sv.JoakOsogovski.jpg
а) Св. Јоаким Осоговски во богослужбите и во химнографијата

Иако култот кон св. Јоаким Осоговски се појавил мошне бргу по неговата смрт, сепак, тој не добил широка распространетост, како во Македонија, така и во другите православни словенски земји. Имајќи ги во предвид досегашните сознанија во врска со ова прашање, може да се заклучи дека култот кон осоговскиот светец бил негуван, пред се, во североисточна Македонија и во нејзините соседни области. Ограничената распространетост на култот кон св. Јоаким е и една од причините поради кои неговата служба нашла место во мал број стари словенски ракописи .
Појавата на службата на св. Јоаким Осоговски се поврзува со книжевната дејност на Осоговскиот манастир. Оваа химногравска творба е составена од анонимен словенски книжевник при крајот на XII и почетокот на XIII век. Службата е зачувана во повеќе преписи. 
1) Најстариот препис потекнува од XIII век и се наоѓа во македонски пергаментен минеј со пролози, кој бил сопственост на Осоговскиот манастир и се чува во ракописната збирка во Софиската народна библиотека под бр. 113 . Службата содржи педесет и две песнопенија, кои се распоредени според одредбите на типикот, во вечерниот и утринскиот дел на црковната служба. Преписот од службата го објавил Ѓорѓи Поп-Атанасов . 
2) Покрај овој најстар препис од службата на св. Јоаким Осоговски, постои усте еден препис во пергаментен минеј од XIV век, кој се чува во Државниот историски музеј во Москва, во збирката на Хлудов, под бр. 166. Овој стар ракопис , исто така го води своето потекло од Осоговскиот манастир, што укажува на традиционалниот култ кој бил негуван кон св. Јоаким меѓу книжевниците на осоговскиот книжевен центар.
3) Препис од службата е сочуван во минеј за август од првата половина на XVI век, кој што се наоѓа во ракописната збирка на Рилскиот манастир под број 2/15.  Станува збор за втора варијанта на св: Јакимовата служба, која била напишана откако веќе постоела првата, постарата варијанта, за која се претпоставува дека настанала кон крајот на XII или во почетокот на XIII век. Службата ја објавила Маја Јакимовска-Тошиќ .
4) Четвртиот препис на службата е зачуван во т.н. Германски зборник од XVII век, во збирката на Софискиот црковен музеј (бр. 47) .
5) Службата на св. Јоаким Осоговски е пронајдена на пергаментен ракопис – Минеј за јули и август (141 л.), што се чува во збирката на Дечанскиот манастир под број 32. Овој препис го објавил Ѓ. Поп-Атанасов .
6) За преписот на службата што го направил Теодосиј Леков во 1789 год., во Хилендарскиот манастир, Јордан Иванов  пишува дека во тоа време оваа ракописна служба на св. Јоаким Осоговски се наоѓала во приватни раце, без да каже кој е нејзиниот сопственик. Долго време се сметала за изгубена, но во 1995 год. е пронајдена и сега се чува во ракописната збирка на Софиската Народна библиотека. Овој текст го објавила Елена Узунова во 1996 година .
7) Како Втор Хлудов препис се именува службата на св. Јоаким која е поместена во Празничен минеј од XVI век, и се чува во ГИМ во Москва (Хлудова збирка бр.169).   
8) Димитриј Маринов во 1900 год. издал служба и житие на преподобниот отец наш Јоаким Осоговски . Според Маринов, станува збор за ракопис пишуван од Стефан Максимов од Кратово во 1847 година, според постар ракопис од XIV век, што исчезнал без трага. Ракописот пишуван од Стефан Максимов се чувал во Скопската митрополија и содржел: Житие и служба на св. Гаврил Лесновски (л.1-33), Служба и житие на св. Јоаким Осоговски (л.36-72) и Служба и житие на св. Прохор Пчински (л.89-109) . Текстот на службата, како што самиот вели, според ракопис од XIV век, го претворил на тогашен руско-црковен јазик, односно, постарата форма на јазикот, ја заменил со посовремена. Службата содржи Мала вечерна, Голема вечерна и Утрена богослужба. На 16 август (стар стил) се слави и Пренесување на неракотворниот лик, или свет убрус, на Господ наш Исус Христос од Едеса во Константинопол и св. маченик Диомид.
9) Во 1912 год. Игуменот на светата Осоговска обител, еромонахот Кесариј, печати „Молебен канон“, кој содржи и житие на светецот .
10) За прв пат службата на св. Јоаким Осоговски на македонски јазик ја објави отец Јован Таковски . Текстот на службата е препеан од изданието на Димитриј Маринов.  Во самата служба, св. Јоаким Осоговски се нарекува исполнител на Евангелието, богомудар, пофалба на испосниците, крепост на православието, светило на испосниците и сл.
Освен ракописите во кои е застапена целосната служба на св. Јоаким, постојат и такви ракописи кои што содржат одделни фрагменти. Во повеќе случаи тоа се тропари, кондаци и икоси, кои биле користени за одбележување на споменот на св. Јоаким, за време на црковните служби, во денот на неговото успение (16 август).   Химногравските текстови, посветени на овој македонски светител, кои не претставуваат дел од неговата служба, се мошне ретки.   

