zora.jpg

 

 ГЛАДУВАЊЕ

                Од книгата „Монахот Калист“

    И светиот Владика Николај држел пост со гладување и еве како тоа го опишува игуменот Калист:
    "Утредента, во раните утрински часови, ме повика (Владиката Николај) и ми нареди од шупата во неговата соба да ги донесам ногарките и штиците за креветот. Претходно добро ги измив. Додека го склопував креветот, тој го повика готвачот и му соопшти:
    "Филип, од сега па сè додека не те викнам, слободен си. Платата ќе ти оди како кога да работиш. "
    Го отпушти готвачот, а кога останавме сами, ми рече:
    „Ти сакаш да бидеш монах, Добривое. Ако си маж, подготви се за јуначки подвиг!“
    „Тука сум, владико. Ја преживеав војната, гладот; лудаци чував, Жолтиот Ѓавол го трпев, па и тој подвиг, за кој зборуваш, претпоставувам дека ќе го извршам“, реков.
    „Лесно е, Добривое, со луѓето да се бориш и да трпиш кога се мора. Но сега со себе ќе се фатиш во костец; својата волја ќе ја испробаш и ќе ја исчеличиш.
 Имај го ова на ум: пред своето тело милијарди луѓе се тресат, му се умилкуваат, му се покоруваат. Подготви се!“
    „Тука сум, владико. Наредувај!“

    Тогаш мислев дека не постои напор кој не би можел да го издржам. Бев млад, силен, прекален и самоуверен, а по малку и горд што ќе доживеам нешто непознато и големо и што ќе се докажам пред самиот владика.

    Од раните утрински часови владиката ми забрани да пијам вода и било што да јадам. Тој ден ги спакувавме книгите, ги адресиравме пакетите и ги праќавме во пошта, а во вечерта се молевме на Бога.
Прво, по триста пати се поклонувавме пред иконите, потоа ѝ пеевме на Пресвета Богородица, на крајот клекнувавме да се молиме. Во собата имавме часовник кој отчукуваше на секои петнаесет минути.

    Полни два часа се молевме на колена пред иконите, на пиротски ќилим. Тој вешто ја имаше подвиткано десната нога, па не му пречеше клечењето; не се поместуваше. Мене, пак, ме болеа колената, затоа морав да се потпирам на раце, да клечам, да се вртам на едната, па на другата страна.
    Бидејќи бев зад него, не ме гледаше што правам. Потоа станавме и два часа се молевме стоејќи, безгласно. „Умно моли се, не го движи јазикот, синко. Бог ги знае нашите мисли. Постот нема значење без молитва; дури, всушност би можел и да
ни наштети“, ми рече тој.

    Леб и вода не вкусивме целиот ден и следната ноќ. Продолживме и следниот ден.     Трпев глад и жед; работев, се молев и молчев.
    Третиот ден ми беше многу тешко. Го поднесував гладот полесно, бидејќи на него
се бев навикнал, но жедта страшно ме мачеше.
 Свеста во одделни моменти ми се матеше, чувствував мачнина во желудникот. Вечерта не можев долго да издржам на молитва, порано си легнав; Николај остана сам да се моли.

    Утрото, кога се разбудив, го затекнав дека и понатаму се моли. Бог знае кога и колку тој човек спие.
    Четвртиот ден телото ми гореше како да е запалено; чувствував оган во себе. Особено ме болеа зацелените рани. Околу раните на нозете, на рацете и на градите носев големи модринки; беа непријатни за гледање. И со тие модринки нешто се случуваше. Ме болеше грбот и главата, постојано имав мачнина во желудникот, срцето ми се вознемири.
Одев често до прозорецот и вдишував свеж воздух; го пиев како студена изворска вода.

    Петтиот ден почнав да смрдам. Усните ми се лепеа една на друга, беа солени, на јазикот ми се појави, во големи количини, секрет сосема сличен на гној, кој често го исплукував.

