Архим. Георгиј (Капсанис)- Вистински благодатни искуства

G.Kapsanis.jpg

Архим. Георгиј (Капсанис)- Лажни духовни искуства

29.10.2012

Луѓето имаат лажни искуства на Бога кога веруваат дека самите (со своите сили, во секти, во групи, во религиски здруженија, надвор од Црквата) може да ја примат благодатта на Светиот Дух. Тие се собираат и некој нов „пророк“  делува како водач и тие веруваат дека ја примаат благодатта на Светиот Дух.

Еднаш бев присутен на собир на пентакосталци во САД во 1966 г. Нивната „црква“ беше училишна сала. Прво некој свиреше некоја музика со меки и нежни тонови која со тек на времето стануваше поинтензивна, заглушувачка и бесна и предизвикуваше возбуда. Музиката заврши и проповедникот започна. Тој почна нежно, продолжувајќи да вреска сѐ погласно. На крајот и тој создаде напната атмосфера. И тогаш луѓето поради автосугестија и хистерија, почнаа да врескаат, да мавтаат со рацете и да испуштаат неартикулирани звуци. Почувствував дека Духот Божји не беше таму, бидејќи е Дух на мирот, а не на нередот и возбудата. Духот Божји не доаѓа преку вештачки и психолошки патишта. Ме фати жал за децата кои беа таму со нивните родители, бидејќи тие може да ги трпат последиците на оваа масовна неуроза.

Еден млад човек, кој стана светогорски монах и кој прво се бавел со хиндуистичка јога (треба да знаете дека има околу 500 хиндуистички секти во Грција) ми опиша какви искуства се обидуваат да постигнат. Кога ќе посакале да видат светлина, ги триеле своите очи, за да видат мали ѕвезди. Кога сакале да чујат чудни звуци на некој начин ги притискале ушите, за да создадат звуци. Сличните патолошки искуства, кои се произведени вештачки, некои секташи ги припишуваат на Светиот Дух.

Некои искуства во секташките заедници не се само психолошки. Тие може да бидат демонски. Ѓаволот ги манипулира оние кои бараат такви искуства и им дава различни знаци кои не се од Бога, туку ѓаволски. Тие не можат да разберат дека се жртви на ѓаволот. Тие мислат дека овие знаци се небесни и од Светиот Дух. Ѓаволот може да им даде некоја пророчка вештина, како што им дава на „јасновидците“.

Господ нѐ предупредил:  „ Ќе се појават лажни христоси и лажни пророци и ќе покажат знаци и чуда, за да ги заблудат, ако е можно, и избраните “  (Мат. 24:24). Тие нема да прават само чуда и страшни знаци. Како и Антихристот, кога ќе дојде, нема да прави зли нешта. Ќе прави добрини, ќе ги лечи болните и слични зачудувачки нешта за да ги прелаже луѓето, ако е можно и избраните, да веруваат во него како спасител и да го следат. Затоа мораме да бидеме внимателни. Секој кој може да прави знаци и да пророкува не е од Бога. Повторно, Господ вели: „ Мнозина ќе ми речат во оној ден: ‘Господи, Господи, не во Твое ли име пророкувавме? И зар во Твое име бесови не изгонувавме? И не во Твое име многу чуда правевме?’  И тогаш Јас ќе им кажам: ‘Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите незаконски дела!.’ “  (Мат. 7:22-23).

Познавав еден млад човек кој беше заведен од окултни и пентакостални секти, кој се исповеда дека различните искуства во овие секти, биле ѓаволски. Еден поранешен пентакосталец ми исповеда дека на нивните собири, кога некоја „пророчица“ пророкувала, чувствувал демонски напад и кога се обидувал да ја каже молитвата „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот“ почнувало зборувањето на јазици и го давело и спречувало да ја кажува молитвата.

Бидејќи ѓаволот се претвора во ангел на светлината, мора да бидеме внимателни со искуствата. Апостолот Јован нѐ советува: „Возљубени, не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите – дали се од Бога“ (1. Јн. 4:1). Сите духови не се од Бога. Оние кои го имаат дарот на апостолот Павле за разликување на духовите (1.Кор. 12:10) може да утврдат дали духовите се од Бога или од ѓаволот. Духовниците на Црквата го имаат овој дар. Заради ова, штом имаме ваков проблем треба да појдеме кај нашиот духовник и тој ќе го утврди изворот на секое искуство.