Dimitar.Papradishki.freska.jpg

б) Св. Јоаким Осоговски во иконографијата

Ликот на св. Јоаким во иконографијата се јавува многу рано, со самото основање на неговиот манастир во XII век. Најчесто е сликан сам, во цел раст, допојасно или пак заедно со другите троица пустиножители, Гаврил Лесновски, Прохор Пчински и Јован Рилски.
Неговиот лик набргу се јавил на фреските на локалното подрачје и тоа во црквата на св. Никола во с. Псача, црквата на св. Ѓорѓи во с. Старо Нагоричане, во Лесновскиот манастир и во Земенскиот манастир.
 Најстариот сочуван лик на Осоговскиот светец се среќава во живописот на црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, завршен во 1318 година. Заедно со св. Прохор Пчински се претставени во првата зона на западниот ѕид на нартексот. Двајцата се насликани во цел раст, носат великосхимнички одежди. Впечаток оставаат словенските сигнатури на тројцата пустиножители, св. Прохор, св. Гаврил и св. Јоаким, додека другите се напишани со грчко писмо.
Во Лесновскиот манастир, во храмот на св. Архангел Михаил, подигнат на местото на постара црква во 1341 година, а живописан во 1345-1346, свети Јоаким Осоговски и свети Прохор Пчински се насликани еден спроти друг, при самиот влез во наосот.
Во црквата на св. Никола во с. Псача, се наоѓа најубаво изработен портрет на св. Јоаким. Насликан е на северната страна на југозападниот столбец. Фрескоживописот датира од 1365 до 1368 година.
Светителскиот култ на Јоаким Осоговски почнал да ги надминува локалните граници, па неговиот лик се среќава и пошироко, во црквите во Србија, Славонија и Бугарија. Ваквото проширување се бележи во XIV и XV век. Во XIV век е изработена фреска во Земенскиот манастир, во црквата на св. Јован Богослов, кај Ќустендил, каде е претставен заедно со св. Јован Рилски. Во последните години на XV век, ликот на св. Јоаким и св. Јован Рилски се насликани во црквата во Поганово, Бугарија. 
Во XVI век, поточно во 1565 година , во единствена тематска целина, во манастирот во Пеќ, се претставени повеќе пустиножители, меѓу кои и на св. Јоаким. Во црквите на св. Теодор Тирон и на св. Теодор Сратилат во село Добарско кај Разлог се среќаваат фрески од 1614 година, каде се претставени ликовите на четирите пустиножители Јован Рилски, Јоаким Осоговски, Гаврил Лесновски и Прохор Пчински. Најјужно пробивање на култот на четворицата браќа во Христа (Јован Рилски, Јоаким Осоговски, Гаврил Лесновски и Прохор Пчински) се среќаваат во црквата Св. Атанасиј Александриски во с. Журче (Демир Хисар). Јован Рилски, Јоаким Осоговски и Прохор Пчински се насликани 1592 год. во припратата на црквата Света Троица кај Плевља (Црна Гора). Најдалечна западна точка во која се наоѓаат четворицата пустиножители е црквата Св. Никола во Ораховица (Славонија – Р.Хрватска) од 1594 година. Од 1632 година се среќава ликот на св. Јоаким во црквата Св. благовештение под Каблар (Србија).
Во XVII век,се забележува пробивање на култот на пустиножителите во краевите околу Софија и Самоков и тоа во Сеславскиот манастир Св. Никола (Софија) и црквата Свети Спас во Алинскиот манастир кај Самоков.
Во XX век, ликот на св. Јоаким е претставен заедно со другите пустинижители во иконостасните икони во Соборниот храм на свети Климент Охридски во Скопје. Интересот не стивнува и на почетокот на новиот милениум.  Претстава на св. Јоаким регистрираме во црквата Света Троица (2003 година) во Радовиш. 
Во село Јакимово, Кочанско, врз постари темели е изграден нов храм, посветен на св. Јоаким Осоговски. Македонската православна црковна општина во градот Пула, Р. Хрватска, го носи името на овој наш светец.

 

Aleksandar.diplomska.jpg

 

 (Продолжува)

 

 УНИВЕРЗИТЕТ „СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“
ПРАВОСЛАВЕН БОГОСЛОВСКИ ФАКУЛТЕТ „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“
СКОПЈЕ


ДИПЛОМСКА РАБОТА
Св.Јоаким Осоговски Чудотворец
Изработил:Александар Смиљков
Ментор: Проф.д-р Ацо Гиревски
Скопје
2010

Друго:

 

 Ретроспективна изложба на Димитрија Андонов Папрадишки, еден од последните зографи и првиот македонски профан сликар, е отворена вечерва во Ликовниот салон во Велес, по повод 150-годишнината од неговото раѓање.