sv.Joakim.Osogovski.freska.jpg

4. Преподобен Јоаким Осоговски (живот и дело)
Овој наш свет и преподобен отец Јоаким, упатувајќи се како ѕвезда многу светла од запад кон исток, дојде во областите на
планините и пустините Осоговски. Воден од ангел Божји една вечер пристигнал во домот на еден болјарин во селото Градец. Болјаринот
имал во својот двор изградена црквичка и Јоаким влегол во неа да му се помоли на Бога. По молитвата седнал пред црквата за да се одмори од долго пешачење. Горе споменатиот болјарин го затекнал како седи и откако примил благослов започнале разговор. Преподобниот му рекол: Еве, брате, сејавно тебе ти исповедам, зашто со големи тешкотии дојдов овде.Слушнав дека во овие области и планини Осоговски, е многу згодно монасите да престојувт, а особено оние, кои сакаат да бидат наполно осамени и да работат искрено за Бога. Па го замолил да му покаже погодно место да се насели и својот живот да го помине во пост и молитва. Тогаш болјаринот му покажал место под падините на Осоговската планина, при реката наречена Скупица. Недалеку од оваа место, на еден осамен врв се наоѓала мошне голема пештера. Преподобниот се населил во неа и го започнал својот испоснички подвиг. Колку живеал во таа пештера не се знае, но подоцна се преселил во друга пештера што се наоѓала поктај рекичката Бабин Дол. Во таа пештера преподобниот Јоаким ги поминал сите години од овоземниот живот подвизувајќи се, со чести воздишки упатени кон Бога со безброј коленичења, со непрекинати ноќни бдеења, со постојани молитви и топли солзи, беседење со Бога и дење и ноќе. Поради оваа, се здобил со голем дар од Бога. Кога наближило времето да се упокои, тогаш по Божја волја кај него дошле двајца мажи. Кога ги видел преподобниот ги запрашал: Од каде сте, браќа и како дојдовте кај мене во оваа пусто место? Ве гледам изнемоштени и натажени? Тие му одговориле: Ние по занает сме ловџии и одиме на лов по планините, од тоа живееме. Господ никогаш не нé вратил празни, но сега многу денови се мачевме и ништо не уловивме. Кога ги слушнал овие зборови им рекол: Ноќевајте кај мене, а утре ќе си појдете дома. Ловџиите го послушале и останале. Преку ноќта преподобниот му се молел на Бога да ги израдува со лов. Утредента тие сакале да тргнат по долот, но свети Јоаким не им дал да тргнат по тој пат
иако бил многу покус. Им рекол да се искачат на спротивниот врв по осојната страна, а оттаму по билото на ридот да одат во својот дом.
Ловџиите го примиле реченото од светиот, излегле на патот како што им препорачал. Нашле доста лов и радувајќи се, го славеле Бога,
зборувајќи мегу себе дека со молитвите на светиот, Господ дозволил да им се исполнат желбите. Се вратиле кај светиот да му заблагодарат и да му принесат кожа од дивечот, но свети Јоаким им рекол: Чеда, јас немам потреба од ништо, однесете ја кожата дома, но не заборавајте да ме посетувате одвреме навреме. Ловџиите си отишле и навистина не го заборавиле, го посетувале почесто, а нивниот лов секогаш бил мошне богат. По некое време кога ловџиите сакале пак да го посетат и да примат од него благослов, дошле и го нашле упокоен. Многу се
ожалостиле и плачеле. Потоа, пред пештерата издлабиле гроб и во него ги положиле неговите свети мошти. Од нив излегувало благоухание и ја исполнувало не само пештерата туку и целата месност. Насекаде раскажувале за оваа и велеле дека старецот навистина бил свет човек.
Во времето на византискиот цар Маноил I Комнен, Господ сакал да го прослави својот угодник, да го обнови неговото свето место. Во едно
овчеполско село наречено Осмир Дол, живеел некој набожен и праведен свештеник Теодор. Откако останал вдовец, решил да го остави овој свет и га го искуси монашкиот живот. По совет на неговата тетка решил да тргне кон Славишката гора, каде што се подвизувал свети Јоаким. Кога стигнал се замонашил со името Теофан и со Божја помош и со молитвите на светиот Јоаким собрал многу браќа. Прв игумен на
братството станал јеромонахот Теофан. Подигнале црква, а подоцна и манастир посветен на свети Јоаким. Во сон на Теофан, му се јавил свети Јоаким и му рекол дека сака да се нарекува ктитор на овој манастир.
Потоа му го открил местото на своите свети мошти, па му покажал и дрво во шумата од кое побарал да му направи ковчег и во него да ги
пренесе светите мошти во манастирот. Кога ковчегот бил готов, по сеноќното бдение, рано изутрина со литии и со свеќи и кандила, пеејќи и
прославувајќи дошле до пречистиот гроб, ги зеле светите чесни мошти на преподобниот отец и ги ставиле во ковчег. Со големи почести и слава ги пренеле во црквата. Многу болни што боледувале од разни болести, недолжни, со нечисти духови доаѓале кај светите мошти да се излечат и наоѓале лек. Почнале да се случуваат многу чуда, како во тоа време, така и до нашите дни.

 

Aleksandar.diplomska.jpg

 (Продолжува)

 

 УНИВЕРЗИТЕТ „СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“
ПРАВОСЛАВЕН БОГОСЛОВСКИ ФАКУЛТЕТ „СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“
СКОПЈЕ


ДИПЛОМСКА РАБОТА
Св.Јоаким Осоговски Чудотворец
Изработил:Александар Смиљков
Ментор: Проф.д-р Ацо Гиревски
Скопје
2010

Друго:

 

 

 Ретроспективна изложба на Димитрија Андонов Папрадишки, еден од последните зографи и првиот македонски профан сликар, е отворена вечерва во Ликовниот салон во Велес, по повод 150-годишнината од неговото раѓање.