    Седмиот ден доживеав преобразување; ми се врати руменилото во образите, речиси запреа болките. Но, бев нервозен и не можев да спијам, треперев, бев страшно жеден. Тогаш за прв пат почувствував дека не сум во состојба понатаму да се борам.
 Се храбрев со разни мисли, се јуначев, се заинатив, но ништо не ми помогна. На крајот решив да ги спакувам своите работи и да побегнам од Николај. Го излажав дека излегувам надвор заради себе.
Штом поминав низ вратата, се стрчав во својата соба и се спакував набрзина. Кога се свртев да излезам, го видов како стои во отворената врата. Ме фати за раменици, ме сврте и ми нареди да се распакувам. Бев збунет, не знаев што да правам и како да се ослободам од него. Го молев понизно да ме пушти да одам или да ми дозволи да јадам и пијам, но тој очигледно не ме ни слушаше. Кога видов дека немам каде, солзи ме запекоа во очите, за малку не заплакав од мака. Не се грижеше за тоа, ме фати за уво, како основец и ме поведе во својата соба.
    „Бабо една! Ти ли си тој кој сака да биде монах? Полн си со нечистотија во телото и крвта, со тоа ти сакаш да постигнеш нешто големо, да станеш светлина!
Зарем не чувствуваш дека во тебе ѓубрето согорува и дека сиот смрдиш! Ако си посакуваш добро на себеси и ако сакаш во овој живот на земјата да го видиш царството Божјо, седни, работи ја својата работа и моли се како што ти кажувам!“

    До единаесетиот ден ниту еднаш не ми дозволи да излезам. Тогаш пак одлучив да бегам. Смислив како да излетам од собата и да побегнам каде што нозете ќе ме однесат. Но кога тргнав, повторно Николај ме запре на вратата. Залелекав на цел глас; се тресев од мака. Го молев како роден татко да ме пушти. Му велев дека цревата ќе ми се залепат
од глад и жед и дека сигурно ќе умрам. Ниту лелекањето, ниту преколнувањето не ми помогнаа.
    Набргу потоа, ми даде едно шише и ми нареди добро да го измијам и да донесам вода. Го грабнав шишето и се стрчав, најбрзо што можев, до чешмата, ја отворив славината до крај, ја поднаместив устата и слатко се наголтав вода. Потоа го измив шишето, го наполнив со вода и го донесов во собата. Владиката ме праша:
    „Доволно ли пиеше?“
    „Да, преосвештен.“
    „Добро, штом си се напил. А сега,синко, ќе те прашам нешто. Размисли добро што
ќе ми кажеш, не мораш да ми одговориш веднаш, можеш и за еден саат. Кажи: зошто сакаше да ме шпионираш? Ако ми ја кажеш вистината, ќе ми бидеш ученик, студент.
Ако ме излажеш, ќе те избркам!“
    „Не ми треба долго да размислувам, владико. Она што би ти го рекол подоцна, можам да ти го кажам веднаш. Сакав да видам што прави владиката кога е сам во собата!“
    „Па, синко, овие денови беше со мене во соба и виде што правев. Немаш веќе причина да ѕиркаш низ јазолот.“

    Повторно молев да ме пушти да живеам како другите монаси; мислев дека навистина не можам повеќе да издржам без храна и пиење. Сум војувал, сум гладувал, сум поминал многу земји и сум видел чуда, но ми се чинеше дека ова е надвор од моите сили.     Но тој не ме пушти. Рече:
    „Кога ќе ти се замати свеста, ќе ти дадам малку вода. Ако на секој час или два
земаш по голтка, ќе ти престане вртоглавицата.“

    А тој не го ни погледна шишето; ниту капка вода не вкуси! Не можеше да се види дали трпи; се молеше секојдневно, и понатаму како првиот ден. Се трудев колку што можев, но молитвата ми беше слаба, зашто постојано мислев дали жив ќе го дочекам следниот ден и смислувајќи разни начини како да избегам од него.

    Тој знаеше што планирам и секогаш ме спречуваше. Дење беше покрај вратата, а ноќе мојот кревет го ставаше попреку покрај вратата, за да не побегнам додека спие.     Пошта примавме низ прозорчето, на ист начин ја праќавме.
    Издржав уште пет дена без храна и со малку вода.
    Вкупно шеснаесет дена гладувавме. Седумнаесетиот ден слушнавме мотори и низ прозорецот видовме автомобили.
    Владиката тогаш ми рече:
    „Еве, ни доаѓаат гости, Добривое. Радувај се. Да не беа тие, ќе продолжевме вака до полни триесет дена.“
    Излезе од собата, се изми, облече свечена облека и ги дочека гостите.“
    
    Преведе:
    Мирјана Даниловска - Мина