(Извадок од житието на светиот поп Никола Планас – Атински, напишано од преподобната мати Марта, негово духовно чедо)

...Овде штотуку се сетив да напишам нешто, откако ги видов расправиите и недоразбирањата на еден јерарх со еден колумнист од весник, кои станаа како жените од село во нивните дворови, разделени со живи огради од сув бршлен и грмушки. Тогаш се сетив, како што реков погоре, на почитуваниот мал Старец, кој доживеа возраст од осумдесет и пет години, и уште од неговата младост никогаш не беше клеветен, ниту пак луѓето некогаш рекоа нешто на негова штета, зашто тој редовно ја кажуваше следнава малечка молитва. Кога ќе излезеше од вратата на куќата, пред да стигне преку надворешната порта на улицата, тој почнуваше да шепоти, „Утврди ги стапките мои според Твоето слово и не допушти со мене да овладее нинакво беззаконие“ (Пс. 118, 133). И за миг ќе застанеше на патот, ќе го исправеше малку неговото тело, и со нагласе шепот ќе речеше, „Избави ме од човечко клеветење и ќе ги пазам Твоите заповеди. Озари го Твојот слуга со светлината на лицето Твое, и научи ме на твоите заповеди“ (Пс. 118, 134-135).

„Нека се исполни устата моја со похвала, па со песна да ја величам славата Твоја, и цел ден да пеам за твоето велелепие“ (Пс. 70, 8).

Навистина немаше потреба да ги пишувам сите овие псалми зашто тие секому се добро познати; сепак, можеби постојат Христијани кои не ги знаат.

Денес, за несреќа, секој секого клевети, затоа што молитвата и стравот Божји имаат исчезнато. Присно-памјатниот Јоаким Специерис, добро познат во наше време и познат по неговата добродетел, секогаш имаше обичај да ни каже дека, кога требало да оди некаде на гости, или по работа, пред да излезе надвор, тој ќе отидел пред иконата на Богородица и ќе ја прашал вака: „Благословено ли ми е, о Пресвета моја, да одам?“ И ако било благословено, неговата душа ќе се исполнела со согласност; а ако не требало, ќе го зафатело големо колебање. Денес овие работи се сметаат за претерани ситници, кои им доликуваат на децата. И така луѓето заминуваат без размислување, се гневат уште пред да ја напуштат куќата. Каде е молитвата? „Старомодни ситници…“ Нашиот сатански егоизам нè убедува дека ние знаеме сè. Тишината и мирот се протерани, а духовното бунило остана со нас.

(Преводот на книгата за него е готов за печатење)

Извор: Ортодоксија ортопраксија