Митрополит Струмички г.Наум :

„Возљубени мои духовни чеда во Господа,

 

                                                                                                               

Како и другпат што сум го толкувал пред повеќето од вас денешното евангелско четиво, така и сега сакам заедно да се потсетиме дека Марта го симболизира и отсликува првиот степен на духовниот раст, а тоа како што знаете е очистувањето на срцето од страстите односно практичниот подвиг; додека, пак, Марија го претставува повисокиот степен на духовниот раст – умносрдечната молитва и просветлувањето на умот односно теоријата или созерцанието.

            Овојпат сакам да го насочам вашето внимание на еден друг многу важен момент од оваа случка: Не може оној што е на степенот на очистување да го познава духовниот опит на оној што е на степенот на просветлување. Може да се интересира и може да чита (што е неопходно), а може да претпоставува и може да нагаѓа (што е опасно), ама да знае – не може. Затоа таквите, ако непаметно се обидат да зборуваат или толкуваат нешто за духовниот опит од повисокиот степен, многу лесно можат да згрешат. Се случува дури и да не се согласат со она што светите Отци ни го оставиле во наследство, што е многу лошо. А како треба да постапуваат за да не залутаат од патот?

Токму тоа сакав да ви го објаснам на примерот од Марта. Гледате и на Марта не ѝ е јасно тоа што го прави Марија, но таа не се обидува сама да го толкува тоа што се случува ниту пак оди и се расправа директно со Марија (затоа што љубовта не го дозволува тоа), туку многу правилно се упатува право кон Изворот на секое знаење, Господ наш, Богочовекот Исус Христос, и вели: Господи, зар нејќеш да знаеш дека сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне (Лука 10, 40). Секако, ние многу добро го знаеме одговорот, упатен со сострадување и прекор до сите нас, иако во нашиот живот многу го пренебрегнуваме: Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе (Лука 10, 41-42). Може ли секој од нас да си одговори на прашањето, колку време од 24-часовниот ден ѝ посветува на лично-соборната молитва насамо? И колку во тие претпоставени десетина минути молитва нашиот ум е собран во зборовите на молитвата? Се лажеме себеси ако е одговорот позитивен, нели?

Значи, каква поука можеме да извлечеме од поведението на Марта? Да не се превознесуваме со нашиот телесен односно горд, расеан и затемнет ум, и да толкуваме работи кои од личен опит не ни се познати. Потоа, секогаш да се смируваме пред она што од опит го велат светите Отци. И секогаш да бидеме во редовен контакт со нашиот духовен отец и да го прашуваме за она што не ни е јасно од прочитаното, слушнатото или помисленото.

А како треба да се однесува духовниот отец? Ова го прочитав кај некој од светогорските Старци од минатиот век, кој објаснува за тоа како треба да постапуваат духовниците кога ќе бидат прашани за умносрдечната молитва: Ако го имаат тој опит, треба да ги водат своите духовни чеда по патот на очистување од страстите кон откривање на местото на срцето или дарот Божји на соединување на умот и срцето; а ако го немаат, смирено да го признаат тоа, а не сешто да зборуваат против самиот подвиг на молитвата во срцето или против носителите на тој дар. Секое дрво по плодот се познава...“

 

 

 

 

 

 

Водоча- На денот на празникот посветен на Покровот на Пресвета Богородица

Посети: {moshits}