Дури и монасите може да бидат опрелестени. Има искуства на Света Гора, каде монаси биле прелажани од вакви искуства. На пример, ангел му се јавил на еден монах (а всушност тоа бил ѓаволот) и му рекол: „Дојди на врвот Атос и ќе ти покажам големи чудеса.“ Го одвел таму и за малку ќе паднел од една карпа, ако не повикал божествена помош. Монахот погрешил кога поверувал дека видението е од Бога, а не требало. Монасите знаат дека кога ќе имаат некое видение, треба да му кажат на Старецот и тој ќе им одговори дали е од Бога или од демоните. Каде што има гордост, прелеста е многу веројатна.

За пентакосталците

Искуствата на пентакосталците не се од Бога. Заради ова, не само што не им се помага да дојдат во Црквата, туку уште повеќе се оддалечуваат од Црквата. Само ѓаволот е заинтересиран да ги оддалечи луѓето од Црквата. И нивната поделеност во секти и групи е доказ дека не ја сочинуваат вистината Божја Црква. Протестантизмот се состои од илјадници секти. Една од протестантските секти е пентакостализмот. Само во САД има над 39 различни пентакостални секти. Многу од нив немаат врска помеѓу себе. Еве некои од називите на пентакосталните групи: “Church of God Mountain Assembly”,   “Church of God of the Union Assembly”, “Theater Gar”, “Sleepless Mission”,   “Church of Mother Horn”, “Church of Mother Robertson”, “Jesus and Sleepless Mission”,   “Remainder of the Church of God”, “Fire Baptized Holiness Church of God of the Americas”, “Church   of Mogara Cook”, “National Spiritual Davidic Union Temple Church of God”, “Church of the   Square Bible”.

Ако Духот Божји постоеше во овие групи, би имало заедништво, би имало една Црква, а не толку многу различни и спротивставени групи. Некои од појавите кои ги има на нивните собири, како тресење, паѓање на земја, врескање на неартикулирани звуци, не се дел од мирниот Дух Божји. Слични феномени има во идолопоклоничките религии. Има и многу сличности со спиритуалистичките феномени.

Пентакосталците хранат дух на гордост, верувајќи дека целата Црква стара 2000 години е во прелест, и тие ја откриле вистината во 1900 год. Основачот на пентакосталците е Американец. Првиот пентакосталец  во Грција, Михаил Гунас проповедал: „После многу векови во грчката земја, почетокот на Божјата посета стана како на денот Педесетница.“ Според ова, Христос дошол во Грција преку него како на денот на Педесетница! Сите овие години биле ништо. Го гледате ли сатанското самољубие и гордост?

Што се случува сега со дарот кој го бараат- зборување јазици (глосолалија)? Навистина во Новиот Завет се споменува зборување јазици. Светите апостоли, на денот Педесетница ги зборувале јазиците на луѓето кои дошле на поклонение во Ерусалим, за да им кажат за Благата Вест. Дарот на зборување јазици е благодат дадена од Бога на апостолите за одредена цел: да ги привлечат нехристијаните во Христовата вера. Светите апостоли кога зборувале јазици, не кажувале бесмислици како ѓаволоиманите. Тие зборувале јазици, не било кои јазици, туку јазиците на оние кои биле во Ерусалим и не го зборувале еврејскиот јазик, за да го чујат величието на Бога и да поверуваат. Бесмислените крици немаат врска со дарот на зборување јазици.

Извор

 http://orthodul.wordpress.com/2012/10/29/%D0%B0%D1%80%D1%85%D0%B8%D0%BC-%D0%B3%D0%B5%D0%BE%D1%80%D0%B3%D0%B8%D1%98-%D0%BA%D0%B0%D0%BF%D1%81%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%81-%D0%BB%D0%B0%D0%B6%D0%BD%D0%B8-%D0%B4%D1%83%D1%85%D0%BE%D0%B2%D0%BD%D0%B8/