БЕСЕДА 40


За тоа дека сите добродетели и сите лоши дела се поврзани меѓу себе и како алки на ланец зависат едни од други.


Beseda40.jpg1. Возљубени, за надворешното подвижништво и за тоа кој начин на живот е повисок и прв треба да го знаете следново: сите добродетели се поврзани меѓу себе, како алки во некој духовен ланец зависат една од друга ‡ молитвата од љубовта, љубовта од радоста, радоста од кротоста, кротоста од смирението, смирението од служењето, служењето од надежта, надежта од верата, верата од послушанието, послушанието од едноставноста. Така и од спротивната страна, лошите дела зависат едно од друго ‡ омразата од раздразливоста, раздразливоста од гордоста, гордоста од суетата, суетата од неверието, неверието од жестокосрдноста, жестокосрдноста од неработењето, неработењето од мрзеливоста, мрзеливоста од унинието, унинието од нетрпеливоста, нетрпеливоста од сластољубието. Останатите делови од порокот исто така се меѓусебе поврзани, исто како што на добрата страна поврзани се меѓу себе и една од друга зависат добродетелите.
2. Главно, пак, во секоја добра желба и врв на заслугите е истрајното престојување во молитвата. Преку неа, измолувајќи ги од Бога, секојдневно можеме да ги стекнуваме и останатите добродетели. Оттука кај оние коишто се удостоиле произлегува заедничарењето во Божјата светост, во духовното дејствување, и сојузот на умственото расположение во неискажливата љубов кон Господа. Зашто оној кој секојдневно се принудува себе си да престојува во молитва, тој преку духовната љубов кон Бога се распалува за божествената приврзаност и пламената желба и ја прима благодатта на духовното совршенство, коешто осветува.
3. Прашање: Некои луѓе го продаваат имотот, ги ослободуваат робовите, ги исполнуваат заповедите, но не се трудат во овој свет да Го примат Духот, па зар тие, живеејќи на таков начин, нема да влезат во небесното царство?
Одговор: Тоа е суптилно прашање. Некои тврдат дека и царството е едно и геената е една. А ние велиме дека во истото тоа царство и во истата таа геена има многу степени, разлики и мери. Како што во сите членови на телото има една душа и таа дејствува нагоре, во мозокот, а надолу ги активира нозете, така и Божеството ги опфаќа сите твари, и небесните и оние кои се пониско од бездната, и насекаде целосно престојува во тварта, макар што според Својата неизмерност и неопфатност Тоа е и надвор од тварите. Според тоа, самото Божество ги слуша луѓето и во сите нешта домостроителствува премудро. Некои се молат не знаејќи што бараат, други постат, трети служат. А Бог, праведниот Судија, секого го нагредува според мерата на верата. Затоа што она што тие го прават го прават според стравот Божји, но не се сите тие синови, цареви, наследници.
4. Во светот едни се убијци, други блудничат, трети се разбојници, а исто така некои им го раздаваат својот имот на сиромашните. Господ гледа и на едните и на другите, и на оние што прават добро им дава успокојување и награда. Постојат обилни мери и постојат малечки мери, во самата светлина и во самата слава постојат разлики. Во самата геена и во казната постојат трујачи и разбојници, и други, коишто згрешиле во нешто малечко. А оние што тврдат дека царството е едно, геената е една и не постојат степени, тие зборуваат лошо. Колку има денеска луѓе во светот кои им се предадени на арените и на други разузданости? И колку има такви коишто се молат и се плашат од Бога? Бог гледа и на едните и на другите и како праведен Судија за едните приготвува успокојување, а за другите казна.
5. Луѓето ќе впрегнат коњи, па управуваат со борните коли и се нафрлаат еден на друг и секој се грижи да го турне и да го победи противникот. Така срцето на подвижниците претставува една арена ‡ таму лукавите духови се борат со душата, а Бог и ангелите ги гледаат подвизите. Освен тоа, секој час душата произведува многу нови помисли, а исто така многу нови помисли вложува и злобата. Зашто душата има многу сокриени помисли и во секој миг ги произведува и ги раѓа. И злобата има многу помисли и предлози, и секој час таа раѓа нови помисли против душата. Затоа што умот е јавач, тој ја впрегнува борната кола на душата, ги држи уздите на помислите и навалува на сатанската борна кола, бидејќи и сатаната ја подготвил таа борна кола против душата.
6. Прашање: Ако молитвата е успокојување, тогаш зошто некои велат: Не можеме да се молиме и не престојуваат во молитва?
Одговор: Самото успокојување (спокојство, мир) во своето изобилство води до милосрдието и до другите служења, како: посетата на браќата и служењето преку слово. И самата природа го бара тоа, човек да појде да се види со браќата и да каже некој збор. Она што е фрлено во оган не може да остане во неговата сопствена природа, туку неопходно и самото станува оган. Така, ако фрлиш во оган малечки камења, од тоа се добива малку вар. Ако човекот предлабоко се нурне во морето и отиде на самата средина, тој потонува и гине. А оној кој влегува во водата постепено, тој повторно сака да излезе, да исплива, да може да стигне до пристаништето и да ги види луѓето на земјата. Така е и во духовното. Некои влегуваат во длабочината на благодатта и повторно си спомнуваат за своите другари; и самата природа го бара тоа човек да слезе кај браќата, да ја исполни должноста на љубовта, да ги поткрепи со слово.
7. Прашање: Како е можно во исто време во срцето да се наоѓаат и благодатта и гревот?
Одговор: Ако има оган под некој бронзен сад, и потоа фатиш да му ставаш дрва, садот се стоплува и она што е внатре се вари и врие од огнот, кој е разгорен под садот. А ако некого го зафати мрза и не стави дрва, тогаш жарот ќе почне да се губи и да згаснува. Така и благодатта е небесен оган внатре во тебе. Ако се молиш и мислите свои ги предадеш на љубовта кон Христа, тоа е како да си ставил дрва, и твоите мисли ќе се претворат во оган и ќе потонат во љубовта Божја. Макар и да се оддалечува Духот и да е некако како надвор од тебе, сепак Тој и внатре во тебе престојува, а се јавува и надвор од тебе. А ако некој почне да не се труди, макар и малку да им се предаде на светските дела и на расејаноста, тогаш повторно доаѓа гревот и се облекува во душата и почнува да го угнетува човекот. Душата си спомнува за претходното спокојство и почнува да жали и почесто да страда.
8. Повторно умот се обраќа кон Бога, повторно почнува кон Него да се доближува претходното спокојство, повторно тој почнува посилно да Го бара Бога и вели: Те молам Господи! Тогаш постепено на душата ñ се додава оган, кој ја разгорува и успокојува, слично како кога јадицата набргу ја извлекува рибата од длабочината. А кога ова не би го имало и душата би вкусила од горчината и од смртта, тогаш како би можела да прави разлика меѓу горчливото и слаткото, смртта и животот, и да Му заблагодари на животворниот Отец и Син и Свет Дух во вековите! Амин.

 Издавач: ЃаконијА

Превод: о. Игор Калпаковски

Друго:

  • sv.Makarij.Veliki.jpg

Beseda36.jpgСв. Макариј Велики - БЕСЕДА 36 

 

Посети: {moshits}