христа Господа како свој законит младоженец и ако со вера и љубов со Него се венчаш, ти тогаш се напојуваш со вода Жива од која не се жеднее  и со која се плови во Царството небесно и животот вечен.

Преведе: Мирјана Даниловска

http://www.svetosavlje.org/biblioteka/vlNikolaj/Omilije2/Nikolaj050128.htm