Hristos.S.jpg

Христос е крајната желба, и нема ништо повозвишено. Со сè што е сетилно човекот се заситува, но со Бога не може да се засити. Бог е сè. Бог е крајната желба. Ниту една друга радост, ниту едно друго добро, и ништо друго не може да се спореди со Него. Што е повозвишено од Него?

Љубовта кон Христос е нешто друго. Таа нема крај и е незаситна. Дава живот, дава храброст, два здравје, дава, дава, дава…И колку што повеќе дава, толку повеќе човекот сака да се заљубува. Човечката љубов може да го упропасти и збудали човекот, а кога ќе Го возљубиме Христос, тогаш сите љубови отстапуваат. Од другите видови љубов човекот се заситува, а Христовата љубов е незаситна. Телесната љубов доведува до заситување, а потоа може да се јават љубомората, нетрпеливоста, па дури може да дојде и до убиство. Таквата љубов може да се претвори во омраза. Љубовта во Христа не се менува. Световната љубов се одржува некое време и постепено се гаси, а Божјата љубов сè повеќе и повеќе расте и се вдлабочува. Секоја друга љубов може да го доведе човекот во очај. Меѓутоа, Божјата љубов нè издигнува во Божјата сфера, ни дарува спокој, радост, полнота. Другите задоволства носат замор, а ова задоволство е непрестано незаситно. Тоа е незаситно задоволство, кое никогаш никому не му здосадува. Тоа е крајното добро.

Само во една точка запира заситувањето: кога човекот ќе се соедини со Христос. Љуби, љуби, љуби, и колку што повеќе љуби, толку повеќе гледа дека сака уште посилно да возљуби. Гледа дека не се соединил, не ѝ се предал на Божјата љубов. Постојано има желба, копнеж, радост за да успее да достигне до крајната желба, односно до Христос. Пости, прави метании и се моли, но сè некако не се задоволува. Не забележува дека веќе дошол до таа љубов. Не чувствува дека тоа што го посакува го исполнило, го примил, го чувствува и го живее. По тој божествен ерос, по таа Божја љубов копнеат сите подвижници. Се опиваат со божествената опиеност. Со таа божествена опијанетост телото може да старее и мунува, но духот се подмладува и цути.

Црковните песни и тропари се полни со божествена љубов. Слушнете што се вели во канонот на светиот апостол Тимотеј:

  •     Топло си копнеел по највозвишената желба и со љубов си се соединил со Него. Со копнеж си проживеал соодветен живот, о Богообземен. Он постојано гледа одозгора на твојата љубов и те исполнува со созерцание.

Изразот „соединил“ значи дека стануваш едно со возљубениот. А последниот збор од последниот стих значи исполнување, но и заситување. О, колку значајни зборови! Правете зборник од вакви зборови, коишто укажуваат на божествената љубов, на божественото лудило. Никогаш не можеш да се заситиш од нив! Да, љубовта кон Христос е незаситна. Колку повеќе Го љубиш, толку повеќе мислиш дека не Го љубиш и сакаш сè повеќе и повеќе да Го љубиш. Меѓутоа, истовремено твојата душа се преплавува од Неговото присуство и од неодземливата радост во Господа. Тогаш не сакаш ништо да посакаш. Нешто слично пишува авва Исаак Сирин:

  •     Радоста, којашто извира од Бога, е посилна од овдешниот живот, и оној којшто ќе ја вкуси, тој не само што не обрнува внимание на страстите, туку не посакува ништо од овдешниот живот, и ништо сетилно не ѝ претпочита на таа радост, доколку е вистинска, а не лажна. Божјата љубов е послатка од привремениот живот…таа е послатка од мед и саќе. На љубовта не ѝ е жал да прими тешка смрт за оние кои ја љубат…во она срце, кое ја прима таа љубов, секоја сладост на овој свет се смета за излишна, бидејќи ништо не може да се спореди со сладоста на богопознанието.

Во „Кекрагарионот“ на блажени Августин читаме:

  •     Те љубам, Господи Боже мој, и посакувам да Те љубам постојано и уште повеќе. Затоа што Ти навистина си посладок од најдобриот мед, похранлив од најизбраното млеко и поблескав од целата светлина. Затоа Ти си за мене поскапоцен и од златото и од среброто и од скапоцените камења…
        О, љубов, која си секогаш повеќе од најтопла и никогаш не запаѓаш во млакост! Загреј ме!…
        Ќе Те возљубам, Господи, затоа што Ти прв ме возљуби. И каде да најдам доволно зборови за да ги опишам сите пројави на Твојата најголема љубов кон мене?…
        Ме озари со светлината на Твоето лице, којашто си ја ставил како напис во моето срце…

Старец Порфириј Кавсокаливитски
Преземено од „Православен Пат“ бр. 31
Извадок од книгата „Γέροντος Πορφυρίου Καυσοκαλυβίτου, Βίος καί λόγοι“
Превод: Јеромонах Атанасиј Арсоски

Преземено од: Агапи