TVIT833
ПИСМА ОД ЗАТВОРОТ

          ...Во тој најскришен агол на моето срце го најдов неисцрпниот извор на животот - љубовта. Сфатив дека сум го занемарувал овој дар. Тогаш реков: „Грешев!“ Во почвата на моите гревови ги имав закопано најскапоцените работи што Бог ги посеал во мене. За одбивањето на љубовта, тој свет дар, се чувствувам одговорен за гревовите на сите мои пријатели, во секое време и на секое место. Но, јас сум благословен човек, најблагословениот човек! Ја чувствувам Божјата љубов на секој чекор, ја чувствувам Неговата заштита и грижа за мене. Не сакам повеќе да живеам за себе, туку за љубовта, со милоста Божја да придонесам за среќата на сите; да ја спасам својата душа преку спасението на моите пријатели. Ах! Колку сум благословен! Како може човекот, ова мало суштество, да издржи толкава среќа?
              Животот на човекот е бесценет дар, тој е чудо, а јас се стремам да станам дете по дух. По илјадниците маки, го постигнав најпрекрасното пријателство во мојот живот. Ќе ги живееме нашите животи еден за друг, о Цару Божји!
31 јануари 1948 г.
Во сите околности молете Му се на Бог за да биде Неговата волја. Го гледам делото Божјо во вашите души. Ја гледам Неговата грижа за вас. И толку многу сум благодарен.
         Љубовта е најголемата добродетел. Љубовта сама по себе е совршенство. Кога наместо да Му ја подариме на Изворот на сите добра, на Бог, и преку него на нашиот ближен, ја подаруваме на овој земен свет, го изопачуваме нејзиното значење. Од најпрекрасна добродетел таа тогаш станува најопасна страст.
Бог го надарил човекот со толку многу дарови, што стремејќи се во добродетелта, со помош на Небесниот Отец, тој може да биде спасен. Бог му дарил толку многу таланти на човекот за преку нив да може да се бори, да Му се приближи на Бог, да Му се принесе себеси и да се жртвува самиот себе. До степенот до кој не го користиме овој "талант" што ни бил доверен, ние сме робови на гревот.
Затоа, секој од нас мора да пронајде решение како да ги употреби талантите што Бог ни ги дарил. Не ни е дозволено да го користиме талантот за зло, ниту, пак, да го закопаме во земја. „Твое од Твоите, Тебе Ти го принесуваме, за сите и за се." Му го даруваме на Бог тоа што Он ни го дал нам. Тој ни подарил живот, затоа ние живееме за него. Тој ни подарил љубов, затоа Нему да Му ја подариме.
За нашите гревови се искупуваме во овој и во вечниот живот. Во овој живот искупувањето преку страдање има две страни: покајничка и очистувачка улога. Во вечниот живот искупувањето преку страдање е вечно мачење. Затоа, соодветно е да Му заблагодариме на Бог што сме казнети тука, во овој живот. Така, да бидеме многу внимателни на кој начин ќе ги исползуваме даровите Божји.
Кога те гледам тажна, ти ја стиснувам раката и ти кажувам: Држи ја главата горе! Напред во битка! Храбро! Секоја вистинска радост се стекнува преку цената на жртва. Секоја тврдина се освојува со вера, решителност, смелост, со вера во нашата од Бог зададена мисија, и главно преку вера".
Одете по трнливиот пат, издржете ги страдањата што еден христијанин ги издржува како вистинољубив.
Сакам да знаеш дека ова го сметам за период на искушување и период на искупување; душата ми е мирна и спокојна, исполнета со таинствена радост и со многу надеж. Сакам да знаеш дека сум среќен. Овие времиња се потврда за патот за кој со години сведочам. За мене оваа радост е толку длабока што може да кажам дека на смртта гледам со голем внатрешен мир и надеж за идна блаженост.
Копнеам по долг живот за духовно да се подготвам, со помошта Божја. Сета љубов на мојата душа.


Свети Валериј Гафенку Нов Исповедник

Извадок од книгата „Вистинската слобода: романски новомаченици и исповедници“ – издание на Струмичката епархија
https://preminportal.mk/duhovnost-2/zhitija/21324-1952

Манастир Св. Никола - Љубанци - Скопска Црна Гора